Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Ирански „камикази“ дронови против Израел

Ирански „камикази“ дронови против Израел

Во ноќта меѓу саботата и неделата, во една одмазничка операција, како што Техеран самиот ја има наречено,  Иран го нападна Израел, директно од својата територија.

Во долгото непријателство што трае меѓу двете земји , уште од победата на исламската револуција пред 40 години, беше само прашање кога воено ќе се судрат. Но, без преседан е постапката на режимот во Техеран-  да се нападне израелската територија од Иран, користејќи  стотици беспилотни летала и ракети.

Убиство на командант на ирански Кудс

Иран зборува за „легална казна“ , поради израелскиот воздушен  напад врз зградата на иранскиот конзулат во Дамаск,  од 1 април во кој беа убиени неколку високи ирански воени команданти.

Техеран веднаш за нападот го обвини Израел, на што од Тел Авив не реагираа, па остана уверувањето дека станува збор за израелска акција, Особено што меѓу убиените во нападот се наоѓа и бригадниот генерал Реза Захеди, командант на силите на Кудс, специјални  единици на Иранската револуционерна гарда (ИРГ) задолжени за воени операции во странство.

Тој беше клучната личност за иранските операции со вооружување  и обука на  силите на либанската шиитска група Хезболах. Преку каналите на ИРГ , во Сирија масовно се префрла воена опрема од Иран, во што се вклучени и  ракети кои преку сириската територија се испорачуваат на Хезболах чии единици  ја ракетираат територијата на Израел од север- секогаш кога тоа ќе го наложи Техеран.

Израел се обидува да ги запира ваквите испораки , заедно со настојувањето да го елиминира , или барем да го попречува военото инсталирање на Иран на сириска територија, што е видливо во изминатите месеци.

Напад со 300 дронови и ракети

Елиминирањето командантите на Кудс во Дамаск, и тоа во време кога Израел е во војна со палестинската терористичка организација Хамас- која исто така со пари и оружје е снабдувана од Иранците – само ја има  засилено  иранската увереност во  изреалската вина.

Особено што Израелците , со месеци, на ред, повремено, на разни начини ги елеминираат командантите на ИРГ за кои се знае дека со своето дејствување на  Блискиот Исток- се дирекна закана за безбедноста на Израел.

Се верува дека официјален Техеран  е  под стален притисок од својата ултра десница, а посебно од ИРГ, која во земјата  се поставува како држава во држава . Затоа, ликвидација на човекот што (практично) управуваше со Хезболах, остава впечаток како Иран овој пат да морало да реагира.

А, токму таа реакција е она што  сите ги изненади- со над 300 дронови и ракети кои беа лансирани кон Израел. Тоа треба да се прими како  демонстрација на сила, но и како закана за Израелците и за иранските арапски соседи- во кои живеат шиити, кои режимот на Техеран ги смета за свои- обврзан да ги заштитува.

Страв од воена ескалација

Во целата оваа иранска  операција, која преку целата ноќ за време на викендот предизвикуваше страв дека регионот, а со тое и светот влегуваат во опасна ескалација и во воен судир од поголеми размери, Израел остана мирен.

Од таму  порачуваа дека чекаат  дроновите  да пристигнат, уверувајќи ја домашната и светската јавност дека Израелските одбранбени сили (ИДФ) се подготвени за да ги пречекаат.

Така и излезе , откако  т.н. ракетна одбранбена купола, која ја штити израелската територија, заедно со уште цела низа други анти-ракетни системи, одново функционираа (велат) беспрекорно.

Иранските дронови и ракети (според израелските воени команданти) во најголем број (99 отсто) биле уништени уште пред да нанесат штета . Само минимален дел од нив се имаат пробиено, предизвикувајќи незначителни оштетувања. Нема загинати и повредени  во масовните напади, нема разурнувања, а оштетена и тоа незначително , била само една помала израелска воена база , на југот од државата.

Нејасна реакцијата на Израел

Во оваа одбранбена операција Израел, сепак, не беше оставен сам. Во пресретнувањето и во соборувањето на дроновите и на проектилите помагаа и американските воени сили во регионот, како и британските и француските авиони и воени бродови.

Но, во операцијата се вклучи и Јордан кој има соборено дронови кои  летале преку неговата територија, откако  владата во Аман го затвори својот воздушен простор и навести дека ќе ги елиминира леталата што ќе летаат преку Јордан.

Кога Техеран објави дека го прекинува нападот, затоа што му била „одржано лекција на Израел“ и земјата била казнета, вознемиренста не престана, иако израелската влада објави дека одново го има отворено својот воздушен простор.

Стравот од тоа што ќе биде понатаму, го предизвикуваше очекувањето на реакцијата од Израел.

Давид помоќен од Голијат

Премиерот Бенјамин Нетанијаху претходно објави дека – секој кој ќе ја нападне неговата земја, ќе се соочи со израелскиот одговор. За  тој одговор не се знае ниту каков ќе биде, а ниту кога ќе уследи и тоа е она што загрижува.

Некои воени аналитичари дури очекуваа веднаш војна меѓу двете земји, а други  избрзано реагираа со правење сценарија за „светска војна“, иако е јасно дека таа не е можна, во обемот каков се памети од минатото. Меѓутоа,  воени експерти  забрзано настојуваат  да ги утврдат воените капацитети на Иран и Израел.

Според територијата и населението тие се како Давид и Голијат. Иран има речиси 90 милиони жители, или околу десет пати повеќе од Израел , што сепак не го прави и поголема воена сила.

Како и да е, Иран има многу инвестирано во ракети и во дронови и се претвора во респектабилна воена сила во регионот, без разлика што земјата ги вооружува и Хутите во Јемен и  Хезболах во Либан. Освен тоа, иранските сили заостануваат кога станува збор за модерните против-воздушни системи и  современи борбени авиони.

Москва не може да помага

Се верува дека Москва, која стана сојузник на Техерен уште  кога Русија и Иран го спасуваа и го спасија режимот на Башир ал Асад во десетгодишната граѓанска војна во Сирија, ќе го вооружува Иран со она што му недостасува.

Тоа треба да биде возвратна помош за бројните дронови Шахед, што Иранците му ги испорачуваат на Владимир Путин за војната против Украина. Експерти, сепак,  велат дека тоа нема да оди брзо, затоа што украинската војна, откри  дека и Русија нема доволно современо и посебно најсовремено оружје за својата војска.

За споредба со иранската воена сила,  Израел, пак,  има едни од најсовремените воздушни сили во светот.

Анализите покажуваат дека Израелците имаат над 14 ескадрони од најсовремени борбени авиони,вклучувајќи ги и Ф-15с, потоа Ф-16с, како и најновите Ф-35 стелт воени авиони. Освен тоа, израелската армија е способна да нападне длабоко на напријателската територија.

Вашингтон ја спречи одмаздата

Сите овие споредувања и  нагаѓања, засега како да остануваат на стенд-бај, откако американскиот претседател Џо Бајден ја има минато ноќта со своите советници за безбедност, барајќи од Израел и од Нетанијаху да се воздржи од реакција.

Воениот кабинет на Израел, како што јавуваат тамошните медиуми, на крајот го има прифатено барањето на САД. Особено, откако Америка предупреди дека нема да партиципира во евентуален изреалски напад врз Иран.

Според медиумите во Вашингтон, претседателот Бајден го има предупредено Нетанијаху да биде „максимално внимателен“ со реакцијата.

„Размисли многу и размисли внимателно што ќе направиш, но размислувај и стретегиски со одговорот за нападот без преседан изведен од Иран“- му има речено американскиот претседател на израелскиот премиер.

(С.С.Г.)

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе