Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„Фактичко признавање на Косово“

„Фактичко признавање на Косово“

Во текот на својата турнеја низ Западен Балкан, претседателката на Европската комисија ( технички и правно -премиерката на ЕУ) секаде настојуваше да ја афирмира новата политика на Брисел , за  забрзана интеграција на регионот- пред да биде вистински интегриран во Унијата- но од сите земји бараше разрешување на ситуациите кои (во овој момент) се јавуваат како сопричака на нивниот пат за Европа.

Уште повеќе- Урсула фон дер Лајен ги посочи како предуслов за она што се нуди, особено што сите шест земји од регионот, веќе од порано имаат ветено дека ќе го направат она што од нив се бара.

Барање  санкции и за Белград

Кога станува збор за Србија, како и за Косово, тоа е надминување на крајно напрегнатата ситуација на теренот, во северно Косово, по двата тешки инциденти. Прво, со нападот на наводно  „гневните “ локални Срби врз силите на КФОР, во кој двајца од мировниците  заминаа дома со ампутирани екстремитети, а потоа и  со нападот на една српска вооружена паравоена група во селото Бањска, врз косовски полицајци.

Во тешкиот инцидент- во кој се пукаше од рано утрото, до доцна во ноќта- беа убиени три лица- еден од нападнатите полицајци и тројца припадници на групата- сите од заедницата на локалните  косовски Срби.

Сега е сосема јасно дека токму еднодневното војување во Бањска се смета за кулминација на политиканските игри на Белград и на Приштина во врска  со веќе постигнатиот договор и на двете страни за нормализација на српско-косовските односи. Тоа предизвика гнев во ЕУ, па десетина земји членки, бараат санкционирање на Србија, поради (како што се верува) нејзината вмешаност во Бањска. Онака како што е санкционирана косовската страна за некооперативноста околу смирувањето на тензизиите на теренот.

ЕУ го губи трпението

Европски дипломати посочуваат дека не може Белград и српскиот претседател и натаму да останат несанкционирани, признавајќи притоа  дека Унијата и Западот го губат трпението во врска  со игрите на Србија,  со кои се загрозува безбедноста на целиот регион и се настојува отворање на „втор фронт“ во Европа. Со предизвикување воена криза на северот од Косово, за да се- како што велат и во Приштина- се анектира тој дел од земјата-според сценариото на Москва што таа го спроведува во Украина.

Се смета дека (најверојатно) нема да има никаква разврска и разрешување на случајот Бањска, а ниту санкционирање на српската страна, до одржувањето на  уште едни предвремени парламентарни избори во Србија, закажани за средината на следниот месец.

Но, затоа, по неуспехот на европската тројка (Макрон, Шолц, Малони) да се натераат Белград и Приштина на компромис, стана јасно дека Брисел и ЕУ сега од српската страна бараат – де факто признавање на Косово, а од косовската – без одлагање создавање на веќе прифатената Заедница на српски општини (ЗСО).

Признание без признавање

Секако , секому кој е доволно чесен и малку ги разбира правните формулации- му јасно е дека од Србија не се бара формално признавање (de jure). Тоа би требало да го задоволи српското инсистирање дека Белград – „никогаш нема да признае независност на Косово“ . Затоа сега се инсистира на терминот „de facto” што треба да биде некаков компромис кон Приштина, која бара  (премиерот Албин Курти) формално  билатерално признавање, како решение за кризата.

Правни експерти и лингвисти велат дека сегашната формулација која е ставена на масата за преговори, всушност, значи прифаќање и признавање на фактичката состојба на теренот (Косово е надвор од Србија и нејзината јурисдикција уште од 1999 година).

Тоа значи дека Белград ќе мора да го  признае Косово , без притоа да го изговори терминот -признавање. Односно, да прифати дека 24 години  врз некогашната покраина нема ниту власт, ниту контрола . Нема ниту државно-правен суверенитет врз косовската територија за да го попречува членувањето во ОН, на пример.

Најновиот план за нормализација, предвидува  канцеларии за врски, или претставништва ( на Србија во Приштина и на Косово во Белград) но тие нема да бидат амбасади, а ниту ќе имаат дипломатски статус. Само ќе се занимаваат со правно-технички работи од полза за граѓните – меѓусебно признавање на личните карти, на дипломите и возачките дозволи и на сопственоста (прашања во врска со катастарот).

Нормализација по германски модел

Во основа, станува збор за работи кои беа дел и од договорот за нормализација на односите- онака како што во време на Студената војна, пред 50 години, се имаат спогодено Западна и Источна Германија, во тогаш поделената држва, од која  едната беше Федерална република Германија, а другата Германска Демократска република ( ГДР).

Двете Германии се спогодија да ги нормализираат своите односи, со фактичко меѓусебно признавање,  а без формалното признавање, кога веќе беше сосема јасно дека на Истокот од некогашната една германска држава, постои посебна држава врз која Западот и владата ( тогаш во Бон) нема никаква контрола и власт. Тоа овозможи ГДР да стане членка на ОН и дури беше и еден од основачите на тогашен КЕБС ( денес ОБСЕ).

Станува збор за  рецепт кој им помогна и на двете влади- во Бон и во Источен Берлин – да ја поправат и засилат својата меѓународна положба. Но, на Западен Балкан тоа оди тешко- без разлика што како награда стои  понудата на ЕУ што минатата недела беше промовирана.

Од Белград и натаму се зборува- нема признавање на Косово- а од Приштина дека ЗСО може да има само  доколку тоа не е нова „република српска“ за Косово. Во Брисел е направено правно  решение за тоа како да изгледа оваа заедница, но претседателот на Србија не го прифаќа тоа решение.

(Б.Б.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе