Џонсон ниту обединител, ниту лидер
Кога тогашниот британски премиер Дејвид Камерон во 2016 година, брзоплето и политички неодговорно распиша референдум за ЕУ, ниту тој, а ниту британската јавност не веруваа дека гласачите ќе се определат за напуштање на ЕУ. Кога мнозинството од 52 отсто Британци гласаа за Брегзит, во Британија, во Европа и во светот се веруваше дека целата таа постапка околу британско-европскиот „развод“ ќе биде брза, право уредена со договор, како што тоа и приличи на една држава, каква што е Обединетото Кралство.
После 3,5 години од референдумот, се уште никој со сигурност не знае како и кога Велика Британија ќе ја напушти ЕУ. Процесот на Брегзит кој предизвика да се изменат тројца премиери, создаде хаотична ситуација каква во оваа држава немало во последните стотина години, предизвика политичка и парламентарна криза, поделби во државата по разни основи и закана од нејзин расцеп.
Се покажа дека Британците овој пат, не само што почнаа преговори со Брисел, без да знаат што навистина сакаат и без концепција за тоа како да ги водат преговорите, туку со Брегзит предизвикаа целосна блокада во сопствената држава, која од референдумот, па наваму не се занимава со ништо друго, освен со излегувањето од Европската унија.
Лондон не подготвен за преговори
Наместо правно уредено заминување од ЕУ, во целата постапка Лондон тргна од позиција на сила и ароганција и практично со прикриено омаловажување на партнерот во преговорите, според викторијанскиот модел- ние сме Британија и сега кога (после 43 години) одлучивме дека сакаме сами понатаму, никому ништо не му должиме.
Затоа, најдобро е да се разделиме, а договор да направиме само за идните односи на Лондон и Брисел, при што (ако може) британската страна да ги диктира односите!
На некој начин, тоа го потврди и потпретседателот на Европската комисија на заминување, Франс Тимерманс. Тој во разговор со новинари открил дека бил вчудовиден кога на почетокот од преговарачкиот процес забележал дека британската делегација дошла на разговорите, практично, “целосно неподготвена“.
Сепак, во ноември 2018 година, во време на силна антиевропска кампања на проториевските медиуми, каква што беше и пред, а и по референдумот, тогашниот премиер објави дека е постигнат договор за Брегзит.
За Тереза Меј тоа беше “најдоброто што (Британија) можеше да добие“. Сите 27 земји-членки веднаш потоа го ратификуваа договорот, но реакцијата во Лондон беше обратна и силно против она што го договори Меј. Како нејзините конзервативци, така и опозициските лабуристи, секој од свои причини, се спротивставија на договорот.
Преку Брегзит до Даунинг стрит 10
Тој на трипати беше отфрлен во Долниот дом на Парламентот во Лондон, а двете главни британски партии од тогаш ги почнаа своите политикантски игри, во типичен балкански стил.
Предводник кај конзервативците во спротивставувањето на постигнатиот договор беше Борис Џонсон. Тој од почетокот од преговарачкиот процес е за излегување од ЕУ без договор, што се покажа дека било со единствена цел – да стане британски премиер.
Кога оцени дека тој момент е дојден, со своите приврзаници ја собори Меј – оставајќи и ја дилемата – поднеси оставка, или ќе бидеш сменета. Патот за Џонсон, да му се исполни премиерскиот сон, по тоа беше отворен.
Британските прописи му овозможуваа да стане премиер на најлесниот начин- без парламентарни избори- за кои до скоро сметаше дека се непотребни во ова време, туку само со гласање на партиското членство на Конзервативната партија.
Победи во таа трка со Џереми Хант, поранешен шеф на Форин Офисот, водејќи кампања на истиот начин како што ја водеше и кампањата за Брегзит – со полувистини и главно со политички ветувања без основа.
Но, основната порака беше дека само тој може да ја обедини Британија, разделена ако никогаш досега околу Брегзит и да ја поврзе расцепканата Конзервативна партија, како нејзин нов лидер.
Понижувачки порази
За многу кусо време, меѓутоа, се покажа дека Борис Џонсон, поранешниот популарен градоначалник на Лондон и кусо време министер за надворешни работи во една од владите на Меј, ниту може да ја обедини земјата, а уште помалку да ги обедини раскараните ториевци кои го создадоа целиот хаос и кои сега не знаат како да излезат од него.
Наместо да биде лидер и обединител, Џонсон се соочи со нешто што не му се случило на ниту еден премиер пред него – да доживее пораз во Парламентот при првото гласање откако е во Даунинг стрит 10.
Понижувањето да биде поголемо, тој во само 48 часови доживеа дури четири порази, едно по друго, од пратениците во Долниот дом.
Тие му вратија за одлуката на Џонсон да го суспендира Парламентот (да нема седници и дебати за Брегзит), до говорот на кралицата во средината на идниот месец, на само два дена пред Самитот на ЕУ во Брисел, каде главната тема ќе биде Брегзит и тоа дали Британија ќе си оди со, или без договор.
Пратениците од целата опозиција, предводени од сега “освестените“ лабуристи и со помош на 22 конзервативни (владини) пратеници, ја презедоа контролата на Парламентот од владата и на брзина изгласаа нацрт-закон со кој не може да се напушти ЕУ без договор со Брисел, како и дека не може да има предвремени избори, како што сега бара Џонсон, пред да се знае каков Брегзит ќе има Британија.
Ториевски контра-удар
За предвремени избори му се потребни 434 гласови на пратениците, или двотретинско мнозинство, што тој, во овој момент, го нема. При гласањето за неговиот предлог за предвремени избори, Џонсон доби само 298 гласови од своите поддржувачи, тврди брегзитери кои веќе добија, или очекуваат да добијат некоја владина или државна позиција, како и од конзервативните пратеници на ДУП од Северна Ирска.
Против беа и неговите 22 ториевски пратеници кои не се против излегувањето од ЕУ, како што тоа го прикажува проџонсоновата пропаганда, туку се против напуштање на ЕУ без договор.
Само затоа што знаат дека таквата одлука е опасна, а некои велат и катастрофална токму за Британија и за нејзината економија.
Џонсон ги обвини сите пратеници кои му се спротивставија за “саботажа“ и за “капитулација“ пред ЕУ, затоа што со тоа, наводно, ги “торпедирале“ британските преговарачки позиции, во процес кој едноставно не постои, затоа што Брисел не прифаќа нови преговори и инсистира на задржување на одредбата Бек Стоп, со која се спречува враќање гранична линија меѓу Ирска и Северна Ирска и се овозможува одржување на историскиот мировен договор од Велики Петок во 1998 година.
А, Џонсон продолжува да зборува дека може да постигне договор во ова кратко време до 31 октомври, иако не открива како.
Според некои лондонски медиуми, сегашната влада предлага “радикално редуциран“ Бек Стоп, ако веќе мора да постои, но во новата британска понуда нема ништо за границата меѓу двете ирски територии. Истите извори откриваат дека ваквите понуди во Брисел, некои дипломати ги оцениле како “катастрофални“.
Уште повеќе, медиумите откриваат дека на 28 август, Џонсон свикал владина седница “од нога“ на која признал дека постојат мали шанси да се издејствува некаков нов договор, наместо оној на Тереза Меј, без разлика што тој упорно тврдеше и тврди дека може да се направи.
Исклучување од партија
Наместо смирување на тензиите во Парламентот и во јавноста, Џонсон го одбра патот на расправии, обвинување на сите кои не мислат како него и на казнување на своите ториевци, за, како што има речено, нелојалност кон партијата и владата.
Исклучи од партиските редови дури 22 пратеници, што е случај без преседан во Британија, особено што меѓу казнетите се и двајца поранешни министри за финансии и еден од бордовите на конзервативците.
Ги казни доскорешниот министер во владите на Камерон и Меј, Филип Хамонд, потоа долгогодишниот пратеник Кенет Кларк, министер во владите на Маргарет Тачер и Џон Мејџор, како и ториевскиот ветеран Николас Соамс, инаку внук на поранешниот премиер Винстон Черчил. Во излагање во Долниот дом, Соамс рече дека не верувал дека ова било кога може да му се случи, обвинувајќи го сегашниот партиски лидер и премиер за нелојалност кон Тереза Меј.
Пратеникот Кларк, пак, го обвини Џонсон дека е нечесен во целата оваа работа околу Брегзит. Тој порано има речено дека доколку е потребно, би требало да се собори сегашната ториевска влада, нудејќи се и себе си како привремен премиер!
Џонсон против Џонсон
Врв на хаосот што сегашниот премиер го продлабочува со својата ароганција и бескомпромисност во време кога токму компромисот е најпотребен во Британија, е шлаканицата што Џонсон ја доби од својот брат, пратеникот Џо Џонсон (47), кого Борис го постави за заменик министер за образование, не грижејќи се многу за непотизмот. Помладиот Џонсон кој (очигледно) по наговор на постариот брат, поднесе оставка во владата на Меј, по постигнатиот договор со Брисел, од ноември 2018 година, сега соопшти дека демонстративно се повлекува од владата, но и од политиката, поднесувајќи оставка и од пратеничката функција, несогласувајќи се (со братот) околу Брегзит.
Многу ми се поважни државните интереси на Велика Британија, од верноста и лојалноста кон семејството. Ова што сега се случува е нерешлива тензија, па затоа решив да се повлечам, а други нека ја продолжат работата
…вели Џо Џонсон во изјавата по повод својата оставка. Тој инаку открива дека се залага за нов референдум и е против излегувањето од ЕУ без договор. Во 2016 година гласал (како и Тереза Меј) за останување во ЕУ, а подоцна има речено дека било погрешно што на британските гласачи им било оставено да одлучуваат околу европското прашање.
Лондонската телевизија Скај, оценува дека одлуката за оставка на Џо Џонсон, всушност, е најголемиот пораз што изминатите два дена го има доживеано Борис Џонсон, како премиер и партиски лидер, затоа што се однесува токму на Брегзит.
„Ако Џо не му верува – зашто да му веруваат Британците“
“Ако братот не му верува на премиерот дека навистина работи во интерес на државата, тогаш како и зошто би му верувале Британците“
…прашува во својата анализа ТВ Скај, забележувајќи дека британското излегување од ЕУ, што почна како “салонска игра“ која ќе се разреши “лесно и брзо“- и во случајот со браќата Џонсон покажа дека Брегзит ја подели Британија, но подели цели семејства и растури стари пријателства- поради политичките разлики.
Борис Џонсон, сепак, продолжува да тера по свое. По серијата порази тој отиде во англиската област Западен Јоркшир за да зборува пред своите симпатизери во настап кои лондонските аналитичари го оценуваат како предизборна кампања.
Не се откажува од тоа да има набрзина вонредни избори – само за да им покаже на своите политички противници дека не е поразен и дека гласачите и натаму се со него, па најави дека на 9 септември ќе побара ново гласање во Долниот дом, за обезбедување двотретинско мнозинство за изборите, што еднаш не помина. Ги заплашува гласачите дека треба да избираат меѓу него (ветувајќи договор со ЕУ?) и лидерот на лабуристите Џереми Корбин, кого го обвинува дека во Брисел “ ќе и се предаде“ на ЕУ!
Во меѓувреме, лордовите во Горниот дом, по долга дебата, го прифатија нацрт законот – да нема Брегзит без договор. Документот во понеделник ќе го потпише кралицата Елизабета, по што тој ќе стане закон, а тоа значи обврска за Џонсон, на Самитот на ЕУ да бара ново одлагање за излегувањето на Британија.
Во Западен Јоркшир, меѓутоа, премиерот арогантно и во негов стил изјави – „подобро мртов во ендек, отколку да го побарам тоа“ во Брисел!
Изјави и дека ако веќе нема да има избори, тогаш ќе оди на Самитот на ЕУ, во Брисел, следниот месец и како што рекол – ќе направи (нов?) договор, а потоа на 31 октомври Британија ќе излезе од ЕУ. Освен тоа, порачал и дека нема намера да се повлече од функцијата, доколку како што се најавува, опозицијата одново ќе гласа против избори “во невреме“ пред Брегзит, а тој ќе доживее уште еден пораз.
(Д.Л.)