Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Москва не им верува на бројките за вирусот

Elkov/BigStock.com

Москва не им верува на бројките за вирусот

Градоначалникот на Москва Сергеј Собранин изјавил дека не им верува на официјалните бројки за заразените од коронавирусот и смета дека тие се многу повисоки, а целата ситуација во главниот руски град, е по сериозна од онаа која засега се прикажува.

Во Москва се вели дека за тоа го има известено и претседателот на Русија, Владимир Путин. Токму затоа, ваквата изјава и коментарите што ги има дадено Собранин, претставуваат нов момент и целосен пресврт во инаку досегашното молчење на официјална Москва за коронавирусот и за состојбата со глобалната пандемија во Русија.

„Оаза на здравјето“?

До изјавата на московскиот градоначалник, службената пропаганда ја прикажуваше Русија како „оаза на здравјето“ припишувајќи му го тоа на мудрото водство на Путин и на првичните мерки за затворање на целата држава во своевиден карантин, со затворање на гранците, како и со прекинувањето на врските со светот. Освен тоа, беше воведена обврската сите Руси кои се враќаат во земјата, веднаш да одат во изолација, до две недели.

Излегува дека се помалку Руси веруваат во оваа верзија, што ја покажува и реакцијата на Собранин кој не само што не е било кој (Москва има над 12 милиони жители) туку важи и за близок сојузник на рускиот претседател.

Аргументите на критичарите на досегашното молчење за вистинската состојба околу вирусот, тргнуваат од тоа дека една огромна земја, каква што е Русија, со најголема површина во светот и со своите 135 милиони жители, тешко може херметички да се затвори.

Раст на заразените

Само со Кина, од каде тргна пандемијата, земјата има граница долга над 4000 километри, а тука е блискоста и со Иран што долго време беше третата локација – епицентар на заразата, по бројот на починатите и заразените лица. Конечно, без разлика на мерките за изолација, маса руски државјани „побегнаа“ од западните земји каде беа било како туристи, а било како жители – привремено, или трајно преселени на таа страна од континентот.

Освен тоа, во руската јавност, се почесто се зборува дека, здравствениот систем на западните и на европските држави, сепак, не е воопшто инфериорен, во однос на рускиот, за да постои сегашната голема разлика во бројот на заболените и починатите- пред се, во Италија и Шпанија, но и во една Германија или Франција. Во Русија, официјалната статистика зборува за мали бројки, доколку се спореди големината на државата и ако се направи споредба со западноевропските земји.

Во вторникот (24 март) во Москва беше објавено дека во земјата има 495 заразени, а само еден починат (!?). Во следните 24 часови, меѓутоа, се официјално се регистрирани уште 163 новозаболени, па сега во Русија има 658 заразени со овој вирус, што и натаму е мала бројка за вкупниот обем на глобалната пандемија.

„Ни се заканува опасна ситуација“

Претседателот Путин неодамна има дадено изјава дека кога станува збор за пандемијата, во Русија „ситуацијата е под контрола“ затоа што „на време се преземени сите потребни мерки“. Тој има посетено една болница во Москва каде се лекуваат заразените пациенти и при тоа ги пофалил лекарите. „Вие работите како часовник“ – им порачал Путин.

Меѓутоа, изјавата на московскиот градоначалник, како и на низа руски лекари, навестуваат сосема различна слика.

Не случајно од вторникот, руската влада нареди затворање на ноќните клубови, на кино салите, детските и забавните паркови, за да, како што е речено, се спречи ширење на вирусот.

„Ни се заканува развивање на опасна ситуација“ – му рекол на претседателот Путин, градоначалникот на Москва. „Вистинската бројка на заразените не е позната, но таа забрзано расте“ – рекол во таа прилика Сергеј Собранин.

Стручните анализи ја подржуваат ваквата песимистичка порака на московскиот градоначалник. Прво, затоа што има премалку тестови и тестирани луѓе. Второ, затоа што голем број московјани кои се вратиле од странство, а биле ставени во изолација, не се воопшто тестирани, па затоа и се верува дека бројот на заразените е многу поголем.

Освен тоа, барем до сега, процесот на тестирање оддел мошне бавно. Руски лекари имаат речено дека до сега, за цела Русија, за ваквите тестирања била користена само една лабораторија – онаа во Новосибирск.

(Д.М.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе