Австралија – изгорена и задушена во чад
Силен дожд со град и грмотевици го погодија Мелбурн и неговата околина, а посилни врнежи, по подолго време имаше и во делови од сојузната држава Нов Јужен Велс.
Во делови од Мелбурн, добро исушен од долготрајното суво и топло време, дури дојде до поплави. Врнежите, посебно во околината на градовите но и во руралните средини создадоа кал и бари со каллива вода, но сите кои живеат во тие делови на Австралија се согласуваат дека како никогаш досега луѓето му се израдуваа поради невремето и силниот дожд.
Австралиските телевизиски станици пренесуваат сцени на весели луѓе кои едноставно стојат на силниот дожд. Или деца од различна возраст како распалавени се лизгаат по калливите улици, како да се покриени со снег. Сите тие му се радуваат на невремето, на врнежите и на влагата што најпосле го освежија измаченото население во централните и јужните делови на Австралија, со месеци погодени од суша, високи температури и катастрофални пожари.
Еродирани подрачја
Бројните пожарникарски екипи исто така се задоволни, затоа што конечно можат малку да здивнат, во неколку месечната нерамноправна битка со огнената стихија. Во изјави за локалните медиуми тие тврдат дека во областите каде што заврна силен дожд, некои од жариштата се сосема изгаснати.
Меѓутоа, дожд не заврна во сите делови од сојузната држава Нов Јужен Велс и од соседната Викторија. Затоа во опожарените зони во овие држави, таму каде што нема заврнато, или каде паднале само мали количини дожд, опасноста од обнова на пожарите останува голема.
Според пожарникарите, се уште има бројни локации каде огновите сега само тлеат, но на овие места, оставени без неопходната влага, малку им треба за да одново избувнат. Уште повеќе што како закана се јавуваат ерозираните терени, поради големите пожари, кои сега многу потешко и побавно ја впиваат влагата, дури и да заврнат посилни дождови.
Австралија е позната по тоа што секоја година има сезона на (шумски) пожари, онака како што во Јужна и Југоисточна Азија има сезони на монсунски дождови. Пожарите секоја година се со различен интензитет, за нивното настанување знаат сите во оваа земја па, повеќето, главно се подготвени за одбрана, Но, овој пат, ништо со времето и со пожарите не е како што Австралијанците навикнале да биде.
Рекордно сушна година
Земјата уште од почетокот на 2019 година, во времето кога таму е зима, беше зафатена со суво време и со повисоки просечни температури од обично. Кога тоа се оддолжи, стана јасно дека Австралија ја очекува долга, сушна година, а тоа, како што објаснуваат климатските експерти, предизвика многу порано, уште од септември, да започна сезоната на пожарите.
На почетокот изгледаше дека искусните противпожарни екипи ќе се справат со шумските пожари, но не само што не успеаја ситуацијата да ја одржуваат под контрола, туку се соочија со огнена стихија од катастрофални размери. Метеоролозите објаснуваат дека нивото на врнежи во изминатата година било без малку три пати пониско од просечното, што се смета за директна последица за големата суша, за исушената почва и за тоа пожарите, потоа, да ја опустошат земјата.
Пожарите од кои Австралија не може да се ослободи ниту после 4,5 месеци големи битки, во кои од скоро се вклучија и над три илјади припадници на австралиската армија, од непогода, прераснаа и во политичка тема.
Поголемиот дел од јавноста и медиумите го обвинуваат премиерот за „неодговорно однесување“ (во екот на кризата тој со семејството замина на одмор во САД, на Хаваите).
Под притисок на јавноста и на неговите сопартијци од тамошната либерална партија, се врати дома, но потоа влезе во расправија околу тоа – што е основната причина за катастрофалниот обем на пожарите – климатските промени, како што тврдат експертите и најголемиот дел од домашната јавност, или пак станува збор за „хирови на природата“ какви таа знае да предизвика.
Милијарда угинати животни
Атмосферата на домашната политичка сцена стана жешка колку и онаа во австралиските шуми.
Но силината на стихијата ги принуди домашните политичари и целата јавност кавгите и барањето оставка за премиерот да го остават за подоцна, затоа што пожарите веќе достигна досега невидени размери, зафаќајќи површина од 60 илјади квадратни километри, по обем дури десет пати поголем од катастрофалниот пожар во Калифорнија од пред неколку години.
Огнот му се закануваше на најголемиот град Сиднеј кон кој се приближуваше од неколку страни, ставајќи го повеќе милионскиот град и југоисточниот дел од Нов Јужен Велс, под опсада. Дури и небото на западниот хоризонт на Окланд, во Нов Зеланд, стана црвено во далечината, иако градот е оддалечен повеќе од три часови лет од Сиднеј, додека ветровите движејќи се од Австралија кон истокот и кон Пацификот, донесоа чад и миризба на изгорено.
Првите биланси се застрашувачки- како кон луѓето, така и кон флората и фауната.
Досега се регистрирани една милијарда (!) угинати, или изгорени најразлични животни, уништени се над 1600 домови, површина зафатена со огнот колку двете американски сојузни држави – Вермонт и Њу Хемпшајар, заедно – загубени 25 човечки животи, застрашувачко влошување на квалитетот на воздухот во Сиднеј и Нов Јужен Велс, како и во Мелбурн и Викторија, кое станува опасно по здравјето на луѓето.
Пепелот од Австралија во Јужна Америка
Во Сиднеј некои од неговите жители се жалат на проблеми со дишењето, со грлото и гласните жици, како и со главоболки.
Маглата од чад која е надвисната над овој простор во јужна Австралија создава сериозни проблеми и за спортистите, па некои весници од Мелбурн објавија слики од една тенисерка која се онесвестила на теренот, не можејќи да диши нормално и да игра. Според здравствените власти, бројот на интервенциите се зголемил за 84 отсто.
Пепелот и чадот од австралиските пожари што ги носат ветерот и воздушните струи, се префрлил на Антарктикот, како и преку Тихиот Океан, па траги од пепел се забележано и на бреговите и високите планини во Јужна Америка.
Властите во меѓувреме соопштија дека биле уапсени 24 лица, обвинети за подметнување пожари, покрај оние кои сушата, високите температури (некаде во еден момент и до 49 степени Целзиусови) и ветрот, имаат придонесено за катастрофалните размери на сезоната на пожарите. Полицијата има соопштено дека од ноември 2019 година покренала постапка против 183 лица, од кои 40 биле малолетници.
Виновни – климатските промени
Вакви случаи имало секоја година, а многу е веројатно дека ќе ги има и во следната, но далеку најголем број од Австралијанците верува дека ова што им се случува во оваа сезона на пожарите, пред се, е последица на климатските промени.
На тој план, меѓутоа, владата повеќе е наклонета кон позициите на американскиот претседател Доналд Трамп кој ги извлече САД од глобалниот договор за климата што, инаку, го потпиша неговиот претходник Барак Обама.
Австралиската влада и на последниот Самит за климата во Мадрид се држела подалеку од позициите на мнозинството од земјите, кои се залагале за порадикална пресметка на целиот свет, против климатските промени кои се закануваат со уште потешки последици за планетата Земја и за луѓето од оние што досега се имаат случено.
Дождовите од пред некој ден, секако, имаат помогнато за „земање здив“ на сите – и на австралиските пожарникари, и на властите и на луѓето во Австралија – кои живеат во опожарени услови 4,5 месеци.
Сите, меѓутоа, знаат дека битката со пожарите се уште не е добиена.
(Г.И.)