Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Турција : Бајрактар наместо „Султан“

Турција : Бајрактар наместо „Султан“

На локалните избори во Турција, претседателот Реџеп Таип Ердоган доживеа тежок пораз.

Неговата партија Правда и развој (АК) одново, како и на претхпдните локални избори ја загуби контролата во главниот град Анкара, како и во Истанбул, што му е посебно тешко на лидерот, затоа што од таму, пред безмалку четврт век , е започнато неговото владеење со земјата.

Поразот овојпат е потежок, затоа што АК партијата загуби во низа големи градови, што  се смета за тежок удар врз неговиот политички престиж, затоа што доаѓа само една година по освојувањето на третиот, едно по друго, мандат како претседател на државата- не успевајќи да ги увери гласачите на кои (очигледно) им е доста  од Ердоган.

Тешка економска ситуација

И овој пат ветуваше нов напредок на Турција, а во Истанбул и препород на градот, што тврдеше дека ќе го направи мегалополис за 16 милиони жители.

Но, гласачите се гневни поради тешката економска ситуација – со највисока инфлација во Европа. Таа официјално е над 65 отсто, а неофицијално двојно повисока, но и со највисоката основна камата од 50 отсто- па предност му дадоа на старо-новиот градоначалник Екрем Имамоглу кој заговара секуларна Турција, а во Анкара на Менсур Јавас.

Станува збор за политичка двојка за која се верува дека  ќе ја предводи опозицијата на следните претседателски избори во 2028 година. Тогаш Ердоган ќе нема право да се кандидира, затоа што Уставот дозволува најмногу до три мандати. Некои странски аналитичари, затоа, побрзаа поразот на локалните избори да го објаснат и како крај на политичката кариера и на- владеењето на Ердоган.

Копирање на рускиот модел ?

Домашни експерти , меѓутоа, предупредуваат дека иако самиот најави оти ова за него беа последни избори, не смее да се отфрли можноста – Ердоган да „заборави“ на ветувањето  – па во руски стил, како Владимир Путин, да го смени Уставот за да може да се кандидира  за уште еден мандат.

Впрочем, кога стана претседател- за да ја има целата власт во свои раце- тој едноставно одлучи да го смени Уставот и да воведе претседателски систем. Како   шеф на државата, од тогаш ја има контролата и врз владата и врз извршната власт во земјата.

Тоа , во новите политички  прилики ,меѓутоа, го прави ранлив  по овие избори , за нова узурпација на власта во путиновски стил, затоа што земјата не успева да се извлече од кризата, а експерти за тоа го обвинуваат претседателот.

Затоа, турските аналитичари повеќе веруваат во можноста- Ердоган кому од подамна му е доделен прекарот „Султан“- да се определи за варијантата , да постави свој човек , како негов наследник на претседателската функција.

Зетот како наследник

Во турската политичка јавност дури  се верува дека човекот веќе бил одбран. тоа е зетот на шефот на државата за една од неговите ќерки- Селчук Бајрактар кој  (формално)   е главен директор на воена компанија „Бајкар Макина“ ,  а како зет и бизнисмен тој се смета за човек во кого Ердоган има голема доверба.

За наследникот еден од домашните аналитичари има речено дека – „ без разлика што е во блиско сродство со претседателот, тој, сепак, има и знаење и умешност за да го наследи тастот кој ја губи популарноста“.

Роден е во Истанбул, во семејство на познати инжинери и уште како  млад се движи во високите политички кругови.  Дошколуван е во САД, каде станува и магистер- на  тема за летало земја-воздух без пилот.

По враќањето во Турција започнал да работи на првиот прототип на беспилотно летало-дрон и создава своја компанија- велат – силно потикнуван од Ердоган, за да може земјата да се ослободи од целосната зависност од Западот.

Ефикасни и евтини дронови

Бајрактар потекнува од семејство во кое таткото уште од младешки денови  бил  близок со Ердоган, што во земја  каква е Турција е мошне важно за напредување во животот и во бизнисот.

Во 2014 година Бајрактар го промовирал прототипот на дрон, оспособен за носење оружје. Иако турскиот модел не е софистициран колку американските, брзо се покажал ефикасен  и над се ефтин за одржување.

Веќе во 2022 година, моделот на дрон „Бајрактар“ е најдобро продаваниот модел на летало во светот. Овие беспилотни летала одиграа голема улога на почетокот од руската инвазија врз Украина , откако Украинците ги имаат користено за напади врз освојувачките руски сили.

Беа исто така користени и од војската на Азербејџан во воениот судир со Ерменците во Нагорно Карабах, кога Путин му дозволи на Ердоган да ги вооружува Азербејџанците, за да станат силно воено надмоќни над Ерменија и да ја натераат да се повлече од спорната покраина.

Во функција на изборната кампања

Дроновите „Бајрактар“  се лесни, едноставни за оперирање, имаат распон на крилјата од 12 метри и може да носат до четири проектили.

Конструкторот и сопственик на фабриката веќе му има помогнато на Ердоган и тоа за ланските  претседателски избори на кои овој стана по трет пат шеф на државата. Успехот со дроновите , Ердоган вешто го користеше во изборната кампања како свој успех и како успех на неговото , сега веќе силно авторитарно владеење, исполнето со десничарење, непотизам и засилен исламски национализам.

Успехот на дроновите „ Бајрактар“ низ светот за „Султанот“ беа потврда за успехот на неговата политика- Турција „ да стане глобална сила- како во времето на Отоманската империја“.

Зетот на претседателот, не зборува многу за овие работи,  но се знае дека , заговара  некаков „технонационализам“ кој ,како и да се означи, му се спротивставува на секуларизмот , што ја прави денешна Турција да биде се повеќе  поделена.

„Како ќе каже Ердоган“

Медиумите велат дека Бајрактар е  мошне популарен меѓу   делот од јавноста, кој важи за близок на  исламизмот. притоа силно подржувајќи го таткото на својата сопруга. И покрај ваквта определеност, пред се, поради својата успешност во бизнисот  важи за една од најпопуларните јавни личности во земјата.

Како сега стојат работите, во семејството на Ердоган нема претенденти за влез во политиката и за наследник на „газдата“ . Другиот ердоганов зет,  кој би можел да биде дел од еден ваков план, не успеа како министер за финансии, па беше принуден од тастот да поднесе оставка.

Бајрактар на тој начин останува сам и без конкуренција.  Зборува дека нема политички амбиции, но во едно интервју има речено дека „работите би можеле да се променат“ доколку тоа го побара тастот Ердоган. „Можеби во тој случај и би се согласил “- има речено Селчук Бајрактар за американскиот весник „Вол Стрит Џорнал“.

(С.Г.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе