Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Кралицата Елизабета почина – Чарлс е новиот крал

Кралицата Елизабета почина – Чарлс е новиот крал

Во дворецот Балморал во Шкотска, каде престојуваше во текот на летото, почина британската кралица Елизабета Втора. Имаше 96 години и беше монарх на Велика Британија и на уште 14 други земји од редот на Комонвелтот, вклучувајќи ги и Канада, Австралија и Нов Зеланд. Беше и поглавар на англиканската црква.

На престолот помина 70 години, како ниту еден друг англиски и британски монарх во богата историја на круната,  која е долга илјада години. На тронот беше од февруари 1952 година, веднаш по смрта на нејзиниот татко , кралот Џорџ Шести.

Крунисувањето беше изведено  во јуни 1953 година, во катедралната црква Вестминстер Аби, во центарот на Лондон. Во оваа црква , таа во 1947 година се има венчано со  (тогашниот ) принц од Грција Филип , кој за да може да стане сопруг на во тоа време, британската престолонаследничка Елизабета, се откажува од својата титула и станува британски државјанин.

Кралот е мртов- да живее кралот

Нема детали за причината за смрта, освен разните шпекулации во дел од лондонските медиуми, но во службеното соопштение е речено дека кралицата починала мирно, опкружена со членовите на нејзиното најблиско семејство.

Тројцата синови и ќерката, како и внукот , принцот Вилијам- новиот британски престолонаследник кои допатуваа во 150 години стариот дворец во Шкотска,  откако биле известени  дека дошло до нагло влошување на здравјето на кралицата.

Според старата, кралска традиција- кралот е мртов, да живее кралот- во истиот момент кога лекарите ја имаат констатирано смрта на кралицата, досегашниот престолонаследник, принцот Чарлс беше прогласен за новиот британски монарх. Го има одбрано името Чарлс Трети.

Кралицата веќе неколку месеци ретко се појавуваше во јавноста и тоа лекарите на Бакингамската палата го објаснуваа со нејзините проблеми со одењето, поради што на неколку пати се беше појавено потпирајќи се со бастум.

Во вторникот , во Балморал, а не како што е редот во кралската палата во Лондон, таа формално, прво  ја прифати оставката на доскорешниот премиер Борис Џонсон , а потоа се сретна со новиот лидер на конзерватвците Елизабет Трас на која и врачи мандат за создавање нова британска влада.

Последна службена средба- со Лиз Трас

Фотографијата што беше објавена ден потоа, за средбата на Трас со кралицата, меѓутоа,  покажа за прв пат колку е таа ослабната и речиси непрепознатлива, иако никој не се обиде да нагаѓа што е причината за нејзината оронатост во само неколку месеци , од јунската прослава на нејзиниот платинаст јубилеј- седум децении на британскиот престол.

Излезе дека новата премиерка е последната која- несметајќи го семејството- ја има видено жива кралицата. Само 48 часови подоцна, Елизабета почина, а  на Британија во два дена и се случи двојна транзиција- да има прво нов премиер, а потоа и нов монарх- за прв пат по 70 години- нов крал.

Затоа, иако во длабока старост, смрта на кралицата и во Британија и низ светот доаѓа како изнендување. Се веруваше дека ја има наследено долговечноста на нејзината мајка која почина во 2002 година на 101 година.

Наместо тоа, сега се прават рекапитулации на нејзниот долг живот и на нејзините седум децении како британски монарх. За американското Си-Ен-Ен светот ќе треба сега да се навикнува да живее без препознатливот насмеан лик на кралицата Елизабета, затоа што сите луѓе на возраст под 72 години не го знаат светот без неа како британски суверен.

Крај на втората елизабетинска епоха

Премиерката Трас во своето обраќања ја нарече починатата кралица како – „карпа околу која се има изградено современа Британија“ – означувајќи дека Обединето кралство го завршува долгиот период означен како – второто елизабетинско време- и влегува во новото време , на новиот британски крал. Времето на неговта мајка сега ќе се памети како долгите години на престолот докде се мануваа и Британија и Европа и светот.

Елизебата стана принцеза и престолонаследничка, а потоа и кралица во еден  неочекуван расплет на настаните во кралското семејство и околу него.  Нејзиниот татко, стана крал Џорџ Шести , откако неговиот постар брат и крал Едвард Седми абдицираше во 1936 година од престолот, по само неколку месеци и пред воопшто да биде крунисан. На ваквиот радикален чекор се одлучи за тоа што владата и кралското семејство не му дозволија да се ожени со двапати разведената Американка Волис Симпсон.

Аферата и скандалот за кој до денешен ден се прават разни анализи , заврши со крунисување на таткото на Елизабета за нов крал во турбулентните години пред Втората светска војна во која младата принцеза се има вклучено , како дел од британската територијална одбрана.

Сведок на падот на империјата

Како кралица, Елизабета заедно со сите Британци ги има поминато турбулентните пост- воени години на рационализирано снабдување, на речиси банкротирана економија, целосно истрошена во војната, на невработеност и на распад на дотогашната британска империја.

Стагнацијата на земјата се има оддолжено се до доаѓањето на премиерските позиции – прво на Маргарет Тачер, а потоа и на Тони Блер, од кога тргнува големиот полет на британската економија, за да таа денеска се нареди меѓу првите пет во светот.

Во своите 70 години како кралица, таа ги има поминато Суецката криза во 1956 година, губењето на сите колонии, времето на Студената војна, влегувањето на Британија во ЕЕЗ после десет години чекање, Заливската војна и бројните владини кризи во кои Елизабета можеше само да помага , од страна, затоа што по Уставот монархот нема право да се меша во политиката, а пред крајот и излегувањето на земјата од ЕУ.

Скандали во семејството

Во целото тоа време, кралицата ја ужива популарнста на јавноста која во неа гледа како на некакво сидро за кое се држи британскиот брод, иако без формална власт и можност за носење одлуки. Тоа, меѓутоа, трае до кризаат која настанува во потесното семејство на кралицата, до 1992 година.

Таа година се разведуваат и ќерката Ана и синот Ендрју, а тое е времето и на  бурната  афера  на Чарлс со неговата  сегашна сопруга Камила.Потоа,, уследи  раскин на бракот со Дијана, мајката на новиот престолонаследник. Сето тоа проследно ео бурниот  приватен, самачки живот на гневната Дијана која во една таква атмосфера загина во 1997 година  сообраќајна несреќа во Париз.

Долгото двоумење на Бакингамската палата за тоа каков погреб да има за принцезата и дали на него да се појави и кралицата, за прв пат и единствено тогаш ја револтира јавноста против Елизабета . Рејтингот на монархијата беше паднат на едвај 25 отсто подршка.

Почеток на транзицијата

Кризата и санирањето на имиџот на кралското семејство траеше долго и главниот товар, одново , го понесе Елизабета која успеа да ја поврати довербата на Британците. Особено кога во тоа се вклучија нејзините внуци, а пред се принцот Вилијам и неговата венчавка со граѓанката Кетрин Мидлтон.

Од 2020 година, кралицата Елизабета се пресели да живее во замокот во Виндзор, поади епидемијата со коронавирусот. Но, веќе  беше јасно дека таа во длабокота стараост во која беше полека се повлекува од бројните јавни задачи што ги имаше дотогаш како британски суверен.

Остана сама после смрта на сопругот, принцот Филип- војводата од Единбург  кој почина минатата година, на безмалку 100 годишна возарст. Од тогаш, практично, започна транзицијата на престолот. Се повеќе кралски обврски добиваше нејзниот најстар син- престолонаследник. Сегашниот крал Чарлс Трети.

(Д.Л.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе