Канабисот веќе не е опасен наркотик
Комисијата на ОН за дрога одлучи да го тргне канабисот од групата на опасните наркотици. Оваа одлука се однесува и за смолата од канабис која, инаку, се користи за производство на хашиш.
Ваквата одлука на Комисијата, чие седиште е во Виена, ќе влијае врз глобалната индустрија на марихуана за медицински потреби.
Канабисот, сепак, ќе остане во категоријата на дроги кои се рангирани во групата со помалку строг режим на контрола, па затоа, одлуката на оваа Комисија на ОН, не значи и легализација на марихуаната во рамките на меѓународниот систем за контрола на наркотиците.
Досега во четврта категорија
Канабисот и смолата од канабис досега беа во четвртата категорија на опојни средства, заедно со хероинот и со другите т.н. опоиди. Одлуката за полесен третман на канабисот, Обединетите нации ја донесоа по сугестија и предлог на Светската здравствена организација (СЗО).
Канада и Уругвај се единствените земји во светот кои ја имаат легализирано продажбата и користењето на канабисот во т.н. рекреативни цели. Многу држави во светот, во меѓувреме, го имаат декриминализирано поседувањето на марихуаната.
Експерти сметаат дека тргањето на канабисот од категоријата на најопасните наркотици, би можело да доведе до релаксација на меѓународната контрола на медицинската марихуана.
Историска одлука
Претставничкиот дом на Когресот на САД, во меѓувреме, со големо мнозинство гласови го прифати предлог-законот според кој од федералниот закон на опасни дроги ќе се избреше марихуаната. Според американските медиуми станува збор за значителен исчекор кон декриминализацијата на марихуаната.
Ако законот помине и биде усвоен, поседувањето марихуана ќе се декриминализира – на сојузно ниво, а тоа значи во сите држави во САД. Сега, Агенцијата за борба со наркотици (ДЕА) ја третира марихуаната како опасна дрога, какви што се хероинот, кокаинот и ЛСД.
Консумирањето марихуана за медицински потреби е дозволено во 33 од вкупно 50 американски сојузни држави, како и во Вашингтон.За рекреативна употреба, марихуаната е дозволена во 11 држави.
Преиспитување на пресудите?
Ваквиот потег на Конгресот би можело да покрене процес за преиспитување на поранешни сојузни пресуди, врзани за користењето и поседувањето марихуана.
Активистите за легализација или за декриминализација на марихуаната, го поздравиле предлог-законот. Според нив, ова е за прв пат во последните 50 години, еден американски Конгрес да се зафати со преиспитување на класификацијата на марихуаната.