Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Британската кралица на 94 години

Speedfighter/BigStock.com

Британската кралица на 94 години

Британската кралица Елизабета Втора наполни 94 години, останувајќи на тој начин највозрасен монарх во светот и суверен кој најдолго е на британскиот престол, сметајќи го и времето од далечното минато – на англиските кралеви и кралици, пред создавањето на Обединетото кралство.

Кралицата е родена на 21 април 1926 година, како првата ќерка на вториот син на тогашниот британски крал Џорџ Пети, војводата од Јорк, принцот Алберт и неговата сопруга Елизабета. На тронот, пак, се искачува случајно – во сплетот од околности кои подоцна ќе се случуваат околу неа.

Кога Џорџ Пети, инаку последниот британски крал на Ирска и еден од победниците во Првата светска војна умира, во 1936 година, на престолот го наследува неговиот најстар син кој станува новиот крал Едвард Осми.

Абдикација за Волис Симпсон

Но тој на британскиот трон ќе остане само неколку месеци. Пред крајот на годината ќе абдицира, откако владата нема да дозволи да се ожени со својата љубовница, два пати разведената Американка Волис Симпсон.

Ставен пред дилемата – тронот и кралството, или љубовта кон една жена, тој ја избира Волис и со неа ќе остане до крајот на животот, далеку од јавноста, само како војвода од Виндзор.

Едвард абдицирал во корист на својот брат Алберт кој на тој начин, неочекувано и целосно неподготвен за тоа, станува новиот британски крал – Џорџ Шести. Неговата најстара ќерка, Елизабета, така станува престолонаследничка.

Џорџ Шести, иако со говорна мана – пелтечел повремено – во британската историја останал запаметен како кралот кој не го оставил народот, во текот на воените години од Втората светска војна, не напуштајќи го Лондон и во време на тешките бомбардирања на британскиот главен град од германската, нацистичка авијација.

Историчарите запишале дека станал многу омилен кај лондончани и кај Британците, затоа што после секое тешко бомбардирање, со сопругата, без некое посебно обезбедување, ги посетувал најтешко погодените квартови, храбрејќи ги луѓето да издржат во тие тешки времиња

Елизабета станува кралица

Умира во февруари 1952 година, кога на британскиот престол, одново (после кралицата Викторија) доаѓа една жена- тогаш 26 годишната принцеза Елизабета, која и како кралица го задржува своето име.

Од тогаш, таа е на престолот на Обединетото кралство – цели 68 години – како никој друг пред неа, поминувајќи заедно со Британците и со бројните влади и премиери, низ разни бурни времиња – во Британија, во Европа и низ светот. Таа е на челото и на британскиот Комонвелт и е суверен и на државите-доминиони како што се Канада, Австралија и Нов Зеланд, меѓу другите.

Како престолонаследничка, а потоа и како кралица, таа прво ќе помине низ последните години на скромно живеење и на рационирано снабдување во Британија, како последица на долгата и исцрпувачка војна, што ја има доведено земјата на работ од банкротство.

Време на кризи и семејни драми

Потоа ќе се соочи со веселите, музички и „револуционерни“ шеесетти години – време на забрзана трансформација на британското општество и на судирот на конзервативизмот со барањата на новата генерација. Во седумдесеттите таа и државата ќе живеат во стравот од меѓуверските судири и граѓанската војна во Северна Ирска, како и тероризмот на ИРА, но и на длабоката економска и општествена криза во земјата, исполнета со социјално незадоволство и бројни штрајкови.

Во осумдесеттите години, таа ќе остане покрај Маргарет Тачер во нејзината храбра и „машка“ одлука – воено да интервенира во 18 илјади километри оддалечените Фокланди, за да 70 денови води вистинска војна со Аргентина- во одбрана на „правото и достоинството“ на Британија и на нејзината престижна улога во светот – како голема сила. Во таа деценија, меѓутоа, кралицата ќе мора да ги проголта кризите во своето семејство- трите од нејзините четири деца се разведоа.

„ Свадбата на столетието“ – венчавката на принцот Чарлс, британскиот престолонаследник, со Дијана Спенсер, која почна како бајка, заврши со неславен развод, за да продолжи со појавувањето на бројни „скокотливи“ приказни за лондонските таблоиди и разните „биографски“ книги во кои повредената Дијана се пресметуваше со кралското семејство.

Случајот со „народната принцеза“

Сето тоа заврши со трагедија. Бегајќи од бројните папараци кои станаа дел од нејзиниот контроверзен живот по разводот, принцезата која требаше да биде кралица, а потоа и кралица мајка- загина во сообраќајна несреќа во Париз, со својот тогашен партнер, египетскиот плејбој Доди ал Фаед.

На Елизабета и требаше време да ја „совлада“ својата суета како британски суверен и да ја прифати Дијана како своја (поранешна) снаа, но и како мајка на идниот крал – младиот принц Вилијам, првиот син од бракот со Чарлс и да се согласи за кралски погреб на „народната принцеза“ како што ја нарече тогашниот британски премиер Тони Блер.

Современите историчари велат дека токму Блер го има спасено кралството, убедувајќи ја кралицата за Дијана да се организира кралски погреб. Само тој и кралицата знаеја дека позициите на монархијата во тие денови на „размислување“ беше на најниската точка до тогаш.

Едвај 25 отсто од Британците ја подржуваа монархијата, длабоко разочарани што кралицата не се огласува по смртта на Дијана, која јавноста продолжи да ја сака.

Во служба на Британија

Тогаш кралицата го покажа она што ја следи низ сите 68 години на престолот и што е препознатливо како стил на нејзиното владеење- да им служи на Британците и да го слуша нивниот глас.

Прифати Дијана да биде испратена до своето крајно почивалиште на кралски начин, а по тоа, полека и трпеливо во јавноста да работи за да ја поправа сликата за кралското семејство. Покрај бројните падови, таа и сега на 94 години, успева да ја одржува во кондиција монархијата и целото Обединето кралство, велат и поуспешно отколку што може да командува со нејзиното семејството во кое и натаму се случуваат потреси.

Престојуваше во Република Ирска, по повеќе од 100 години на еден британски суверен, каде беше пречекана со големо достоинство и почит. Иако Ирците не заборавија дека таа е внука на Џорџ Пети, во чие име Британците крваво го имаат задушено ирското Велигденско востание во Даблин, во 1916 година, борејќи се за независност, по 700 години британска доминација.

Положи венец на меморијалниот споменик – за сите жртви во побуната – која е длабоко обележана во ирската историја. Елизабета, исто така, „заборави“ на минатото и кога во Белфаст, за прв пат се сретна и се поздрави со Мартин Мекгинис, вториот човек на Шин Феин и поранешен командант на ИРА за Лондондери,. Го направи тоа во интерес на иднината, на заедничкото живеење и на Обединетото кралство.

Два кралски родендени

Британската кралица во тие два настани има одиграно голема политичка улога, иако според Уставот таа нема никаква политичка улога. Дури и не смее да се занима и да се меша во домашната политика. Само го отвара заседанието на британскиот Парламент и го чита говорот на „нејзината“ влада, што инаку, во праксата, го конципира и го составува владата на актуелниот премиер.

Во слична позиција – да биде со својот народ, таа се постави и времето на сегашната криза со глобалната пандемија со коронавирусот.

Кралицата самата има побарано оваа година, за нејзиниот роденден, да нема почесни топовски салви. И таа е во карантин, со својот сопруг веќе 74 години, принцот Филип, во замокот во Виндзор, како што во изолација треба да се сите Британци. Во такви услови и не се знае како ќе помине и дали ќе има и службено одбележување на роденденот на кралицата, што традиционално се случува во јуни.

Двата родендени на британскиот монарх не е нејзино дело. Тоа е традиција и потекнува уште од 1748 година.

Тогашниот крал Џорџ Втори кој бил роден во декември, а сакал кралскиот роденден да биде сеопшт народен празник, знаел дека тоа не може да се изведе во зима, пред Нова година, по студено време. Затоа, смислил Британците да одбележуваат „службен роденден“ – кога времето е убаво. Тоа го поврзал за јунската традиционална смотра – парада на британската војска.

А, парадата се одржува во втората сабота во јуни, кога и сега се одбележува службениот роденден на кралицата Елизабета.

(И.Т.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе