Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Масакр во Москва

Масакр во Москва

Во петокот, на 22 март, во Москва беше закажан концерт на групата „Пикник“. Концерот беше предвидено да се одржи во салата на „Крокус Сити Хол“ комплексот, сместен подалеку од центарот на рускиот главен град. Но, наместо концерт и забава, се случи терористички напад и  вистински масакр во кој- колку што досега се знае- има 140 убиени и загинати и 200 повредени лица.

Маскирана група во која биле  четворица напаѓачи , вооружена со автоматско оружје, фрлајќи и „молотови коктели„  за да предизвикаат пожар и да создадат паника, имаат предизвикано вистински хаос , во комплексот и во салата, што довело до  стампедо кое придонело за големиот број човечки жртви.

Таџикистанци и странци

Русија и посебно Москва од тогаш се во вистински шок, прашувајќи се – како воопшто беше можно терористите да се приближат до концертната сала, покрај обезбедувањето и бројните редари, како и тоа кој стои зад еден ваков терористички напад и зашто воопшто  е изведен на руска територија и посебно во главниот град.

Особено, што сето тоа, се случи само после неколку денови откако семоќниот лидер Владимир Путин јавно порача дека безбедносната ситуација во земјата е стабилна и дека  Русија не се соочува со никаква закана.

Кремљ мошне брзо ( за вакви ситуации) се огласи дека четворицата напаѓачи се фатени, дека сите се државјани на Таџикистан, дека се уапсени и седумина други- врзани за нападот- како и тоа дека сите се странци.

Избрзано обвинување за Украина

Од надвор, меѓутоа, се огласи џихадистичката Исламска држава, со која Русија војуваше во Сирија, за да го одбрани режинот на Башир ал Асад, за тоа дека нејзини борци го имаат извршено нападот.

Всушност, се огласи филијалата на оваа терористичка организација, позната како ИСИС-К која како доказ за тоа што го има направено, на интернет има испратено и слики од убивањето на недолжните цивили, дојдени на концерт. Нешто налик на она што го направи палестински Хамас, на 7 октоври убивајќи и колејќи млади луѓе дојдени на мировен конццерт, на југот од Израел, во близзината на границата со Газа.

Официјална Русија, меѓутоа, која повеќе од две години војува против Украина, безмилосно убивајќи и уништувајќи ја оваа земја, многу брзо се огласи со обвинување дека во терористичкиот напад била вмешана- Украина.

Затоа што напаѓачите , наводно, бегале кон украинската граница, а уште повеќе, затоа што руското контраразузнавање ФСБ објави дека терористите „имале контакти на украинската страна“ од границата. Иако, во случајов,  оваа агенција би требало прво да ја преиспитаат својата одговорност за пропустите што ги имаат направено.

Пропуст на безбедносните служби

Во меѓувремено, се огласи и претседателот на Таџикистан ( една од поранешнуте републики на распаднатиот СССР) кој не демантирајќи практично ништо, зборува дека  “терористите се луѓе без националност, без државјанство и без вера“- давајќи му само силна подршка на Путин.

Тоа дека терористите се обиделе да се префрлат во Украина, сепак, ништо не значи, затоа што од Москва и нема каде  да избегаат.

Затоа, масакрот во рускиот главен град веднаш стана дел од пропагандната војна меѓу двете завојувани страни. Во такви услови, најлесно и делува најуверливо е да се отфрли  изјавата на Исламска држава (ИД) и да се обвинат Украинците .

На Кремљ му е потребно вакво обвинување ( иако нема доказ ), бидејќи  во една Русија и со режим каков што постои , многу лесно во домашната јавност може да помине секаква изјава- за да се оправда инвазијата од пред 22 месеци, за да се оправдаат злосторствата на украинска територија и за да се покрие безбедносниот пропуст во „Крокус Сити Хол“.

Игнорирано предупредувањето од САД

Како и да се реагира по нападот, останува  дека Русија била предупредена за можен напад и тоа од САД, но ништо нема преземено. Американските тајни служби навестиле дека е можна „поголема терористичка акција на руска територија“. Амбасадата во Москва , веднаш по тоа, јавно ги има предупредено Американците кои живаат во главниот руски град , да избегнуваат секакви масовни собирања, вклучувајќи и концерти.

Но, Кремљ и Путин на тоа реагирале со игнорирање, означувајќи го американското предупредување како – провокација на САД.

Не е прв пат Русија да биде жртва на терористички напад од поголеми размери, многу  години пред инвазијата врз Украина. Во првата декада на овој век- се случија два такви напади. И тие тогаш доаѓаа од кавкаскиот регион.

Неколку стотина лица, главно деца, беа жртви на терористичкиот напад врз едно основно училиште во Беслан и на лошо изведената операција на спасување на децата-заложници, а некоја година по тоа, таков напад од исламски екстремисти, беше изведен  и врз едно московско кино.

Закана од Блискиот Исток и Азија

Сегашниот напад во Москва, сепак, доаѓа од Блискиот Исток и од Средна Азија, па затоа безбедносни експерти објаснуваат дека иако се обвинува Киев, вината е на другата страна и тоа се прави само- за да се спречи гнев на јавноста за безбедносниот пропуст, преку што  таквиот гнев би се насочил и кон власта.

Конечно, самата Русија , на три пати пред масакрот во Москва , откри неколку сериозни  инциденти , поврзани со милитантниот исламизам на руска територија.

На 3 март, шестмина членови на џихадистичкиот ИД беа ликвидирани во оружена анти терористичка пресметка во Ингушетија. На 7 март, била ликвидирана тајната исламистичка организација „Вилает Корасан“ во регионот Калуга. Наводно, сакале да изведат терористички напад врз синагога во Москва. На 20 март, пак, бил уапсен еден од лидерите на ИСИС-К.

Џихадисти од екс СССР

Сегашниот напад  во московсковскиот „Крокус Сити Хол“ се смета како „одмазада врз Русите, затоа што Москва, со замешувањето во граѓанската војна во Сирија, во 2015 година, го има изменето нејзиниот тек, во полза на режимот на Асад“.

Џихадистите кои ја презедоа одговорноста, гледаат на Русија како на „соучесник во уништувањето на муслиманите“. Оваа организација се смета себе си за филијала  на главната џихадистичка ИД , додавајќи ја буквата К на името, извлечено од стариот термин за исламската област, Корасан која сега е разделена меѓу Иран, Туркменистан и Авганистан.

Се верува дека главнината на екстремистите во ИСИС-К се регрутираат од државите кои порано беа републики во некогашниот СССР. Но, техниката на нивното дејствување е исто како на оригиналните џихадисти.

Тие и во Москва, почнале да пукаат и да убиваат уште во ходниците на центарот, пред да влезат во салата, кога настанала и паниката и каде е главнината од жртвите.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе