Експерт за „перење пари“ уапсен за перење пари!
Американскиот професор Брус Багли (73) од Универзитетот во Мајами, во Флорида, кој важи за еден од најпознатите експерти во САД за борбата со организираниот криминал и за операции против „перење“ на валканите, криминални пари, е уапсен – затоа што учествувал во „перење на пари“!
Багли има соработувано како експерт со ФБИ и со ДЕА (американска специјална агенција за борба со дрогата), а има учествувано на бројни конгреси и специјализирани конференции за борба со криминалот, со трговјата со дрога, како и против „перењето на пари“, но сега е фатен и уапсен како обичен криминалец, за истите кривични дела за кои претходно има давано експертизи.
Полицијата на САД го обвинуваат затоа што активно помагал да се „исперат“ три милиони американски долари, валкани пари од Венецуела. За таа работа има наплатено 300 илјади долари.
Медиумите во Мајами пишуваат дека тоа не бил изолиран случај и единствен пат професорот Багли – да држи лекции за борба со криминалот, а во исто време, тајно, да соработува во криминални и подземни зделки.
Се тврди дека има „испрано“ барем уште други 2,5 милиони долари. Тие биле испроцесуирани преку скриени, валкани банкарски сметки, во банка во Швајцарија и друга во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), најголем дел од пари добиени од примени поткупи и разни проневери, исто така во Венецуела.
Според американското обвинителство, за сите свои валкани „зделки“ Багли редовно наплатувал провизија, за себе, од 10 отсто.