Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Солун: жариште на коронавирусот во Грција

bestravelvideo/BigStock.com

Солун: жариште на коронавирусот во Грција

Грчката војска поставува големи шатори пред зградата на воената болница во Солун, откако овој втор по големина град во северна Грција е прогласен за жариште на коронавирусот во земјата. Во секој од големите воени шатори ќе има по 50 болнички кревети.
Владата им наложи на две солунски, приватни клиники, да ги отворат вратите, за да и тие примаат заразени и заболени од короната, откако сите капацитети на јавното здравство, во овој втор по големина град во Грција, се целосно исполнети.

Владата во Атина призна дека ја има потценето ситуацијата на северот од земјата, а посебно во Солун, во време на сегашниот втор бран на пандемијата. Во градот не се применети строгите мерки за заштита, како што е работењето на кафулињата, рестораните и баровите, а особено во користењето на секогаш исполнетиот градски сообраќај.

Грција дури од 7 ноември почна да воведува карантин, што се верува дека било задоцнето, иако градот и неговата околина уште од крајот на летото беше посочуван како локација со висок процент на новозаразени лица. Епидемиолозите уверуваат дека причина за тоа било неодговорното однесување на дел од населението – организирањето масовни свадба, или крштевки, што е традиција во овие краишта, како и разните забави и дружења по становите и куќите.

Сепак, Грција и натаму останува една од ретките во ЕУ, посебно на југот од Унијата, каде епидемијата е помалку раширена, отколку во другите земји – како Италија, Шпанија или Франција и земјите од Источна Европа. Во земјата досега се регистрирани 1630 пациенти кои се директно починати од коронавирусот и над 93 илјади заразени.

Првите вакцинирања во САД – за еден месец

Директорот на американската програма за брзо развивање на вакцина против корона, др. Монсеф Слауи изјави дека првите вакцини во САД би можело да се употребат, за околу еден месец- до0 средината на декември.

Тоа сега зависи од времето кога Агенцијата за храна и лекови (ФДА) ќе го разгледа барањето на компанијата „Фајзер“ за давање дозвола за нивна јавна употреба. Според тамошните медиуми, се очекува специјалната комисија да го разгледува барањето на 10 декември.
Според др. Слауи, испораката на првите количества од новата вакцина би можело да почне за само 24 часови по одлуката на ФДА, која се верува дека ќе издаде лиценца за „Фајзер“ и за неговиот германски партнер „Бионтек“.

Претходно, овие две компании соопштија дека според извршените клинички испитувања, нивната вакцина е ефикасна 95 отсто, при справувањето со лесни и тешки заразувања со овој вирус. „Фајзер“ верува дека до крајот на оваа година, ќе има доволно дози за заштита на 25 милиони луѓе.

Секоја американска сојузна држава самата ќе определува кои делови од населението први ќе ја примат вакцината. Но сугестијата на здравствените експерти е тоа да бидат здравствените работници и постарите лица.

Пандемијата во САД досега има однесено над 255 илјади жртви. Над 12 милиони се заразени и заболени, а во изминатата недела, за само пет денови, имало над еден милион новозаразени.

СПЦ против премиерот Ана Брнабиќ

Протереј на Српската црква (СПЦ) одбил да ја поздрави Ана Брнабиќ, премиер на Република Србија, која заедно со шефот на државата, Александар Вучиќ присуствувала на погребот на српскиот патријарх, кој пред некој ден почина во болница од коронавирусот.
Според белградските медиуми, не станува збор за протоколарна грешка, ниту за лапсус на овој црковно-достоинственик, туку за намерен гест. што се поврзува со хомофобичноста на СПЦ и на сексуалната ориентација на Брнабиќ. Таа живее во врска со друга жена и двете имаат и дете.

Намерното неспоменување на српската премиерка на погребот, во Белград се смета дека е уште еден гест на црквата кон сите припадници на ЛГБТ заедницата и на длабокиот конзервативизам во српското општество, затоа што поголемиот број од оние кои имаат реагирано за постапката на протерејот – со пофалби зборуваат за неговата постапка.

Дел од медиумите, меѓутоа, сметаат дека станува збор за навреда, не само кон Брнабиќ, туку кон функцијата премиер на државата.

„Да се споменат сите присутни на погребот, дури и претставници на нехристијанските заедници во државата, а да не се спомене премиерката, па дури ни само со функцијата, е доказ и за директното мешање на црквата во државните работи, кое и онака е големо“ забележуваат овие медиуми.

Поглаварот на СПЦ се разболе, откако присуствуваше на масовниот погреб во Подгорица на митрополитот на оваа црква во Црна Гора, кој исто така почина од Ковид-19.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе