Чекајќи на деескалација
Руското министерство за одбрана, преку емитувањето службени видео – снимки, настојува да ја увери домашната, но пред се, меѓународната јавност, дека руските трупи почнале со повлекување од пограничните реони. На снимките се гледаат конвои со воени камиони и железнички композиции натоварени со тенкови, како заминуваат од Крим, што Москва веќе осум години го третира како своја државна територија, преминувајќи го Кримскиот мост.
Тоа треба да значи дека се враќаат во своите бази во внатрешноста на Русија, но освен снимките, нема ништо за тоа каква е состојбата на северната и на источната руско – украинска граница.
Едноставно, нема никаков знак за вистински почеток на деескалација на теренот. Напротив, има сознанија дека Русија и натаму префрла свои воени сили во пограничните реони кон својата јужна сосетка.
Москва прославува „победа“
НАТО во своето соопштение вели дека ваквата најава за повлекување е сосема во ред, но Алијансата и Западот очекуваат повеќе видливи показатели за тоа дека навистина руската страна настојува да ја намали тензијата создадена со недели во односот на Москва кон Украина. Слична е реакцијата и на офидијален Киев, од каде велат дека не веруваат сосема во руското тврдење дека „завршила вежбата“ во реонот на освоениот полуостров, па затоа Украина се уште не гледа вистинско повлекување на армијата на Русија.
Во Москва, пак, продолжувајќи во својот веќе познат арогантен стил, се лутат што Западот не верува во “повлекувањето“ и дури прославуваат “победа над Западот без испукан куршум“. Таму се утркуваат кој ќе биде повеќе циничен во исмејувањето (!?) на западните разузнавачки агенции кои тврдеа дека “секој момент претстои напад врз Украина и инвазија врз земјата“. Иако, агенциите не се повлекоа од ваквите тврдење, при што дури и руски аналитичари не веруваат дека кризата е надмината.
Но, на рускиот претседател му беше потребна некаква „победа“ во спротивставување на Западот и во наметната „војна“ со НАТО, со ЕУ и САД, па затоа и целата руска пропаганда сега е насочена на таа страна.
Без разлика што на границата и натаму има над 100 илјади војници, бројни тенкови и борбени авиони и хеликоптери, кои наводно се на „воена вежба“, додека во исто ова време се „вежба“ со други 30 илјади руски (плус и белоруски) војници во Белорусија, а за неделава се најавени и поморски воени вежби во Црно Море, во зоната на влезот кон пристаништето Одеса.
НАТО не верува во зборови
Алијансата, затоа, од својата последна министерска средба во Брисел, соопшти дека и натаму размислува за разместување дополнителни, помали единици во земјите од Источна Европа, членки на НАТО, при што се споменуваат и Унгарија и Словачка.
Во секој случај, Русија нема никаква основа да прославува дека „победила“ во воените игри, без разлика дали Владимир Путин блефираше во „покер партијата“ што ја започна со Европа и САД, користејќи ја Украина, или пак станува збор за вистинска и реална закана – за постоењето планови за покорување на украинската територија.
Рускиот претседател ја создаде најсериозната безбедносна криза на Стариот континент, во последните 30 години, па нема основа Москва да прави шеги околу опасноста од руската инвазија, бидејќи ситуацијата и понатаму останува онаква каква беше и досега и така ќе биде додека Москва не започне со деескалација.
Лидер на Истокот
Вака како што сега стојат работите – останува руската закана, останува да се „демонтира“ НАТО на Истокот во Европа, на тој начин што членките од тој дел на континентот ќе бидат третирани како „формални сојузници“, останува во игра и анексијата на Донбас и можноста од војна во која, овојпат, би се вклучиле и руските регуларни единици, а останува и заканата во Азовско Море и на поширокото подрачје од Црно Море на кое излегуваат и три земји – членки на НАТО.
Во една ваква ситуација, прашање е – што Путин, воопшто, сака од Украина, затоа што во постојаното повторување од Москва дека – “Русија нема намера да изврши инвазија“ врз украинската територија – на Западот никој не верува. Ако навистина сака мир и дијалог, тогаш не и треба онаа голема армада сместена до украинската граница.
Има разни претпоставки и теории околу тоа – зашто на Русија и на Путин им требаше да предизвикаат безбедносна криза од вакви размери.
Едната е дека рускиот претседател сака да се претстави како лидер на Истокот, посебно во земјите од некогашниот СССР. Уште повеќе што тој не крие дека распадот на Советскиот Сојуз го смета за „историска грешка“ и дека се обидува да го ревитализира под друго име.
Освен тоа, со преземањето на командата на Истокот (таму влегуваат и Молдавија, Грузија и над се – Украина), ќе може на светот да му покаже дека Русија одново е велесила, како во советско време.
Важноста на Украина
Во тој план, што Путин го гради уште од почетокот на неговото владеење со Русија, Украина е мошне важна.
Се смета дека таа е неопходна за обновата на СССР, па затоа не смее да остане под западна контрола. Затоа Москва е против НАТО, а и против ЕУ на чие дестабилизирање постојано работи, затоа е против било какви „шарени револуции“ во целиот тој, така замислен простор. Тоа го објаснува и казнувањето на Украина по настаните од Мајдан во 2014, со анексијата на Крим и со окупацијата на Донецк и Луганск.
Лондонски „Гардијан“ на пример, проценува дека на Москва и посебно на Кремљ, им пречи и воспоставената демократија во Украина. Правото на Украинците на избори да избираат кого сакаат, што е се сосема различно од состојбата во Русија, каде нема демократија, каде изборите се недемократски и нефер и каде претседателот го менува Уставот, за да остане доживотно на таа функција.
Западни експерти проценуваат дека не е случајно ниту тоа што целата оваа криза се случува токму сега. Прво, затоа што Путин и Москва сметаат дека НАТО и ЕУ го немаат некогашното единство, посебно за односите Исток/Запад. Потоа, дека САД се зафатени со внатрешните состојби што им ги остави Доналд Трамп, онаков каков што беше, како и дека од Европа се вртат кон Далечниот Исток, кон Кина. И, конечно, Путин верува дека неуспехот на Западот во Авганистан, може да го искористи за себе.
Прикривање на домашните состојби
Како и да е, на рускиот претседател – токму сега – му е потребна победа на меѓународен план. За да се оправда неговото постојано – веќе 20 годишно – судирање со Западот, но и за да се прикаже како светски лидер и за да го поправи имиџот кај Русите дома.
Победа му е потребна за да се покрие големата корупција, за да се прикрие се повидливиот систем на клептократија врз кој се потпира земјата, за да се оправда падот на стандардот на руските граѓани и за да си го зголеми рејтингот.
Во 2014 година (велат) тој беше на врвот од славата, прикажан како бранител на Русија – по освојувањето на Крим и Донбас – но, од тогаш неговата популарност постојано се намалува и се смета дека сега е најниска откако е лидер на Русија.
Јасно е, меѓутоа, дека она што го бара од Западот, ЕУ, САД и НАТО – со кризата околу Украина – не може да го добие во обемот што го сака. Мора, затоа, да преговара и да прави компромиси. Тоа, сепак, не значи дека Украинците ќе бидат безбедни, или помалку загрозени од Русија. Како и да се направи идната спогодба, Москва нема да се откаже од Украина и од претензијата кон неа. Барем додека Владимир Путин е на чело на Руската Федерација.
(С.С.Г.)