Поврзете се со нас

Skopje Global

Бизнис Глобал

Цукерберг прифаќа повисок данок

Цукерберг прифаќа повисок данок

Сопственикот на Фејсбук ,Марк Цукерберг изјавил дека се согласува овој  хај-тек гигант, во иднина,  да плаќа повисок данок во Европа. „Разбирливо ми е што луѓето се фрустрираат околу ова прашање“- рекол при тоа, овој американски бизнисмен.

Тој изјавил и дека го поддржува планот Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) да изнајде и да изработи едно глобално решение, што би ги опфатило сите вакви и слични на нив компании. Фејсбук, но и другите од овој сектор, веќе имаат признато дека тие, сепак, не плаќаат фер даноци во земјите каде оперираат, што ќе рече дека тие се максимално повластени во споредба со другите компании.

На пример, во Велика Британија, во 2018 година, Фејсбук за корпорацискиот данок има платено само 28, 5 милиони фунти. Во годината во која оваа компанија само на британскиот пазар има забележано рекорден промет од 1,65 милијарди фунти.

„Ужасно ниски даноци“

Активистите кои водат кампања за драстично поголемо оданочување на богатите хај-тек компании и нивните сопственици кои сега се меѓу најбогатите луѓе во светот, британскиот податок го сметаат за „ ужасен“ и за несфатливо низок износ, што повеќе не би смеело да се толерира, не само од некакво морално-социјални причини, туку и како прашање на бизнисот и еднаквиот третман на компаниите кои работат на британска територија.

Критичарите на „ долгото одржување“ на оваа состојба, сметаат дека ОЕЦД е премногу бавен во изнаоѓањето на глобално решение за кое зборува Цукерберг и не веруваат дека оваа организација ќе може да го изработи решението во текот на оваа година.

Цукерберг кој присуствува на меѓународната конференција за безбедност во Минхен, рекол дека целиот тој сектор „ сака реформирање на даночниот систем“ . Според него- добро е што на тоа работи ОЕЦД. „ Можеби во иднина ќе плаќаме повисоки даноци и тие ќе бидат различни, на различни локации, но ние ( целиот хај- тек сектор) го прифаќаме тоа“ – рекол Марк Цукерберг.

Спротивставување на САД

Франција прва навести нова даночна политика кон овие гиганти и веднаш се судри со американскиот претседател Доналд Трамп кој му се закани на Париз дека со повисоки даноци ќе се соочат и француските производи на пазарот на САД, а пред се француските вина.

Интервенираше и ЕУ, навестувајќи дека бара едно општо европско решение, па Париз го одложи својот закон, без да се разбере дали се исплаши од американскиот реванш, или пак, навистина го чека моделот за целата ЕУ.

Британија, меѓутоа, веќе најави дека таа ќе тргне сама против хај-тек гигантите.

Лондон подготвува своја верзија и не сака да чека на ОЕЦД иако Британците се таму земја-членка. САД се противат на британското инсистирање тоа да се направи побрзо. Но, Британците имаат своја даночна шема, според која од сите вакви компании годишно би се наплатувале (само во Британија) до 500 милиони фунти.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Бизнис Глобал

Горе