Магла за продавање
Паметни луѓе рекле – кога немаш нешто да кажеш, или да понудиш, а продолжуваш да „мудруваш“, излегува дека само продаваш магла.
Тоа изминатите недели извонредно им прилега на сите оние од вмровската опозиција, кои се обраќаа во јавноста настојувајќи да ја искористат првата магла, на крајот од декември, за да брзо им ја продаваат на луѓето, не размислувајќи многу дека само покажуваат оти немаат ништо да понудат.
Целта беше да се уверат гласачите (оние кои од порано ги имаат закупено) дека актуелната власт го „измачува народот“ со наводното „пропаѓањето на земјата“, иако ветувала дека ќе „нема магла “ – пред Нова година.
Некои од опозициското друштво, како на пример, нивниот „привремен“ лидер кој му го чува местото на осудениот бегалец и екс-премиер, или неговиот портпарол кој не може течно да се изрази без помош на „идиот камерата“, зборуваат дека народот (!?) барал спас (од нив) и чекал да ја „спечалат“ изборната победа, на пролет, затоа што додека „едни во Македонија јадат мед и млеко – други се само на леб и сол“!
Назад, наместо одење напред
За „веќе спечалената победа“ овој в.д. лидер веќе се фали и надвор од земјата, како на бугарскиот премиер на конференцијата на европските народни партии (ЕПП), иако по ништо не му е местото на еден таков форум.
По се што направија додека последен пат беа на власт – цели 11 години, предводени од деспот – треба да бидат исклучени, кога веќе таму нема место и за еден Виктор Орбан, човекот кој на овдешните вмровци им го чува побегнатиот водач и газда.
И на тој форум, човеков од Скопје продавал магла. А, би требало тоа да не го прави, кога со форумот сега претседава Доналд Туск кој вмровската, деспотска власт, во времето кога беше претседател на Европскиот совет, македонскиот случај го има оквалификувано како заробување на цела една држава.
Тоа заробување ја чинеше Македонија исклучително многу, во изминатите без малку три децении целосна независност.
Земјата беше вратена назад четврт век, ставена во изолација од соседите и од Европа, корумпирана до самиот врв – до премиерот кој се пазари со својот министер, колку пари (за поткуп) да им се бараат на „жолтите“ за да им се дозволи да градат патишта.
Непотизам и нова класа
Исполнета со непотизам каков има само во тоталитарните режими- со братучедот како шеф на тајната служба, кумот министер за финансии, сопругата вработена на висока позиција во државната администрација, братот со висока функција во управата, сопругот на министерката за полиција како советник на премиерот, еден од неколкуте стотина…
Со (пот)купени гласачи, со издавање лажни лични карти за да гласаат и тие што немаат право, со купена јавна администрација, зголемена „до таван“ со свои, партиски луѓе – 6500 само во првите шест-седум месеци на власт, со купени судии, обвинители и адвокати, со заробено новинарство и насила откупени телевизиски станици, со создавање нова професорска и интелектуална елита, лојална на партијата и во нејзина функција.
Со креирање „нова класа“ на нови богаташи, на кои уште им се вработени и роднините, со купено ветување за „трајна лојалност“ кон вмровската партија, која треба да владее во следните 30-40 години. Со овозможување – само двајца супер-богаташи, од кои едниот е прв роднина на премиерот бегалец – да станат најбогати во Македонија и да поседуваат половина од државата.
Партиски шпиони
Новата власт, држејќи се до својот европски курс, за прв пат досега, не направи партиска чистка. Не ги тргна сите тие ново примени партиски војници и послушници- па најголемиот број од нив останаа на своите места. Повеќето, меѓутоа, се претворија во она што од нив вмровската партија го бараше- да прават ОПСТРУКЦИЈА и во централната власт и по општините и да ШПИОНРААТ за партијата – без разлика дали станува збор за полувистина, или за обични измислени работи и состојби.
Во изминатите 2,5 години како на власт е една проевропска, либерална и демократска влада, многу работи, сепак, останаа ненормални за една европска цивилизирана држава. Прво, затоа што пред да почне да работи, владата на актуелниот премиер мораше шест месеци да се бори со неуставните и недемократски блокади на вмровскиот режим и на нивниот тогашен претседател.
Потоа, тој самиот, како мандатор, се соочи со заканата да биде и убиен и на крајот, дури да преживее и еден обид за пуч и за воведување вонредна ситуација, само за да не дојде до смена на власта по парламентарните избори, пред крајот на 2016 година, по која вмровците требаше да бидат опозиција.
Остана земјата, така, во ситуација – да се ослободи во врвот и во горните ешалони од заробеноста, но да остане блокирана во сите структури подолу, вклучувајќи го и целото правосудство и повеќето од јавната администрација, како и во општинската управа.
Навредливо и дрско
Затоа и многу работи, судски процеси и расчистување на криминални состојби оставени од режимот, не може до крај да се спроведат и да се казнат виновниците, за кои низ „бомбите“ целата јавноста можеше да разбере за каква партија станува збор и како вмровците ја претворија државата во своја, приватно-семејна фирма.
Според тоа, многу НАВРЕДЛИВО И ДРСКО звучи некој од нив, да им продава на луѓето МАГЛА и да им се ветува некаква “ светла иднина и спасување„ иако сите добро паметат за кого се работи, бидејќи сето ова што ни се случуваше е само од пред неколку години.
Навредливо е да се споредува сегашната власт, со режимот на побегнатиот деспот кој во 11-те години власт беше и кадија и апсанџија, и главен државен сметководител, главен градски архитект, урбанист и инженер, а одлучуваше дури и за мебелот на автобусите во градскиот сообраќај.
Дрско е ова нереформирано партиско друштво, со истите послушници на побегнатиот осуденик, било кому денеска да му се нудат како алтернатива, да се прикажуваат како реформатори, иако за деценијата на власт немаат донесено ниту една реформа, ниту еден проевропски закон.
Тие немаат право, а ниту минимум морален кредибилитет било кого да судат и осудуваат, а најмалку своите режимски години да ги споредуваат и изедначуваат со 2,5 години на сегашната реформска влада, која прв пат до сега, се зафати државата полека и постепено да се уредува од своите темели.
Јавноста чека извинување
Навредливо за сите нас, човекот кој му беше генерален секретар на избеганиот лидер и кој би требало да одговори за своето дејствување во текот на настаните од 27 април 2017 година, кога се правеше завршниот удар за пуч против новата влада, сега тој да обвинува за некаков „режим“ на актуелната влада.
Дрско звучи овој човек, да ја изедначува сегашната власт, со годините од нивното владеење, кога луѓето се апсеа по улици, со подготвени камери и извештаи на режимските медиуми и новинари, прво носени во затвор, а потоа им се пишуваше обвинувањето- во кабинетот на деспотот.
Наместо тоа, од човекот кој се претставува како лидер и од сите оние во таа партија, кои навистина и мислат добро на државата и вистински и искрено го подржуваат нејзиниот европски и прозападен курс, се очекува, претходно ЈАВНО да се ИЗВИНАТ.
Треба да им се извинат на луѓето за сите зулуми што и ги приредија на Македонија додека владееја, како таа да е нивна сопственост.
Извинување за уништувањето на демократијата, на слободата на судството и медиумите, за узурпација на државната администрација, за обидот да се прави ПУЧ, за грабнатите пари, за невино држените луѓе по затвори кои сега чекаат рехабилитација, за наместените и украдени избори, за тоа што не продадоа на Исток, таму каде никогаш не сме припаѓале.
Партија без реформатори
По тоа, ќе треба да создадат ново партиско јадро, од нови луѓе кои Македонија ја гледаат во Европа, членка на НАТО и дел од ЕУ, а не сместена во путиновото ново царство, како дел од некаква Евроазиска унија.
Дури тогаш, со новиот човек на чело на партијата, јавноста во оваа држава ќе може да слуша за каква тоа подобра иднина зборуваат од овдешната (тогаш) проевропска опозиција. И да знае дека повеќе не се препродава еднаш веќе продаваната магла.
Сегашниот прв човек кој се нема јавно оградено од бившиот, побегнат газда, затоа не може да ја води ниту партијата, а уште помалку да води една македонска влада и да тврди дека и сега е исто, како кога тој (со бегалецот) деспотуваа со државата.
Едноставно, затоа што ништо сега не е исто во Македонија.
Можеше да биде и подобро, доколку во политиката на земјата имаше вистински патриотска и европска опозиција. Тогаш ќе можеше многу повеќе да се постигне во заокружувањето на европеизацијата, наместо блокадите со пет илјади амандмани, или со бесцелни шест часовни расправи за дневен ред во Парламентот.
Она што остана исто е само тоа дека вмровците и натаму дејствуваат според својата матрица што им ја уреди избеганиот лидер.
Исти се и нивните пароли.
Исто е ширењето на омраза, нивната антиевропска, па според тоа и антимакедонска политика.
Исто и натаму е блокирање на државата, со единствена цел – да ги спасат сите свои осомничени и обвинети за разните криминали, за да не бидат казнети.
(Спектатор)