Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Признанието на косовскиот Пабло Ескобар

Признанието на косовскиот Пабло Ескобар

Ни после една недела од најтешкиот инцидент во Косово, во изминатите десет години, откако српска тешко вооружена група нападна патрола на косовската полиција, по што загинаа четири лица- се уште ништо не се знае кој стои зад оваа пресметка . Без разлика што во меѓувреме, сега веќе поранешниот заменик лидер на партијата на косовските Срби- Српска листа призна дека тој го организирал и го извел нападот.

Сепак, и натаму не се знае   кој  има замислено и наредено  да се нападнат косовските полицајци, откако претходно ќе бидат намамени, со блокада на мостот во селото Бањско, во северниот дел од Косово, а ниту која и каква била целта на  операцијата, знаејќи дека полициските сили ќе реагираат на нападот.

Обид за анексија на Северот ?

Од оружјето и од опремата што се откриени по предавањето на дел од напаѓачите и бегството на српска територија на повеќето од групата од околу триесетина вооружени лица, може да се заклучи дека некаква тајна група, или тајна организација- со знење, или незнаење на власта во Белград – се има подготвувано за нешто многу поголемо.

Власта во Приштина верува дека тоа требало да биде бунт од поголеми размери за да се испровоцира отцепување на северниот дел од Косово- главно населен со етнички Срби- за да се припои кон Република Србија. Или, нешто многу слично, или истоветно со она што се случи и се случува во Украина и нејзиниот Исток, каде има етнички Руси и население кое зборува само руски, иако се сметаат себе си за Украинци.

Колку за потсетување- Москва се уште ја продава приказната за „украинско насилство врз рукото население“ и за „етничко чистење“ во Луганск и Донецк, што сега се окупирани и анектирани од Русија.

Намерно или не, таква беше и првичната реакција на официјален Белград на веста за вооружената пресметка, минатата недека во Бањска-  за тоа дека „Србите се спротвставиле не можејќи повеќе да го поднесуваат теророт на Албин Курти“-  косовски премиер кој  сака ( во невреме) да тренира строгост и да направи правна и уредена држава од Косово.

„Вагнер во српски стил“

И покрај неговите избрзани и (во овој момент) непотребни чекори, сепак, нема никаков терор на власта на Косово,  на северот од поделена Митровица. Односот кон српската националност не е ништо полоша од пред некој месец, од пролетоска, кога Србите од тој дел на државата, беа во структурите на власта. Во Парламентот во Приштина, во полицијата и судството и во локалната власт.

Затоа и вооружениот напад во Бањска беше примен со изненадување, иако   не е неочекуван, со оглед дека се градеше атмосфера за пресметка со оружјето- – од двете страни. Тука е и разликата од она во Источна Украина,  па можеби и затоа во северно Косово не се случи „косовски Донбас“.

Можеби некој ( во Белград) или некаде подалеку, сакаше да биде исто, па  „српските бунтовници“ беа наведени да изведат нешто- а ла „Вагнер“- како што тоа многу брзо го нарекоа некои белградски аналитичари. Вагнеровскиот стил во српска изведба,  меѓутоа, излезе ( барем овој пат)-  целосно промашување.

Приштина контра Белград

Тоа само ја влоши српската  позиција во преговорите за нормализација на односите со Приштина, ја загрози српската позиција во преговорите со ЕУ (ако српската страна навистина сака да биде дел од Унијата) и над се, му обезбеди алиби на Курти – за минатите грешки , за кои беше санкциониран и од ЕУ и од САД.

Тој сега тоа го користи за пресметка со партијата Српска листа, која е под директна контрола на Белград и на српската владеачка партија СНС, за да го одлага давањето ограничена автономија на етничките Срби во Косово- на што инсистираат и Србија и Западот.

Косовските власти, затоа,  веднаш ги обвинија Белград, српскиот претседател и над се заменик лидерот на Српска Листа, Милан Радојчиќ дека ја предводел групата и дека дури е ранет, па откако побегнал , се лекува во една белградска болница.

