Закана од Париз?
Не е прв пат од Париз да добиваме контроверзни пораки за македонската (и регионалната) европска перспектива. Еднаш, со силна подршка на тој пат, во стилот – интеграциските процеси во Европа ќе бидат комплетирани со влегувањето на целиот Балкан во ЕУ, а друг пат, со студено отфрлање на таквата подршка, со порака дека треба уште да се причека, или дека сега не било времето за заокружувањето на тој и таков процес. Францускиот амбасадор во Скопје, на пример, како дисциплиниран дипломатски службеник, од време, на време, ревносно не потсетува на таквата топло-студено дејствување на неговата париска централа и на политиката на неговата земја кон Република Северна Македонија.
Еден негов колега, француски дипломат (во странство), меѓутоа, во разговор за „Скопје/Глобал“ уверуваше дека единствената пречка на македонскиот пат кон ЕУ е Грција, односно потребата да се постигне договор за проблемот со официјалното име на нашата држава.
„Решето го тоа прашање со вашиот јужен сосед и сите работи после тоа веднаш ќе тргнат“- беше пораката од францускиот дипломат. Таа пречка беше надмината многу побрзо отколку што изгледа во Париз се веруваше, откако на политичката сцена на Балканот се појавија двајца храбри политичари ( македонскиот и грчкиот премиер) кој на регионот, на ЕУ и Европа и на светот им покажаа дека и овде може да се постигне компромис, да се надминат заблудите од историјата и да се надрасне национализмот.
Договорот од Преспа
Зоран Заев и Алексис Ципрас, со нивните министри за надворешни работи, успешно го завршија преговарачкиот процес за седум месеци, без посредници, туку во директни преговори. Го потпишаа сега веќе историскиот Преспански договор и успеаја тој да се ратификуваа и во двете држави и покрај силните пречки и противење на националистите од двете страни, како и на една голема странска сила, на која повеќе и одговара нестабилноста и кризата во регионот, отколку мирот и неговото приклучување кон ЕУ.
Во Скопје, актуелната проевропска и реформска влада тргна во исполнувањето и на другиот „ пакет“ барања на Унијата, со цела низа реформски закони , чие комплетирање намерно го блокира националистичката опозиција, силно потикнувана и подржувана од надвор, од истиот моќник кој настојува да направи реставрација на соборениот режим, за да се попречи европскиот пат на државата и за да се дисквалификува сегашната влада. Целта на домашните националисти и популисти кои, инаку, за 11 години режимско владеење, не направија ниту една реформа и ја одвратија Македонија од нејзиниот стратешки европски курс, сега настојуваат да ја накодошат сопствената држава кај Европејците, тврдејќи дека актуелната влада „ нема реформски капацитети“ (!)
Од јуни до октомври
Брисел и Европската комисија, сепак, гледаат што се случува на теренот, па за Македонија (за прв пат) побараа од Европскиот совет, безусловно да и се определи датум за почеток на пристапните преговори. Тоа е она што владата во Скопје, сега единствено и го очекува, свесна дека после тоа следува долгата битка за исполнување на сите 35 поглавја, пред формалното зачленување. Но, еднаш претходно ветениот јуни годинава, не беше испочитуван, откако земјите- членки на ЕУ не постигнаа консензус за барањето на Европската комисија. Наместо сега, како што тоа беше ветено, определувањето датум уште еднаш беше префрлено- овојпат за „ до октомври“, без да се посочат било какви дополнителни услови и барања од Скопје.
Нема нови барања, но некоректната и непринципиелна постапка на ЕУ кон Македонија, европските медиуми остро ја осудија, означувајќи ја како дестимулирачка, но и безбедносно опасна, поради силното мешање на странски, антиевропски сили во целиот регион. Обвинувањата за ваквата разврска беа насочени кон Германија и Франција, а се покажа дека зад сето ова, сепак, стојат официјален Париз и францускиот претседател Емануел Макрон.
Прашање е- зашто на Французите им пречи на една мала Македонија, после деценија и половина чекање, да и се додели датум од кога земјата би ги почнала преговорите за полноправно членство. Но ако се суди според една неодамнешна неприлична реакција на шефот на француската дипломатска мисија во Скопје, на една распарава за европската перспектива на државата, излегува дека овде за тоа повеќе не би требало да прашуваме. Според скопските медиуми, амбасадорот налутено возвратил со зборовите- „Престанете со постојаното прашување кога ќе биде определен датумот“ , додавајќи на заминување од расправата, дека властите треба да се борат со корупцијата и го посочил „случајот“ на градоначалникот од Струга?
Амбасадорот нема одговор
Ако навистина се било вака, амбасадорот на Франција (а тоа значи и Ке Д Орсеј) имаат различни гледања кон македонските состојби, постигнувања и резултати последниве две години, од оние на Брисел, Европската Комисија и од сите другите во Европа кои уверуваат дека „ мора да се награди Северна Македонија“ со датум за старт на преговарачкиот процес, прикажувајќи ја земјата како позитивен пример во регионот. Сега би требало да се праша амбасадорот- зошто му е потребната нервозата и бурната реакција, кога веќе дошол на расправата, но соочувајќи се со заканата и „ Скопје/Глобал“ да биде прекорен на истиот начин, нема да одиме до таму.
Јасно е само дека тој нема одговор, затоа што незнае како да ги одбрани своите шефови. Претседателот Емануел Макрон пред две години, на стартот од својот петгодишен мандат, самиот зборуваше за европските перспективи на Балканот, порачувајќи дека сега е време тој процес, започнат од поодамна, да се затвори, со што би се комплетирала ЕУ.
Подоцна, почна да отстапува од своите зборови, не давајќи некое валидно објаснување, освен дека треба да се реформира Унијата, пред да продолжел процесот на проширувањето. Веројатно и самиот знае дека реформирањето на ЕУ ( кое станува неопходно за една таква сложена структура што ја сочинуваат 28 независни држави) може да се одвива паралелно со пристапните преговори со земјите кандидати, особено што Брисел , во таа фаза, би можел до бесвест да го развлекува преговарачкиот процес, чекајќи го крајот на реформите.
Награда за Србија и Црна Гора
Нервозната реакција на францускиот амбасадор во Скопје, меѓутоа, открива и нешто друго. На реакцијата од учесник во расправата кој прашал- ако Македонија има проблеми со корупцијата , како тоа една Србија, или Црна Гора се најдоа, преку ред во процесот за преговори за членство, кога објективно, не се во ништо подобра позиција од Македонија, кога станува збор за корупцијата, дури се и во полоша ситуација- амбасадорот возвратил- ако еднаш погрешивме, нема да дозволиме тоа да се случи одново !?
Секако, може да се разбере амбасадорот со ваквата реакција, затоа што тој не смее да каже дека од 2012 година, Србија е наградена со преговарачкиот процес, поради Косово, за да ја прифати неговата независност, додека Црна Гора, за своето свртување од Русија, кон Западот, па преку ред стана и членка на НАТО.
И, конечно, ако ЕУ, Западот, Франција еднаш погрешиле, зашто Србија и понатаму се наградува со отворање на уште едно поглавје, со кое пристигнуваат уште и 100 милиони евра, а францускиот претседател Макрон ( како што е најавено во Белград) доаѓа во посета на земјата. Критериумите се ( најблаго речено) крајно сомнителни, според декларираните страндарди на ЕУ ( и на самата Франција) , па затоа уште повеќе се потребни вистинските објаснувања, овојпат и за нервозниот коментар на самиот француски претседател на Самитот на ЕУ, при именување на новите европски функционери.
„Блокирано“ проширување?
Како што пренесоа западните медиуми, Макрон се заканаил дека никој нема да го натера да прифати нови проширувања на ЕУ, додека не се среди Унијата од внатре.
„ Не можеме да се договориме ние 28 , а како ли ќе биде ако бројот на членките е уште поголем“ – рекол Макрон, па самиот, на своевиден начин, го затворил процест за проширување ! Кому најмногу бил лут, не е јасно. За кого од кандидатите за кој немало консензус бил толку налутен, исто така, не е познато. Но, известувачите велат дека токму францускиот претседател има придонесено за блокадите на Самитот. Прво, со неприфаќањето на „ шпицкандидатот“ Манфред Вебер, како и со неподржувањето на Франс Тимерманс, а потоа , со предлагањето на Мишел Барније и со истуркувањето на Кристин Легард во фотељата на претседател на Европската централна банка.
Неговиот гнев, се претпоставува, го предизвикале лидерите на земјите од (сега националистичката) Вишеградска четворка, внатре во ЕУ, што Макрон, минатата есен остро ги критикуваше поради нивното спротивставување на стандардите и прописите на Унијата, што инаку ги имаат усвоено при зачленувањето.
Тие ( велат) се имаат спротивставувано на низа понудени кадровски решенија, блокирајќи ја можноста за консензус, главно, од свои егоистички причини- затоа што се имаат завадено со некои од функционерите на Европската комисија во Брисел. Тоа посебно се однесува на Унгарија, Полска и Романија, кои остро се спротивставуваа на кандидатурата на Франс Тимерманс, еден од „ шпицкандидатите“ кои против овие земји покрена процес за нивните антиевропски закони и реформи.
Макрон и источноевропејците
Според тоа, би можело да се заклучи дека Макрон, налутен на источноевропејците, сега, на обвинителна клупа ги става и земјите од некогашната Источна Европа, вклучујќи ги и оние од екс ЈУ, кои останаа последни за влез во Унијата, сметајќи дека кога и тие би биле дел од ЕУ би се однесувале како оние од Вишеградската четворка, некогашни предводници на транзицијата на Истокот од континентот. А, кога вака ќе се погледаат работите, тогаш приказните на францускиот амбасадор за борба против корупцијата, за да се обезбеди само датум за преговори, делуваат како хипокризија.
Токму така делува настојувањето на некои да се дотера Западен Балкан, прво да биде личен како една Норвешка, Шведска или Швајцарија, па дури потоа Париз, или можеби и некој друг да даде „ зелено светло“ за отворање на пристапните преговори, игнорирајќи ги старите притисоци ( кон Македонија) да се постигне, прво, договор со Грција.
Хипокризија е да се бара искоренување на коруцијата ( што не значи дека таа не треба постојано да се гони и санкционира), кога ја има и во балканските земји во ЕУ, во средноевропските членки на Унијата, а ја има секако, во солиден обем и на Западот, па и во самата Франција. Во изминатите години, на пример, како осомничени, или обвинети за дела врзани за корупција, се имаат најдено низа познати лица од француската политика- екс градоначалникот, премиер и претседател Жак Ширак, поранешениот министер и бизнисмен Бернар Тапи, сега и екс претседателот Никола Саркози, претходно министер за внатрешни работи, па дури и една Кристин Легард.
Што сега се чека?
Но, да се вратиме на ситуацијата околу Македонија и постојаните одлагања за доделување датум за преговорите со ЕУ. Кога станува збор за Франција, еднаш, како изговор, се споменуваше заканата од Марин Ле Пен и времето пред, сега веќе завршените избори за европски Парламент, па потоа беше гневот на „ жолтите елеци“ , па распалениот евроскептицизам меѓу Французите, па имигрантите и нискиот рејтин на претседателот.
Сега, се бара да се „стрпиме“ до октомври, но засега не се знае кого и што треба да чекаме. Дали тоа треба да биде постигнувањето договор меѓу Србија и Косово,или смирувањето на Белград и Подгорица. Кој знае, можеби стабилизацијата во БиХ, или определувањето на пазарлокот со Русија и со Владимир Путин околу Косово, Украина и Крим, околу Грузија и отцепените Абхазија и Јужна Осетија, што за Москва од 2008 година се независни држави.
Можеби во Париз се чека на конечен договор со Лондон за Брегзит и заминувањето на Британците од ЕУ (крајот на октомври, годинава) , или на инаугурацијата на нов германски канцелар. Или пак на стапувањето на должност на новите европски функционери, што единствено може да делува логично. Кога Макрон ќе допатува во Србија, можеби и ќе објасни што уште треба да се случи, во очекување на датумот.
(Спектатор)