Мнозинството во Македонија верува во заговор со короната
Мнозинството од луѓето во Македонија веруваат во постоењето заговор кога станува збор за коронавирусот и за глобалната пандемија.
Дури 65 отсто од населението е убедено дека короната е создадена од луѓе, во лабораторија, за да се држат луѓето во светот под контрола, иако никој и никаде ова го нема научно докажано, ниту пак тоа е потврдено.
Исто така, големо мнозинство од 46 отсто од луѓето веруваат во уште една заговорничка (и крајно апсурдна) теорија – за тоа дека вирусот СЕ РАСПРСНУВА ОД ВОЗДУХ, СО ПОМОШ НА АВИОНИ (!?) па така се одржува „во живот“ изминатите две години.
Измислени теории
Истражувањето што го има направено Институтот за граѓанско општество и демократија, покажува дека мнозинството од оние кои учествувале во анкетата, уште и тврдат, обвинувајќи го македонското министерство за здравство – дека НАМЕРНО ГИ НАДУВА БОЈКИТЕ ЗА ПОЧИНАТИТЕ, од последиците на Ковид заразата, само затоа што за тоа – ДОБИВА ПАРИ!
Истражувањето, за кое деновиве се има огласено и европската телевизија Јуроњуз, предизвикува чудење и неверување – до каде може да отиде верувањето на толку многу луѓе, во разни измислени теории за некаков глобален заговор за коронавирусот и за раширената пандемија.
Анализите на истражувањето (одново) ја потврдуваат од порано утврдената констатација дека луѓето во Македонија се лесно податливи и склони да ги прифатат, како некаква „вистина“, сите лажни податоци што се пуштаат во македонската јавност.
Податливи за манипулација
Од порано е познато дека луѓето „влетуваат во замката“ да бидат дезориентирани, неточно и лажно информирани и тоа, најчесто, досега, се правеше (и се прави) за политички потреби. Тоа редовно го прават домашните политички актери, во борбата да се дисквалификува власта.
Но, и странски сили и нивни тајни служби за да се манипулира со населението во Република Северна Македонија. Посебно, со нивното расположение – за странски политички и геостратешки цели.
Избувнувањето на епидемијата со короната, што се уште никој не може да ја стави под контрола, меѓутоа, таквата македонска податливост кон лажните вести и информации, уште повеќе ја има засилено.
Истражувачите на Институтот откриваат дека луѓето кои се вработени и оние кои имаат повисоко образование, се помалку сомничави кон теориите за корона – заговор. Оние на возраст од 30 до 40 години, пак, се најмалку податливи за да веруваат во неоснованите тврдења.
Вакцинирани помалку од ЕУ
Некои се на мислење дека ваквата состојба во македонското општество е последица на (традиционалната) недоверба во политичарите и во демократските институции, како и во здравствените власти, што не е само македонски случај, туку и балкански, па и источноевропски, во годините на посткомунизмот. Тоа е оценка која често ја даваат аналитичарите и на Западот, но и оние на Истокот.
Меѓутоа, забележливо е дека ваквите теории, како приказните за некаков заговор против „обичните“ луѓе, по правило, најмногу ги има во земји и општества каде и степенот на вакцинација е понизок и каде има силни антиваксерски движења. Во Македонија се уште бројот на целосно вакцинирано население изнесува 40 отсто. Тоа е под просекот на ЕУ, каде исто така, во источноевропските и поранешни комунистички земји, има пониско ниво на вакцинирани, отколку на Западот.
Тоа се случува во Романија и во Бугарија, на пример, кои се дел од Унијата, а е многу присутно во една Русија, која прва се огласи дека има вакцина против короната, па во Украина и Белорусија, како и во сите екс ЈУ републики.
Опозицијата контра вакцинацијата
За ваквата состојба се обвинуваат антиваксерите кои продолжуваат да имаат пристап до големите медиуми, со влијание во јавноста. Другите, пак, ги обвинуваат здравствените власти за тоа дека (наводно) не се ангажирале повеќе во кампањата, што кога станува збор за Македонија – не е точно. Оние кои (се уште) не се вакцинирале, меѓутоа, за нискиот процент вакцинирани, знаат да ги обвинат лекарите кои не форсираат кај своите пациенти потреба од имунизација.
Има сознанија дека дел од лекарите во Македонија (во соседството) ги уверуваат пациентите дека „не треба да брзаат“ со вакцинација, дека пандемијата се стивнува, па дури и да се сомневаат во самите вакцини. Владата во Скопје, затоа, од почетокот на декември воведе парично наградување за матичните лекари, за секој нивни пациент што ќе го убедат и ќе го испратат да се вакцинира.
Посебен македонски проблем е што во земјата, практично, најголем противник на масовното вакцинирање е главната, вмровска опозициска партија. Таа, од исклучиво политички причини (велат за да и се напакости на владината коалиција) ниту еднаш досега не ги повикаа своите лојални приврзаници и гласачи, да се вакцинираат. Едно неодамнешно истражување покажува дека далеку најголем број од новозаразените и починатите се приврзеници на оваа партија.
Интернетот полн со лажни вести
Таа на два пати ги организираше протестите во Скопје против здравствените пропусници за оние кои се вакцинирани, што практични значи, забрана за влез во низа јавни локации и трговски центри на невакцинираните. Тогаш јавно беа сечени заштитните маски, а потоа протестираа и за тоа сите вработени во јавниот сектор (каде исто така има многу вмровски приврзаници – вработени во времето на режимот до 2017 година) – да мора да се вакцинираат.
Сепак, најголем виновник за послабиот одзив во вакцинирањето, од оној во ЕУ, како и за верувањето во теориите за некаков заговор, го имаат интернетот и социјалните мрежи. На нив има и лажни вести и измислени теории, како и дезинформации и целосно недокажани ставови кои се продаваат како „вистини“.
Се смета дека низ Македонија кружат и по стотици лажни вести и измислени приказни за короната и за вакцините, секој ден.
Не е чудно што 29 отсто од оние кои биле анкетирани за истражувањето, не веруваат ниту во климатските промени, а други дека 46 отсто сметаат дека промените во климата, се контролирани – со помош на сателити и радари!