Лондон ја стави Франција на „црвената листа“
Владата во Лондон, по итна постапка, одлучи и Франција да ја стави на т.н. „црвена листа“ на земји што се силно погодени со вториот бран од коронавирусот, па затоа се опасни за сите другите, каде сегашниот „налет“ на вирусот се уште не пристигнал.
Тоа практично значи дека сите Британци кои сега престојуваат, како туристи, или се наоѓаат на летување, некаде на француското крајбрежје, треба да се вратат ВЕДНАШ во Британија, доколку не сакаат да останат две недели во карантин, или во самоизолација, што ќе зависи од нивната здравствена состојба.
Владата на премиерот Борис Џонсон одлуката ја има донесено „преку ноќ“, онака како што тоа, претходно, го направи со Шпанија.
Одлуката стапува во сила веќе во сабота (15 август) рано наутро во 04 часот по британско време.
Операција „а ла Данкерк“
Во моментот на француска територија има над половина милион британски државјани, што значи дека на сите нив им претстои молскавична трка да обезбедат превоз (авион, возот Јуростар, или место на некои од фериботите) за да се префрлат до Довер, на британска почва.
Станува збор за операција за која дури и итното префрлување на припадниците на британскиот воен контингент, заглавени на францускиот брег, кај Данкерк, бегајќи пред нацистичките сили во 1940 година, на почетокот од Втората светска, изгледа како рутинска, десантно-поморска вежба.
Во војната, кај Данкерк, тогашниот премиер Винстон Черчил и британските воени стратези направија чудо и успеаја да префрлат, во кус рок, над 300 илјади луѓе, но тоа сега, во летото 2020 година, е неможна операција со 500 илјадната „армија од туристи“.
Дури и британскиот амбасадор во Париз не верува многу во планот на премиерот Џонсон, па дискретно и со избрани дипломатски зборови навестува дека најголемиот дел од Британците, сепак, ќе останат во Франција, да ги завршат одморите- а, потоа кога ќе се вратат, ќе седат во своите домови- 14 денови во изолација.
Гнев во Париз
Официјален Париз е изненаден и гневен на постапката на владата во Лондон.
Станува збор за удар врз француската економија (туристичкиот и сообраќајниот бизнис), затоа што мерката останува да важи и натаму, а тоа значи дека ќе секне, штотуку обновената фреквенција преку каналот Ламанш. Французите најавуваат реципрочна мерка, во како што е речено – најскоро време.
Над десет милиони Британци секоја година престојуваат во Франција, каде многумуина од нив имаат купено имот – куќи или станови. После Шпанија, каде годишно престојуваат по над 18 милиони британски државјани, соседна Франција е втората најпосетувана дестинација во Европа.
Владата во Лондон се брани со коронавирусот и со советот на домашните епидемиолози кои ја имаат прогласено Франција за „опасна земја“ за ширење на пандемијата.
Во четвртокот, Франција, со Германија, Шпанија, Грција и Романија, беа државите со најголем пораст на новозаразени во текот на 24 часови.
За Франција, британските епидемиолози велат дека има „рекорден раст од 66 отсто новозаразени, на 100 илјади жители“ и дека тоа било причина за ваквата експресна одлука.
Сомнителна одлука
Заедно со Франција, на „црвената листа“ се ставени и Монако и Малта. И двете малечки земји се популарни дестинации на британските туристи, а Монако е локација каде многу богати Британци имаат имот и минуваат по половина од годината во оваа минијатурна, богата и скапа, медитеранска држава.
Ваквиот распоред на „казнетите“ држави – Шпанија и Франција, кои извлекуваат на одмор безмалку 30 милиони Британци, годишно, како и двете мали медитерански држави, предизвикаа сомнежи во дел од британската јавност, за тоа дека зад грижата за здравјето на владата, се крие – политика.
Односно, намерата британските пари, преку туристите, да не се префрлаат во државните каси на сите овие земји, сега кога Британија е во рецесија.
Уште повеќе, што и во Грција короната се има вратено во поголем обем од пролетоска, а таму има не мал број Британци. Но, изгледа дека за владата во Лондон, оваа земја не е таква закана, какви што се Шпанија и Франција.
Британската опозиција ги подгреа сомнежите за владината на брзина донесена одлука, особено што во Франција здравствената ситуација ни од далеку не е како во текот на пролета. Опозициските лабуристи, затоа, бараат од владата „валидни здравствено-епидемиолошки докази“ дека и Франција е „опасна за Британците“ и дека од таму вирусот може да се префрли на британска територија.
(П.Ф.)