Влошување на српската позиција

Од Србија реагираа со негирање на косвските обвинувања и со воздржано одбрана на главниот осомничен, како и со ветување дека тој ќе биде сослушуван од српското обвинителство. Во времето на таквото меѓусебно препукување, се огласи Радојчиќ-жив и здрав.

Прво, поднесе оставка на функцијата во партијата за да го „сочувала својот интегритет“, а потоа и со признание за тоа дека е главниот виновник за она што се случи во минатата недела – за да „спречел натамошен терор на српскиот наод на Косово“- формулација идентична со онаа на официјален Белград.

Во изјава соопштена од неговиот адвокат, тој себе си се означува како единствен виновник и ја ослободува од секаква одговорност Србија- тврдејќи дека таа не е замешана во нападот, а ниту знаела за него.

Српскиот претседател ( кој единствен зборува за она што се случи) веднаш се огласи со изјава дека по признанието на неговиот најомилен политичар меѓу косовските Срби, за кој се вели дека ја имал безграничната подршка на официјален Белград, има речено дека ќе мора да одговара за тоа. Признавајќи дека по нападот српската позиција во Европа и светот е влошена.

Сомнителниот патриот

Како тоа ќе одговара Радојчиќ, не се знае, затоа што обвинителството еднаш се огласи дека не се знае во кое својство тој ќе биде сослушуван.

Тоа, пак, ги покрена старо-новите дилеми за ликот на овој човек. За тоа кој е и кого претставува на Косово, меѓу „својот народ“ , како што патетично знае да каже кога тоа е потребно за каузата. Особено кога се знае дека и српските политичари од Косово не го сакаат, не го почитуваат и не му веруваат.

Уште од (сега) убиениот Оливер Ивановиќ, до косовскиот  политички ветеран Рада Трајковиќ која вели дека не знае како Радојчиќ секогаш успева да се извлече- неказнет од секоја ситуација во која ќе западне.

Досега најчесто во врска со сомнителните, (велат) криминални бизниси во кои е вклучен на северот од Косово, во Србија и во делови од регионот, а никогаш за своето (некакво) политичко делување- најмногу финансирајќи ја партијата.

Радојчиќ како Пабло

Во Белград, независни аналитичари се огласија дека признанието е само за да се спасува српскиот претседател , од обвинувањата дека знаел за планирањето на нападот. Така мислат и во Приштина.

Таму објавија цела низа фотоси од неговата раскошна куќа-вила во северно Косово, за која може да се рече дека е рамна на вилите на криминалниот бос, кралот на дригата и мафијаш,  Пабло Ескобар.

Во луксузната вила на косовскиот Србин,  истражните органи настојуваат да најдат уште посилни докази за неговата врска и на Српска листа со правењето бунт за дестабилизација на Косов0 (и на регионот)- за да се одцепи северот од целината на државата.

Лажна грижа за српската кауза

Она што се гледа од фотосите  само покажува дека Радојчиќ располага со огромно богатство- велат крајно нечесно стекнато- дека станува збор за криминали за кои се тврди дека се направени со знаење на државата Србија.

Затоа и се смета дека признанието, колку и да треба да ја спушти тензијата, сепак, само ја открива другата страна на косовското прашање, по српското целосно повлекување во 1999 година.

Станува збор за бизис- криминалното подземје на кое им е оставенои да прави што сака- под изговор дека  се брани и се заштитува српската кауза на Косово, дека се заштитуваат преостанатите, малку над 100 илјади етнички Срби , меѓу 1,6 милиони косовски Албанци.

Всушност, со типови каков што е Милан Радојчиќ за обичните луѓе ништо не се прави. Според признанието на еден од нив, со ваквите промашени операции положбата на локалните Срби само уште повеќе се влошува.

(О.У.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе