Русија: Забранет влез за починати сенатори на САД
Руските власти во својата немоќ кон Западот и посебно кон САД, околу најострите досега санкции, што некому се наметнати, објавија дека ја прошириле својата листа на американски државјани кои ТРАЈНО им е забранет влез на територијата на Русија.
На тој „црн список“ на Кремљ, сега, има околу илјада Американци.
Тоа треба да биде рускиот одговор – реванш – за санкциите што САД, ЕУ и Западот и ги наметнаа на Русија, но и на низа руски функционери во поблискиот и во поширокиот круг соработници од политичкиот, воениот и безбедносниот сектор, на еден или на друг начин, блиски до Владимир Путин, по инвазијата врз Украина. Но, и од општествениот живот кои изминатите 3,5 месеци силно подржувајќи ја војната и одобрувајќи ги направените злосторства на руската војска врз Украинците.
На руската листа, така се најдоа американскиот претседател Џо Бајден, потпретседателката Камала Харис и државниот секретар Ентони Блинкен, како и цела низа републиканци, извршни директори на технолошки компании, новинари, обични и (за пошироката јавност) непознати американски граѓани, па дури и 85 годишниот актер – Оскаровец Морган Фримен.
Џон Мекејн не смее во Русија!
„Вашингтон Пост“ кој пишува за руската одмазда, се осврнува на смешната и во исто време тажна одлука на некого во Москва, на „црниот список“ на санкционирани – да се најдат и тројца ПОЧИНАТИ американски сенатори.
Тоа значи дека на руската територија никогаш повеќе не смеат да стапнат Џон Мекејн (републиканец) кој почина во 2018 година, после долго и тешко боледување. Потоа, Хари Рид кој умре во декемврри минатата година и Орин Хеч (обајцата демократи) кој умре минатиот месец, во длабока старост.
Како и зошто путинова Русија им се одмаздува на овие тројца починати, не се дознава од соопштението на МНР во Москва. Веројатно поради нивната критичност кон рускиот режим – додека беа живи.
Мекејн беше познат по својата критика на агресивноста на Русија, прикажувајќи ја секогаш како закана за американските интереси. Посебно критичен беше во врска со директното руско мешање во американските претседателски избори во 2016 година.
„Црна листа“ за “обични Американци“
Но, сето тоа губи секаква смисла, дури и ако е направено во гнев, што западните санкции ги погодија и најблиските во путиновото опкружување и во неговото семејство – поранешната сопруга и сегашната (велат) партнерка, која на еден ден беше донесена во Москва – за да ја одбрани војната во која се убиваат невини украински цивили – и потоа одново да исчезне од јавноста.
Како и да е, „Вашингтон Пост“ открива дека на „црната листа“ има луѓе од разни делови американското општество. Дури 86 се означени само како „американски граѓани“ и тие немаат никаква врска со политиката на администрацијата во Вашингтон.
Во оваа група на „опасни и казнети“ има еврејски рабини, што го открива вкоренетиот руски антисемитизам, активисти на ЛГБТ заедницата, што исто така зборува за тоа каде е отидена путинова Русија, уште повеќе што трајно забранет влез има и за еден адвокат од Ајова и за еден професор по историја од Универзитетот во Јеил.
Во делот на казнетите од американската тек индустрија, за непожелни се означени Марк Цукерберг, извршен директор на Фејсбук и Бред Смит, претседател на Извршниот одбор на Мајкрософт.
„Вината“ на Морган Фримен
Има санкционирани новинари и тоа од „Вашингтон Пост“, од „Њујорк Тајмс“ кои изгледа се „виновни“ затоа што двете редакции се блиски до демократите, односно до либералната демократија која Путин не ја поднесува, како и еден новинар на Си – Ен – Ен (не е некои од марките), како и Џорџ Стефанопулос уредник – коментатор на Еј – Би – Си, едно време советник во администрацијата на Бил Клинтон. И, тој казнет за минатиот труд.
На тој список на несакани казнети е и Оскаровецот Морган Фримен.
За него руското МНР вели дека се нашол и овој угледен американски актер затоа што во 2017 година, учествувал во еден видео спот во кој се обвинува Русија – за заговор против САД – во врска со руското мешање во изборната кампања во 2016 година, во кој повикува – „Нападнати сме, треба да се браниме“.
Видливо е, меѓутоа, дека на списокот го нема последниот претседател на САД, Доналд Трамп за кој се знае колку многу му се восхитуваше на Путин, но и на авторитарните лидери низ светот, како севернокорејскиот диктатор.
Путин го помилува Трамп
„Вашингтон Пост“ смета дека не е изненадување што Трамп е „помилуван“ од Кремљ. Особено кога се знае дека Москва правеше се што можеше да се избере за претседател на САД еден тотален новак во политиката, кој се претвори во десничар и популист, каков Америка никогаш немала во Белата куќа.
На Путин му беше потребен – слаб претседател – некој кого Кремљ лесно може да го обработува, потхранувајќи ја неговата суета, овозможувајќи и на путинова Русија да се рашири низ светот, како наводен миротворец. Освен тоа, со помош на Трамп, рускиот лидер можеше да работи на слабеењето и разбивањето на ЕУ и на слабеењето на НАТО, во кое Трамп се вклопи низ својот лажен патриотски слоган – Америка на прво место.
Само еден член на трамповата администрација – државниот секретар Мајк Помпео – не смее додека е жив да стапне на руската територија.
Како поранешен директор на ЦИА Помпео сфати колку е погубна (за Америка) политиката на Трамп, па тргна во разбивањето на изолацијата во која бившиот претседател ги стави САД – враќајќи ја Америка во Европа, но пред се, на Балканот, во Југоисточна Европа и на Западен Балкан. Еден простран регион што Доналд Трамп и ги препушти на Русија, која со помош на локалните деспоти ги задоволи своите империјални амбиции.
(В.П.)