Шведска и Финска пред вратата на НАТО?
Шведска и Финска, двете воено неутрални земји од северот на Европа, се повеќе и се позабрзано се приближуваат до НАТО, што се смета дека е директна последица од бруталната инвазија и агресија на Русија врз соседна Украина.
Се смета дека двете земји, практично, се пред вратата на Алијансата, откако последните анкети – за прв пат досега – откриваат дека поддршката во финската и шведската јавност, за влез во НАТО, бележи значителен пораст.
Над 53 отсто од Финците се изјасниле за итно влегување во Алијансата, процент што никогаш досега не е забележан. Финската телевизија (ИЛЕ) соопшти дека ова е прв пат процентот на Финците кои заговараат влез во западниот воено – политички сојуз, да надминал 50 отсто. Околу 27 отсто и натаму сметаат дека Финска треба да ја задржи својата неутралност.
Забрзан раст на поддршката за членство
Анкетата е направена пред руската агресија, па аналитичари во Хелсинки проценуваат дека после сите злосторства и масакрите што руските војници ги имаат направено на украинска територија, процентот на оние кои се за влез во НАТО, да е многу поголем.
Слична е ситуацијата и во соседна Шведска, каде една ваква анкета покажува дека постојано расте процентот на поддршката за влез во Алијансата и сега оние кои се за откажување од неутралноста, во име на безбедноста, е се во многу поголем број од оние кои се против.
Поранешниот шведски премиер Карл Билд кој, инаку, се залага за влез на земјата во НАТО, има изјавено дека „она што до скоро изгледаше незамисливо, може да стане стварност“.
Инвазијата на Русија врз Украина, предизвика – одново за прв пат – двете земји да ја напуштат политиката за непраќање оружје и воена опрема, на земји кои се во војна, па на Украина, за потребите на нејзините одбранбени сили, против – тенковско оружје и специјални пушки.
Прв пат после 1939 година
Ова е прв пат, после 1939 година, Шведска да понуди воена помош, кога ја помагаше со оружје Финска која тогаш водеше одбранбена војна со Советскиот Сојуз, откако Сталин ги прати руските војници да ја освојат соседната држава.
Официјална Москва, во својот вообичаен манир, минатата недела се закани со „возвратни мерки“ доколку Швеѓаните и Финците, сепак, влезат во НАТО.
Ваквата реакција треба да се разбере – како обид и на овој начин да се „оправдува“ инвазијата. Односно, дека во Украина се „интервенирало“ за да се попречат нејзините амбиции за членство во Алијансата, што Русија си ги толкува како „закана за нејзината безбедност“.
Од Хелсинки и од Стокхолм, меѓутоа, возвратија со контра соопштенија за тоа дека тие не дозволуваат Москва да им кажува, или уште повеќе и да им диктира, каква ќе биде нивната безбедносна политика и со кого ќе прават сојузи.
Шведска над 200 години избегнува да влегува во воени сојузи, определувајќи се за мирот и за мирни и дипломатски решенија, откако неколку векови пред тоа била во постојани судири со соседите. Над 250 години, оваа скандинавска земја нема војувано, но сепак, има изградено ситем за самоодбрана и силна воена индустрија.
Историја на војни со Русија
Финска, пак, има историја на бројни војни и судирања со Русија и со Русите, со кои дели граница која е долга 1350 км.
За двете земји се знае дека својата традиционална неутралност, практично, ја имаат завршено во 1995 година, кога станаа членки на Европската Унија (тогаш се уште ЕЕЗ), од кога започнува нивната тесна соработка со НАТО. Мнозинството од јавноста и во двете земји, сепак, остана против влегувањето во Алијансата. Се до инвазијата на Русија врз Украина – без никаква причина.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, коментирајќи ги анкетите во Шведска и Финска изјави дека Сојузот со „раширени раце“ би ги примил во своите редови и двете земји.
Германскиот претседател Франк Штајмајер кој се наоѓа во посета на Финска, изјави во Хелсинки дека Германија ќе ја подржи Финска при влегувањето во НАТО, но дека ќе биде на нејзината страна, како и да се определат Финците.
НАТО е воено – политички сојуз формиран во 1949 година. Во неговите редови сега има 30 земји – членки. Последна новопримена земја во Алијансата е Република Северна Македонија.