Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Уште еден Орбан во ЕУ ?

Уште еден Орбан во ЕУ ?

Најмногу гласови на неодамнешните парламентарни избори во Словачка освои партијата Смер (Насока) на поранешниот левичарски популист и русофил Роберт Фицо, иако првичните резултати (врз основа на излезноста на гласачите) навестуваа тесна победа на проевропската партија Проевропска Словачка.

Победата на Фицо, меѓутоа, не е доволна тој и неговите да формираат влада, па сега, откако го доби мандатот за формирање владеачка коалиција,  настојува да најде партнери за да може да создаде стабилна влада и за да  се врати на премиерската функција.

Од таа позиција беше принуден да се повлече откако беше осомничен за корупција  во врвовите на власта и после силниот гнев во јавноста, поради убиството на словачкиот новинар кој го истражуваше случајот со владината корупција.

Враќање во незгодно време

Неговото враќање на политичката сцена доаѓа во незгодно време- во услови на продолжената војна во Украина, особено затоа што Фици и сега настапува со својта препознатлива проруска реторика. Во време  кога во словачкото соседство Русите настојуваат  да ја натераат Украина на капитулација, Фицо ги напаѓа ЕУ/НАТО и САД за нивната политика кон Москва и за воведените санкции кон путинова Русија.

Словачка која се граничи со Украина беше меѓу првите земји во Европа која тргна да и помага на владата во Киев со анти-ракетни системи и со орудија за противвоздушна одбрана, практично, покренувајќи ги и другите во ЕУ да го следат нејзиниот пример.

По изборите, изгледа, дека Украинците ќе останат без словачката подршка, затоа што во кампањата тоа Фицо го најавуваше.

Излегува така  дека Виктор Орбан , рускиот „Тројански коњ“ во ЕУ, конечно, си најде другарче во Унијата и НАТО за блокирање на европските и на западните потези и мерки за да им се помогне на Украина и на нејзината борба за одбрана на својата територија.

Корупциски скандали

Експерти во Братислава, сепак, потестуваат дека Фицо, таков каков што е, прво треба да најде партнер, или партнери за создавање владина коалиција, што може да потрае, затоа што словачката политичка сцена е прилично уситнета.

Освен тоа, без разлика на освоените најмногу гласови, прашање е дали мандатарот ќе може да формира влада, со оглед на бројните корупциски сканали во времето кога тој беше премиер.

Ако успее , ова ќе биде шетвртиот мандат на Фицо кој прв пат беше на премиерската функција во 2006 година. Беше натеран на оставка во 2018,  по бруталното убиство, во неговиот стан, на истражувачкиот новинар Јон Круцијак ( и на неговата свршеница) за кого велат дека бил на трагата да ја открие корупциската мрежа во врвот на власта.

Впечаток е дека по последните избори, словачките гласачи како да имаат заборавено на сето  она што ја потресуваше земјата пред пет години.

Мешање на Москва во изборите

Партијата Смер е левичарска по  својата идеолошка основа, но на овие избири за неа гласаа и националистите и гласачите на крајната десница кои се противат на имиграционата политика на ЕУ и давањето право на имигрантите од неевропските земји.

Анализите, исто така,  укажуваат и на силното мешање на Русија и на нејзините тајни служби во изборниот процес, подржувајќи ги сите партии (од десниот блок) кои се спротивставуваат на единството во ЕУ и давајќи им пари на партиите од крајната десница за нивната пропагандна кампања.

Но, Москва и во Словачка беше вклучена во силната кампања за пласирање лажни вести и дезинформации , преку медиумите, а посебно преку социјалните мрежи, кои заедно со пропагандата на Фицо и неговите, се создаде ускладена кампања против европскиот блок, а тоа значи и ЕУ, со чии пари Словачка е она што е денес.

Д0машни аналитичари  истакнуваат дека иако земјата (како дел од поранешна Чехословачка) беше репресирана од наметнатиот советски систем и од недемократската  идеологија на поранешен СССР, се уште има  луѓе во гласачкото тело кои се останати русофили и подржувачи на Москва, Дури и сега, кога режимот на Путин брутално го гази суверенитетот на Украина.

Фицо има потреба од ЕУ

Тие сега се правдаат со високата инфлација во Словачка и со скапата енергија, наивно верувајќи дека со руска подршка тоа не би било така.

Во Братислава се стравува дека победата на Фицо може да ја направи Словачка сојузник на орбанова Унгарија која останува „црната овца“ во ЕУ, соочена со можноста земјата да остане изолирана, онака како што се тоа Орбан и Будимпешта.

Меѓутоа, Словачка за разлика од Унгарија има расцепкана политичка сцена на која Фицо и да стане премиер, не ќе може да воведе деспотија и автократска власт, како онаа на Орбан. Освен тоа, Роберт Фицо ( барем порано ) беше прагматичен политичар кој и покрај левичарењето ја внесе Словачка и во Шенген зоната и во зоната на еврото.

Сега земјата е соочена со најголем дефицит меѓу земјите од еврото, па во такви услови тој би морало да биде крајно  неразуман за да покренува фронт против ЕУ, од каде му треба финансиска подршка за домашната економија, за да им служи на руската кауза, на Орбан и на антиевропските интереси.

(Б.С.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе