Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Горди и без лажна патетика

Горди и без лажна патетика

Една госпоѓа, снимена во старински стил, демне од рекламните билборди за претседателските избори- буквално од секој агол.

Ако ја нема неа на билбордот,  веднаш до него има друг на кој е само  паролата што ја смислиле  од партијата што ја има кандидирано за највисоката функција во државата. Oчигледно,   сите исплашени дека нема доволно  пропаганда.

А,  паролата е дека – таа и нејзините – ќе ја направиле Македонија (одново)  да биде горда. Или што ќе рече, ова друштво ќе ни ја вратело гордоста, што актуелната власт – (наводно) ни ја има одземено.

Национал-популистички патос

Станува збор за една типична, вмровска , патетична порака на лажни париоти, која обично се нуди за избори од национално фрустрирани луѓе кои никако не може да излезат од 19 век.

Во време кога  изминуваат 24 години од новиот милениум –  во кои досега требаше  да  помине времето  за неизживеани националисти кои во секоја прилика, а посебно за избори,  не знаат друго да понудат. Според нив, наместо космополитизмот и европејството треба да се остане изолиран,  закопан во ровови, штитејќи го само својот народ, како да некој сака да го уништи.

Притоа ширејќи само  омраза кон другите,  карајќи се наместо соработувајќи, како да само ние во Македонија имаме историја и нерешени и отворени ситуации од минатото.

Најтажното во создавањето на ваквата атмосфера  е што  целиот тој националистички  патос е неискрен и служи само за партиски потреби. За да се држат  лугето депресирании и фрустрирани, со лажното чувство дека – нас никој не не сака.

„Патриоти„ и „предавници“

Тоа им успева на манипулаторите од националистичкиот блок, затоа што ниту после толку години македонска државност ,  Македонија нема изградено граѓанско општество. Наместо тоа, постои  партиско и националистичко, во кое луѓето се делат на „патриоти“ кои не се тоа и на “предавници“ кои  така се дисквалификуваат само затоа што не се вмровци.

Конечно,  (после оние 11 години режимска власт) земјата како да остана и без онаа мала интелектуална и културолошка  елита  (секоја чест на исклучоците) која секаде низ Европа,  во транзицијата, беше моторот  за движење напред, наместо овдешното  одењето назад-  во митовите и црнилата од минатото.

Овде не постои елита  која ќе ја покрене земјата, силно да зачекори на патот кон Европа и кон европската либерална демократија,  која нема  да се сокрива  зад политиката и политичарите. Како да не може да се разбере дека нема друг пат за  Македонија, за етничките Македонци и за сите другите кои живеат во неа.

Бегство од Европа

Додека тие кои се сметаат за некаква елита,  не се покренат, ќе се јавуваат на сцената  госпоѓи од времето на едноумието,  настојувајќи да не увери дека таа ќе не спасувала- превејќи не (одново) горди. Незабележувајќи, притоа,   дека државата е горда и без неа,  а дека враќање на „гордоста“  од времето кога нејзините газди ја растураа државата-  е опасно за сите нас.

Колку за потсетување, Македонија никогаш до сега немала олку висока меѓународна позиција и престиж- како членка на НАТО сојузот од  32 членки , која за прв пат, е силно  зачекорена и кон  членството во ЕУ. Во ова време ќе беа започнати и преговорите за влез , доколку  таа госпоѓа, како пратеничка и дел од друштвото  на лажни патриоти, уште еднаш не го блокираа европскиот пат.

За неа и за нејзините не е важно дека преку европскиот пат се доаѓа и до конечната афирмација  на македонската посебност, онака како што  се истакнува и во  Словенија и во Хрватска.

Вмровското дружество , меѓутоа,  одново потврди дека го отфрла непобитниот факт  дека – ние сме и можеме да бидеме само дел од Европа. Македонскиот  јазик е дел од европските јазици, а нашата култура дел од европската – и за тоа од никого и од никаде не ни е потребен цертификат.

Македонија е горда

Македонија и нејзините граѓани,пак, се горди и  затоа што живеат  и подобро и побогато, како никогаш до сега- гледано низ просекот на платите и пензиите и низ другите социјални давачки ки изминатите години забележаа висок раст.

Без разлика што се уште зенјата заостанува зад европското ниво. Најмногу затоа што во 11-те години на едноумие,ништо од тоа не се направи, бидејќи  наместо  зголемување на стандардот, се создаваа трумфални порти и антички градови, преку кои власта  переше пари.

А, можеби најмногу треба да сме    горда што  земјата не е повеќе држава-деспотија, како  во годините на  вмровскиот, криминален  режим , создаден по урнек на рускиот и белорускиот модел на клептократија.

Создаден од купената „нова класа“ послушници и богаташи која му е лојална на „газдата“- партиски лидер кој ја има создадена- за да гласа за него, а тој за да владее како Македонија да е негова. Важно е дека сега  не сме повеќе  целосно заробена држава- модел на апсолутно владеење-  со кое Европа за прв пат се соочи, токму во македонскиот случај.

Враќање во минатото

Што тогаш нуди и воопшто може да понуди таа госпоѓа како евентуален претседател- за да ни ја вратела гордоста.

Ништо, освен што може само да не врати назад во изолација и во времето кое режимот се обиде  да го заштити со пуч, откако   храбри луѓе  и вистински патриоти направија договори низ компромиси во интерес на иднината на државата и придонесоа   земјата  да излезе на вистинскиот, европски  пат .

Оваа госпоѓа сега како да сака да ни каже дека ќе се враќаме назад, со  бришење на постигнатото , што би значело и откажување од НАТО и од ЕУ и одново префрлање на Исток, таму каде не припаѓаме и каде никогаш не сме биле. За да се биле одново горди.

Излегува дека ќе треба да се вратиме на путинизација на земјата, со истите кадри што ги создаде и ги остави избеганиот  семоќен  деспот- лидер  кој  го започна тој процес,  за да може  да владее безгранично. Продвајќи им на неговите и на наивните лажни приказни, менувајќи ни го словенскиот идентитет и ветувајќи кули од картон и хартија.

„Горди“ во заробена држава

Според тоа, за да бидеме горди како замислиле газдите на госпоѓата од билбордите, ќе треба да прифатиме одново да ги прислушуваат нашите телефонски разговори и да се согласиме дека земањето  поткуп на највисоко државно ниво, според она- „шефе колку да им земеме на жутите“ – не е криминал, туку горд, патриотски чин.

Веројатно гордоста ќе се врати врати и  живеејќи во заробена држава,  со  заробено судство, со јавност која ќе биде хранета со  дезинформации и лажни вести.Оставена, практично, без вистински медиуми, затоа што и тие ќе бидат дел од шемата по која  владеат вмровците кои госпоѓата  ни ги рекламира- како  горда иднина.

Тоа и го нуди таа на јавноста во Македонија, затоа што ншито друго и не може да понуди. Не само затоа што функцијата шеф на државата има уставни рамки, туку и затоа што  нејзиниот  националистички табор , друго и не може да смисли. За нив патриотизмот, гордоста и лојалноста се гледа само како вечна верност кон вмровската партија.

(Спектатор)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе