Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„Нема услови за српско/косовскиот дијалог“

„Нема услови за српско/косовскиот дијалог“

Флоријан Бибер, професор на Универзитетот во Грац (Австрија) и добар познавач на балканските состојби смета дека во сегашниот момент нема услови за продолжување на започнатиот дијалог на Србија и Косово. Односно  дека специјалниот пратеник на ЕУ , словачкиот дипломат Мирослав Лајчак, не може да ја обавува мисијата која му е дадена- да ги доведе Белград и Приштина до  договор за нормализација на нивните односи.

Ваквата можност, како и оптимизмот во ЕУ и  Западен Балкан, дека косовското прашање може да се затвори- особено откако двете страни се договорија за тоа во Брисел и во Охрид-според Бибер се целосно урнисани после тешкиот инцидент во селото Бањска , на северот од Косово, на 24 септември, кога српски паравоени сили нападнаа косовска полициска патрола- убивајќи еден и ранувајќи тројца полицајци.

Влошување на ситуацијата

Австрискиот експерт смета дека ситуацијата на Косово сега е далеку полоша отколку пред една година, па  Лајчак не може да ја врати динамиката на започнатиот дијалог, затоа што впечаток е дека и двете страни тоа не го сакаат, што навестува дека  европскиот пратеник се соочува со невозможна мисија.

„Ако започнатиот дијалог води кон влошување на состојбата, наместо кон смирување, не гледам никаква иднина за него. Едноставно, работите наместо кон подобро, одат кон полошо„- рекол Бибер во разговор за белградски медиум.

Тој смета дека ваквите размислувања се присутни и во Брисел. Бибер верува дека таму ќе ги чекаат изборите за Европскиот Парламент во мај следната година, и за новата Европска комисија од која ќе се бара осмислување на нов процес за српско-косовскиот дијалог.

Она што до тогаш би се работело би било 0држување на сегашниот статус-кво и спречување на нов инцидент, како оној во Бањска од пред еден месец.

Потреба од обврзувачки договор

Овој експерт е на мислење дека она што ќе треба во иднина да се направи тоа е -носење обврзувачки договор, со потпис на документот на лидерите од двете страни и со рокови за спроведување – за да нема повеќе  ситуации, како онаа после постигнатиот  договор во Охрид.

Колку за потсетување-  претседателот на Србија, по охридските преговори зборуваше дека има договор, за да по доаѓањето во Белград изјави дека  нема ништо потпишано, а дека без тоа ништо не е обврзувачко. Уште цинично додавајќи дека – „го боли раката , па дека затоа нема да може да потпишува договори и во следните четири години“.

Поради ова, ќе постои влада на Србија која од терористи кои убиваат полицајци, ќе  прави херои за кои ќе има молитви во цркви, но затоа  нема да има нормализација на односите, смирување на тензиите, мир во српско/косовските односи и стабилност во регионот.

Нормализацијата како што е замислена и договорена, не значи дипломатско признавање, туку отфрлање на говорот на омразата , на постојаното одржување на тензиите меѓу двете етнички заедници и на  јазот меѓу комуникацијата со светот и онаа внатрешната.

Вина и на Белград и на Приштина

За влошената состојба и за неперспективноста од продолжувањето на досегашниот дијалог, во сегашните услови,  виновни се и Белград и Приштина.

Српската страна продолжува да ги замајува Европа и меѓународната заедница дека сака мирна разрешница, како што нејзе и одговара- продолжувајќи да зборува дека – Косово е Србија- иако тоа не е така уште од средината на 1999 година.

Косовската страна, пак, како да ужива во тврдоглавоста и неспремноста на Белград за компромис, затоа што на косовскиот премиер му дава слобода да не ги спроведува своите обврски, ветувањата што ги има дадено и она што е договорено во Брисел и Охрид.

Посебно, да се спротивставува на создавање на Заедница на српски општини (ЗСО) од пред десет години, уредено онака како што тоа го сака Белград- за да може постојано да се меша во Косово.

Српско оружје за Украина

Според тоа, и на Белград му одговара едно вакво однесување на Приштина, бидејќи може и понатаму некого да обвинува и некој друг да е единствениот виновник. Како што тоа го направи за тешкиот инцидент во Бањска . Иако напаѓачите беа етнички Срби и тоа  пред обвинител го има признаено нивниот водач-инаку  човек од доверба на српскиот претседател- Србија за инцидентот ги обвинува  Приштина и КФОР.

Уште сето тоа сега ставено   во услови на најновата политичка ситуација- во време пред српските (нови, вонредни) избори,   кога Косово (веројатно) одново ќе стане тема за собирање на гласачката маса на страната  на српскиот национализам.

Во вакви услови, Флоријан Бибер верува дека Европа ( а и САД) како да имаат дигато раце и од тоа да притискаат врз Белград да воведе  санкции за Русија, поради инвазијата врз Украина.

Како да се прифаќа тоа дека Србија и нејзиниот  претседател нема да попуштат- наводно бранејќи некаква своја независна позиција и политика. А, нема такво нешто во денешните меѓународни односи, доколку Белград  навистина сака во ЕУ. Но, очигледно е дека во Брисел сега се задоволни што српската страна барем испраќа оружје и муниција за Украина и за нејзината војска.

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе