Белорусија без ниту еден опозициски пратеник
Белорусија на „вечниот“ претседател Александар Лукашенко кој авторитарно владее со оваа поранешна советска република, по последните парламентарни избори стана единствената држава во Европа во која, ниту формално, нема ниту еден пратеник од опозиција.
Не затоа што опозицијата беше поразена на изборите, туку затоа што власта во Минск, едноставно, ги намести изборите, па сега сите 110 пратенички места ги имаат пратеници од редовите на партијата на Лукашенко. Во досегашниот состав, имаше само двајца опозиционери, но за изборите во неделата, ним им беше забрането да се кандидираат. Забрана имаше и за неколкумина во Белорусија познати опозициски политичари, наводно, од формални причини- поради грешки при пријавувањето !
Власта тврди дека на изборите излегле да гласаат 77 отсто од запишаните гласачи, но независни домашни аналитичари тврдат дека и таа бројка е „ наместена“ и претерано висока, бидејќи на секои избори луѓето се помалку одат да гласаат, знаејќи дека победникот е познат уште пред да почне гласањето.
Лукашенко кои 25 години владее со оваа земја, силно подржуван од Русија, се третира како последниот диктатор на Стариот континент. Тој најави дека ќе се кандидира и за следните претседателски избори, во 2020 година . На домашната јавност и порача дека „ нема намера вечно да седи на таа функција“.
-Ако не ме сакаат, следната година ќе имаат можност да не гласаат за мене- рекол Александар Лукашенко.
По Брегзит- Европејците со статус како мигранти
Британскиот премиер Борис Џонсон изјави во Лондон дека по Брегзит, Велика Британија ќе ги третира државјаните на ЕУ „ на истиот начин како што ги третира и државјаните од земјите кои не се членки на Унијата и од целиот свет“.
Британија треба да излезе од ЕУ на 31 јануари 2020 година и од тој момент за земјата ќе претстане да важи правилот на Унијата за слободно движење на луѓето низ територијата на ЕУ. Тоа правило од тој датум ќе се однесува на другите 27 земји-членки кои остануваат во Унијата.
„Со напуштањето на Унијата, ни се укажува можноста за еден чесен однос (!?) кон мигрантите, зашто сите кои сакаат да дојдат овде ќе бидат третирани на исти начин“- рекол Џонсон. Освен тоа, во иднина, граѓаните од ЕУ ќе мора да чекаат пет години пред да можат ги користат услугите од британските социјални фондови и да земаат социјална помош. Тие исто така, ќе мораат да доплаќаат и за користењето на здравствените услуги.
Според договорот со Брисел, ваквиот однос треба да го имаат и Британците низ европските земји членки на ЕУ.
Одбележана годишнината од студентскиот бунт во Атина
Десетици илјади лица поминаа протестирајќи низ улиците на Атина, а меѓу нив и бившиот премиер Алексис Ципрас, во знак на одбележувањето на 46 годишнината од крвавото задушување на бунтот на студентите против воената хунта во Грција.
На 17 ноември 1973 година, армиските сили на хунтата, употребија тенкови за да ги разбијат барикадите на влезот од Атинскиот универзитет, што беше последното упориште на грчките студенти. Најмалку 24 млади луѓе беа тогаш убиени, иако се верува дека конечната бројка на жртвите е многу поголема, затоа што војниците набрзина ги собирале труповите на убиените, за да го сокријат злосторството.
Хунтата беше соборена , следната 1974 година, по обидот на полковниците од Атина, да го соборат од власт кипарскиот претседател , архиепископот Макариос и да изнудат „ енозис“ , или обединување на Кипар со Грција. Успеаја само да предизвикаат турска воена интервенција на северот од островот кој од тогаш е поделен на грчки ( југот) и на турски ( северот).
Годинешнава поворка низ Атина се одвиваше во многу понервозна атмосфера во споредба со лани, затоа што е првата по враќањето на десно-центристичката Неа Демократиа на власт и посебно по одлуката на новата влада, да се укине законот со кој на полицијата и беше забрането да интервенира во Универзитетот.
Русија ги врати трите заробени украински бродови
Во Москва беше соопштено дека Русија и ги вратила на Украина трите мали, украински воени бродови, кои специјалните сили на руската разузнавачка агенција ФСБ ги заробија во морскиот премин Керч, крај полуостровот Крим. Во објаснувањето зашто дури сега се враќаат бродовите, руското МНР вели дека затоа што„ дури сега била комплетирана истрагата“ за инцидентот.
Минатогодишниот инцидент предизвика дополнителна криза во односите меѓу Киев и Москва. Според руското објаснување, трите мали бродови илегално навлегле во руските територијални води околу Крим, уште и „ изведувајќи опасен маневар“ на влезот од Црно Море во Азовско Море, на пат кон пристаништето Мавропул.
Украина не ја прифаќа анексијата на Крим и не смета дека водите околу полуостровот се руски.