Рохани: 25 милиони Иранци веќе биле заразени!
Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави во саботата (18/7) во Техеран, дека 25 милиони Иранци веќе биле инфицирани со коронавирусот, додека други 35 милиони се соочуваат со заканата да бидат заразени!
Според Рохани, ваквата бројка се заснива врз најновите сознанија на Министерството за здравство, за ситуацијата со пандемијата на теренот. Тој предупредил дека на земјата ќе и бидат потребни двојно повеќе болнички кревети од оние со кои се располага. Податоците што ги соопшти претседателот се неспоредливи со досегашните и се речиси десет пати повисоки. Досега, официјалната бројка на властите во Техеран, за бројот на инфицираните Иранци изнесуваше околу 270 илјади.
Шокантни бројки
Во самото телевизиско обраќање на претседателот, тој нема објаснето како настанала оваа огромна разлика во податоците.
„Ако денеска врз база на нашите сознанија, за тоа дека 25 милиони од популацијата во Иран веќе биле инфицирани и да претпоставиме дека остатокот од населението, околу 30 до 35 милиони ќе се инфицираат во следните месеци, тогаш излегува дека бројот на хоспитализираните во наредниот период ќе биде дуплиран, во однос на состојбата регистрирана во изминатите 150 денови“ – рекол Рохани во своето обраќање за иранската јавност.
Околу 14 илјади лица, досега починале од последиците од овој вирус, а други над 200 илјади биле примени во болниците, во периодот од поминатите пет месеци.
Иран има 80 милиони жители и важи за далеку најтешко погодена држава на Блискиот и на Средниот Исток, од пандемијата на овој вирус.
СЗО без коментар
Светската здравствена организација (СЗО) засега го нема коментирано ова признание и откритие на претседателот на Иран.
Тоа ќе треба да уследи, затоа што тоа доаѓа во време кога СЗО операира со бројата од 14,5 милиони инфицирани на глобално ниво, што е за десет милиони помалку од иранските податоци, само за таа земја, како бројката од 605 илјади починати пациенти.
Светската организација, во меѓувреме предупреди на интензивирање, а не на смирување на пандемијата на светско ниво, посочувајќи дека втор ден, едно по друго, светот бележи рекорден раст на новозаразени во еден ден. Во саботата, за 24 часови се регистрирани над 260 илјади нови болни, што е досегашен рекорд – најмногу во САД, па потоа во Бразил и Индија и во Јужна Африка.
Во САД во првиот ден од овој викенд има и најмногу починати, во еден ден, досега – дури 93о заболени пациенти.
Каталонија најзагрозена
Во Европа, ситуацијата е забележително посмирена, иако далеку од тоа дека пандемијата е ставена под контрола, посебно откако беа олабавени мерки за заштита и за неширење на вирусот.
Засега, најголеми проблеми (одново) има во Шпанија, и тоа посебно во Каталонија.
Само во еден ден во овој шпански регион се регистрирани нови 1200 случаи, па локалната каталонска влада нареди враќање на карантинот во Барселона и во нејзината околина. Од луѓето се бара овој викенд да останат во своите домови и да не излегуваат, доколку немаат за тоа итна потреба, или доколку треба да одат на работа. Исто така, одново е забрането собирање на повеќе од десет лица.
Сепак, луѓето и во овој дел од Шпанија, како и низ Европа и на Балканот, не ги почитуваат мерките за заштита, па голем број Каталонци се најдоа на плажите на каталонсиот брег,во реонот на Барселона, иако тие се забранети за посетување и за сончање и капење. Морала да интервенира полицијата која настојувала да ги растера капачите.
(С.Г.)