Хилари Клинтон против втор мандат за Трамп
Поранешниот американски сенатор и државен секретар во Стејт департментот, Хилари Клинтон, изјавила дека САД никако не смеат да си дозволат уште четири години со претседател каков што е Доналд Трамп. Таа додава дека ќе стори се што е во нејзината моќ, на изборите во ноември оваа година, да победат демократите.
Хилари која по поразот од Трамп на претседателските избори во 2016 година , практично, се повлече од политиката и засега е речиси сосема надвор од актуелната кампања за номинација во Демократската партија, не ја коментира постапката околу импичментот на актуелниот шеф на државата. Но , деновиве се појави во јавност и реши да проговори на премиерата на автобиографската, документарна серија, под наслов „Хилари“, на режисерката Нанет Барнстин, што се одржа на фестивалот Санденс.
Битка против лажните информации
Пречекана од новинарите со прашања врзани за актуелните случувања во американската политика, таа без ниту еднаш да го спомене името на Трамп, рекла дека „победа на демократите на изборите сега е најважна“.
-Никако не може да се дозволат нови четири години со сегашниот претседател на САД. Тоа е опасно за американската демократија- рекла Клинтон, додавајќи дека Демократската партија мора да биде подобра од противничките републиканци.
Индиректно таа има ставено низа забелешки на водството на својата партија за тоа како до сега се води кампањата, за која Хилари смета дека заостанува зад онаа на противничкиот табор, за кој рекла дека е подобро организиран, подобро финансиран и згора на се- има и странска помош!
Таа им порачала на „своите“ демократи да не се дозволи намалување на бројот на електоратите, управување со пиратеријата и со користење украдени документи во непријателски цели.
„Мора да се спротивставиме на лажните информации кои кружат по социјалните мрежи , било да се од САД, или пак да доаѓаат од странство. Тоа ние е неопходно за да се заштитат американските гласачи“- рекла Хилари Клинтон.
Политичка пресуда ?
Нејзината остра изјава, во која таа изнесува детали за валканите игри против демократите, доаѓа во време додека трае судењето на претседателот Трамп пред Сенатот.
Досегашниот тек на судењето поминува во изнесување на факти кои сериозно го обвинуваат претседателот, за тоа дека ја уценувал Украина со давање на доделената воена помош, доколку властите во Киев не отворат истрага за Џо Бајден и неговиот син, кој едно време има работено за една украинска нафтена фирма, додека татко му беше потпретседател на САД.
Освен тоа, се појавија и снимки на кои се слуша како Трамп бара – „да се мавне “- од позицијата поранешната амбасадорка на САД во Киев Мари Јованович, која тој ја сомничи дека „работела против интересите на Америка“, што ќе рече, не соработувала околу притисоците врз Киев за наклеветување на Бајденовци.
Ваквите докази, меѓутоа, изгледа дека малку ќе придонесат за осудувањето на претседателот, па се очекува одлуката да биде политичка. Тоа значи дека Сенатот ќе го ослободи Трамп затоа што мнозинството од сенаторите се републиканци. За осуда и за тргање на претседателот од Белата куќа е потребно двотретинско мнозинство.
(В.А.)