Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„ Преспа“ за Белград и Приштина

vladm/igstock.com

„ Преспа“ за Белград и Приштина

Во сложената политичка ситуација во Србија , власта и опозицијата „ војуваат и дебатираат“ на улица , колку владата да одбива да прифати една таква реалност . На серијата протести на опозициските партии кои одбиваат  да учествуваат во работата на Парламентот , власта на почетокот реагираше со игнорирање , девалвирајќи го значењето на протестите , низ минимизирање на бројноста на демонстрантите и со грубо навредување на опозицијата  .

Подоцна , меѓутоа , власта се определи за тактиката која ја осудуваше , па и таа се сврте кон „ улицата “ . Почна да организира контра протести ( прошетки) низ градовите во земјата , што ги предводи лично шефот на државата , па за крајот  на оваа недела , предвидено е на исто место , во два различни дена , да митингуваат – прво , власта , каде главниот говорник треба да биде  претседателот Александар Вучиќ , а следниот ден и опозицијата.

Опозицијата – онаа која е на улиците , има сериозен проблем , затоа што е поделена и неединствена . Идеолошки е поделена на левичари и крајни десничари и националисти . Не е единствена ниту околу определбата – за Европа , или за некаква неутрална Србија , која ќе продолжи да седи на две столчиња , што во крајна линија – значи за Русија . Единствено за што се сложуваат е  дека Вучиќ треба да си замине  , како и дека власта треба да прифати дијалог со опозицијата  . Другата страна ги отфрла таквите барања и дијалог нуди само во Парламентот ,  не престанувајќи преку своите медиуми , да се рекламира и фали  .

Во ЕУ „ преку ред “

Независни  аналитичари , сепак , не гледаат „ рајска градина “ во денешната српска реалност . Тие имаат сериозни приговори на корупцијата , на нерефрмираниот , неевропски судски систем , на непостоењето независно судство , на заплашување на јавноста , на грубото газење на независноста на медиумите  , на непочитување на демократските вредности и гласачкиот систем преку кој власта ги купува и ги уценува гласачите .

Сето ова е длабоко во спротивност со европскиот пат на Белград кој има отпочнати преговори со ЕУ и отворени десетина поглавја за влез во ЕУ , а се соочува со острите приговори и критики на домашната проевропска опозиција , за сметка на состојбите во земјата . За нив се вели дека се далеку од европските стандарди и тоа така треба да се прифати  . Зашто , инаку ,  во една земја која доколку навистина се уредува  по европски терк , лугето би излагувале секој викенд на улиците , за да демонстрираат барајќи демократија и европски стандарди .

Малку за тоа во Белград јавно се дебатира , но оние кои сакаат да бидат искрени , признаваат дека влезот во ЕУ ( преку ред ) е „ морковот“ за актуелната власт – за да го среди и затвори прашањето со Косово , со неговото признавање .

Опозицијата бега од темата за Косово

Тоа , меѓутоа , упорно го потиснува . Вучиќ минатото лето и есен нудеше некакви решенија за компромис , со размена на територии , или  за „ разграничување на Србите и Албанците “ на Косово . Таа работа почна да се лади кога Москва се спротивстави на брзо решение на косовската ситуација , знаејќи дека без постоење на косовскиот проблем , Русија ќе биде целосно исклучена од Балканот , каде таа настојува да се смести. Освен тоа , разграничувањето и новите граници не го прифатија ниту Берлин и Лондон , па за него останаа „ отворени“ Вашингтон , а подоцна и Федерика Могерини и Брисел , иако сите на тоа гледаат само како на исклучително крајна опција .

Српската опозиција , пак , не се изјаснува за косовското прашање . Освен обвинувањето кон Вучиќ  за „ продавање на територијата “  , тие зборуваат за некакво нејасно решение , притоа не определувајќи се за главното – за прифакањето на новата балканска реалност и за признавање на косовската независност . Било тоа директно – како што го сугерира Приштина – со меѓусебно признавање на двете држави , или со меѓународно обврзувачки договор за границата , што за Белград нема да значи признавање , но на Приштина ќе и значи конечно верификација на независната држава . Српската опозиција , во најголем број  , одбива да прифати било какво признавање .

Берлинска конференција

А , токму Косово стои на патот на Србија во Европа , колку и да се прават сите дека тоа не е така . Без конечнто разрешување на косовскиот чвор , што нема да биде враќање на Косово како автономна покраина „ Косово и Метохија “  и дел од Србија  , европскиот пат и покрај  отворените преговори  , ќе остане блокиран . За оваа работа , сепак , веќе не се потребни митинзи и патетичен патриотизам. Косовското прашање не може да се разреши  на улица , низ протести , со декларативни изјави дека „ Белград сака решение “ , туку само со носење храбри и визионерски одлуки , насочени кон иднината , а  не свртени кон минатото  .

Можност за тоа , ако ништо друго , барем за започнување на вистински  дијалог , што би завршил со  трајно решение  , има   на состанокот во Берлин , на 29 април , на кој српските и косовските претставници ( одново ) ќе се најдат на маса , овојпат освен со Федерика Могерини , како посредник и со германскиот канцелар Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон .

За оваа берлинска конференција од сега се знае дека таа  , сепак ,  не е „ нов Рамбује“ . Од неа не треба да се очекуваат чуда , или готови  формули, ниту пак да се стравува – дека  ако некој не прифати нешто од она што ќе се понуди , како последица на тоа , ќе уследат некакви радикални решенија .

Двоен суверенитет

Според виенски „ Стандард“ , во германскиот главен град , српско-косовскиот дијалог треба да се врати на работењето  врз еден  меѓународно обврзувачки договор ( за границата) . Досегашното „ кокетирање “ ( и од двете страни ) со идејата за разграничување , или дури и за размена на територии , би исчезнало , а наместо тоа на масата за преговори би се нашла идејата за „ двоен суверенитет“ на северно Косово – и косовски и српски – и за специјален статус за тој дел од државата .

Се смета дека таквата понуда се потпира врз идејата за Заедница на српските општини (ЗСО) , што веќе е договорена на претходните преговори во Брисел , за  што официјален Белград инсистира , а Приштина , сега го отфрла , затоа што им изгледа како „ република Српска “ во БиХ , но на косовски начин .

Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека во Берлин нема да има никаков таен план , ниту за состанокот постои таен дневен ред . Дел од приштинските медиуми пишуваат дека „ специјалниот статус “ за косовскиот Север на Белград му е потребен за да може економски да бидат обезбедени локалните Срби , како и за да се смири Српската православна црква (СПЦ) која е најсилниот противник за било каков компромис околу косовската територија , која за цркавата е „ света српска земја“ .

Одново средба Вучиќ-Путин

Српскит шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ кој беше во Москва кога се обелодени идејата за „ двоен суверенитет “ уште таму има речено дека „ не ја сака ваквата идеја “ , но неговиот домаќин Сергеј Лавров рекол дека станува збор за идеја која може да биде разгледана , потсетувајќи дека крајната одлука  останува на  „ српските пријатели “ . Вучиќ , пак , реагирал само со пораката дека во Берлин „ нема да има никакво решение “ . Тоа треба да се разбере како порака до домашната јавност , пред митингот на своите приврзеници и оној на опозицијата , дека решението е многу далеку ,  дека  не е ниту на повидок и дека вината за тоа е на другата страна .

На состанокот со врвот на својата СНС , тој има речено дека  веќе никој не зборува за компромис , туку дека од него ( Западот) бара само признавање на Косово , иако тој минатото лето нудел компромисно решение ( разграничување со косовските Албанци ) . Ваквата забелешка се смета дека треба да значи прекорување на главните западни играчи , пред сите , Германија , дека поради спротивставувањето на Берлин , била изгубена  можноста да се дојде до решение веќе до средината на оваа година  .

Три дена пред берлинскиот состанок , меѓутоа , Вучиќ се среќава со рускиот претседател Владимир Путин , па се верува дека од Москва ( одново ) ќе бара мислење дали „ двојниот суверенитет“ е прифатливо решение за Србија ( и за Русија секако ) . Впрочем , не е еднаш досега , српскиот претседател нема речено дека Белград нема да прифати ништо ( од Западот ?) доколку , претходно , не се консултира со Русија ( и Путин) , односно дека неможе да има трајно решение за косовското прашање без Москва .

Руска блокада

Министерот Дачиќ во рускиот главен град признал пред новинарите дека Србија , без помошта и подршката на Русија , не може да ги заштити своите државни и национални интереси . Лавров  на тоа се надоврзал повторувајќи дека Москва „ инсистира на резолуцијата 1244 на ОН , со која се подразбира директен дијалог на Белград и Приштина и почитување на целовитоста на Србија “ . Според рускиот министер , во тие рамки Москва ќе се залага да се најде решение . За какво – тој не рекол , освен дека тоа треба да и одговара на Србија . Таквата „ формула “ секако му одговара на  Белград  , но не и Косово , кое веќе 11 години е независна држава , признаена од стотина држави во светот , па е илузорно да се поверува дека трајно решение ( и траен мир ) може да се обезбеди на овој начин .

За американскиот експерт Едвард Џозеф , поранешен член на Меѓународната кризна група , а сега предавач на Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон , таквата руска позиција е пречка за доаѓање до решение за Косово и за евроинтеграциите на Србија . Според него , Русија во Советот за безбедност на ОН секогаш ќе биде препрека за косовското членство во Светската организација .

„ Затоа , на Белград , му е потребно да се определи и да се отргне од руската зависност . Потребно е храбро лидерство , како од српските , така и од косовските политичари за да се дојде до еден вистински договор “ – рекол Џозеф во разговор за Гласот на Америка , посочувајчи го како пример и урнек за двете страни ,  грчко-македонскиот договор од Преспа , за разликите околу името Македонија .

Модел- решение

„ Скопје и Атина постигнаа компромисен договор со слична ( како косовската ) политичка чувствителност , кој за грчката страна се однесуваше на националното достоинство , додека за македонската страна беше уште потрешко – требаше да го одбрани својот национален идентитет. Со Србија нема ништо од тоа . Српскиот идентитет не е врзан за Косово . Овде станува збор само за врзаноста за српската историја “ .

Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас ја прифатија одговорноста со која се соочија и имаа храброст за да дојдат до спогодбата ( од Преспа ) . Тоа предизвика незадоволство кај многу граѓани и на двете страни , но тие двајцата имаа визија за да на еден искрен начин да ја разделат историјата , од изградбата на иднината , рекол Џозеф кој им порачува и на Србија и на Косово да го искористат тоа искуство .

Според американскиот експерт , добар познавач на балканските состојби , токму тоа е „ моделот за решение на косовското прашање што ЕУ , а пред се Могерини , треба да го користи и да инсистира  на него “ , наместо што досега ги разгледуваше теориите за размена на територии .

Џозеф смета дека тоа се мошне опасни теории кои може да покренат низа несакани последици и во други држави , а пред се , во БиХ , но и во Северна Македонија . Тој вели дека не може да разбере како ваквите опасни предлози се вртеа неколку месеци , како некоја спасоносна алтернатива за заживување на косовскиот дијалог , кога се знае што на Балканот значи цртањето нови гранични линии и размена на територии . Особено кога Могерини , ЕУ , Брисел и Европа го имаат позитивниот пример на Атина и Скопје .

(С.С.Г.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе