Ердоган против Путин во Либија
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот лидер Владимир Путин се на добар пат од и онака „распарталената“ Либија, да создадат нова Сирија, во исто време додека едниот на другиот (пред камерите и јавноста) си подаваат рака за добрососедство и за висок бизнис – продавајќи и купувајќи еднаш гас, а друг пат ракетни системи.
На последната нивна средба во Истанбул, додека насмевнувајќи се си честитаа за отворањето на гасоводот кој рускиот гас, преку турската територија, ќе го транспортира кон Европа, онака, патем се имаат спогодено и за тоа – од недела 12 јануари, да се воспостави прекин на огнот во Либија.
Пријатели и противници
Тоа практично би значело да се остави оваа северно-африканска држава поделена на еден подолг рок, при што судрените страни ќе останат на своите позиции. Станува збор за сценарио веќе видено во случајот со Сирија, или и за Украина, кога станува збор само за руското интервенирање во странство.
Но, тоа максимално им одговара и на двете земји и на нивните авторитарни лидери.
Прво, за да останат фактор во тажната либиска ситуација која се провлекува веќе девета година по ред, а второ, затоа што примирјето спречува, овие две соседни земји да се судрат директно, на африканско тло!
Во сегашниот распоред на силите и позициите, Турција и Русија и Ердоган и Путин, се поставени едни наспроти други во Либија.
Во долгиот конфликт на Истокот на земјата (Бенгази) и силите на тамошниот генерал Калифар Хафтар, со либискиот Запад (Триполи) и војската на владата на премиерот Фаез ал Сарај, чиј кабинет е меѓународно признат, Анкара и Москва се крајно спротивставени.
Русија е на страната на Хафтар и во тоа ја има подддршката и на Египет, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Јордан, додека на страната на помалубројните сили на властите во Триполи, стојат Турција и Катар, а политички – поголемиот број од земјите на Западот.
Руски платеници-турски војници
Анкара ја обвинува Русија дека во Либија има испратено 2500 платеници за да ги засилат силите на генералот Хафтар, што од Москва се демантира, иако не премногу енергично.
Според еден арапски весник кој се издава во Лондон, во Британија, платениците се префрлани од сирискиот фронт, а последните групи пристигнале деновиве со два авиони во Бенгази.
Станува збор за платеници кои досега им помагале на руските трупи на сирискиот фронт, во војната со Исламска држава (ИД) и за да се одбрани режимот на Башар ал Асад.
Како одговор на оваа „закана“, Турција по брза постапка обезбеди „дозвола“ од Парламентот во Анкара, турски војници да бидат испратени во Либија, за да ги бранат позициите на силите околу Триполи, или во основа, да го спасуваат Ал Сарај од пораз во битката со единиците на Хафтар кои тој ги нарекува Либиска народна армија (ЛНА). Турската војска доаѓа на африканскиот континент во моментот кога силите на генералот од Бенгази засилено напредуваат.
Тие деновиве го освоија и градот Сирт, на медитеранскиот брег, инаку родното место на соборениот поранешен либиски лидер Моамер Гадафи, што е последното упориште на владините сили пред Мисрата и Хомс и Триполи.
Првите редови на силите на генералот Хафтар сега се на опасните 400 км. оддалечени од (формално) се уште главниот град на Либија. Тоа ја покрена тревогата во Анкара која, инаку, се меша во либиската драма уште од почетокот на војната.
Тогаш Турција настојуваше низ поддршката на исламистите, да се формира партија налик на турската АК партија на Ердоган и по тој турски модел да се уредува и постгафиевската либиска држава.
Хафтар е во предност
Либиската реалност и старата нетрпеливост на Истокот и на Западот од државата, што се држеше под контрола само во режимските услови на владеењето на Гадафи, меѓутоа, е сосема различна од турските состојби. Затоа, кога Ердоган отворено почна да зазема страна во конфликтот, неговата „посредничка“ улога пропадна. Сега е одново во Либија, уште и со своја војска, наспроти генералот од Бенгази и наспроти Русија на Путин, во земја која долги години на ред е целосно нефункционална држава.
Ако се погледне политичко-воената карта на денешна Либија се гледа дека освен Бенгази и Истокот, под контрола на војниците на Хафтар е без малку целата територија на државата, освен тесниот појас околу главниот град и Мисрата и Хомс.
Дури и делови од Западот, до границата со Тунис, не се под контролата на владините сили. Излегува така дека Триполи е речиси под опсада во еден поширок појас.
На југот од државата, пак, појасот кој е насочен кон т.н. „црна Африка“, практично, е без никаква либиска власт, оставен под контролата на разни милитантни и џихадистички групи.
Интервенција на ЕУ
Тој простор од под Сахара, што е доста широк, сега претставува врата за мигранти од Африка кој низ „распарталената“ Либија се движат кон брегот на Медитеранот за да илегално се префрлаат во Европа.
Во ваквата ситуација во Либија е вклучена ЕУ и нејзината дипломатија. Брисел го осуди турското мешање во либиската ситуација и побара од премиерот во Триполи, Ал Сарај да не им дозволи на турските војници да се разместат на либиската територија. Освен тоа, ЕУ бара од формалниот либиски премиер да не прави спогодба со Турција за природниот гас на Либија, а го повика во Брисел Хафтар и разговараше со него во потрага по смирување на конфликтот.
Италијанскиот премиер Џузепе Конте се обиде да посредува, на тој начин што го повика во Рим на разговор Хафтар, но кога го повика и Ал Сарај, овој одбил, не сакајќи да се среќава со бунтовничкиот генерал, иако директна нивна седба не била ниту предвидена.
Либиската нафта
Тука некаде се појавува и прашањето – што бараат Ердоган и Путин во Либија – уште со војници и платеници, кога сириската криза во која длабоко се инволвирани е се уште далеку од надминувањето.
Одговорот е во политика и во економските интереси. И на двете земји, им е потребно да се сместат на африканското тло – Русија како во времето на СССР, а Турција сега веќе како нова регионална сила. Особено што Западот – Европа и САД – делуваат како да се незаинтересирани за африканските состојби.
Другата работа е во сознанието дека Либија има најголеми резерви на нафта во Африка.
Очигледно е дека многу ќе биде важно кој прв ќе се смести во оваа земја, додека ситуацијата таму е таква каква што е сега.
(Т.Р.)