Швајцарец осуден за војување против ИД
Поранешниот швајцарски војник Јохан Косар е прогласен за виновен и осуден на три месеци затвор-условно, како и да плати казна од 500 швајцарски франци, затоа што војувал против џихадистите на Исламска држава (ИД) во Сирија.
Судот во Швајцарија го осуди Косар затоа што со својата постапка ја повредил традиционалната неутралност на земјата и нејзината безбедност, учествувајќи како војник во „странска армиска единица“. Како воено обучен припадник на швајцарската војска, тој регрутирал и предводел единица од неколку стотина вооружени лица, создадена за да ги заштити христијаните во Сирија од злосторствата на џихадистите на ИД.
Косар е роден во Швајцарија и е држаавјанин на земјата, но неговите дедо и баба имаат сириски корени, затоа што и припаѓаат на тамошната христијанска заедница. Според неговото објаснување пред судот, во оваа арапска земја зафатена со граѓанска војна врз верска основа, заминал за да биде фри-ленс новинар кој ќе известува за случувањата на фронтовите, но кога видел што им прават џихадистите на христијаните во Сирија, одлучил да им помогне, на тој начин што ќе им организира систем на одбрана и заштита.
Учествувал во создавањето на т.н. Сириски воен совет и регрутирал и обучувал доброволци кои се пријавиле да помогнат во заштитата на лугето од џихадистите, користејќи го своето знаење и искуство како поранешен швајцарски војник. Припадниците на неговата „војска“ посебно ги обучувал во ракувањето со оружјето што успеал да го обезбеди и за запоседнувањето и заштитата на контролните пунктови. На крајот, тој раководел со 500 луѓе од христијанската одбрана.
Кога се вратил дома, во Швајцарија, веднаш бил уапсен, врз одредбите на швајцарското воено законодавство, според кое државјанин на оваа земја не може да служи како војник во некоја странска армија или армиска формација. Сепак, тој не е првиот што е осуден за вакво дело, затоа што изминатите десетина години биле судени и осудени не мал број Швајцарци, но речиси сите затоа што учествувале во француските легионарски сили.
По изрекувањето на пресудата Косар изјавил за локалните медиуми дека ќе се жали, иако казната што му е изречена е блага, бидејќи максималната казна затвор за ваково дело изнесува три години.
Тамошните и европските медиуми кои му посветија внимание на случајот со поранешниот швајцарски војник, пишуваат дека оваа воено неутрална држава има свои историски причини зошто има ваков закон и зошто им се суди на нејзини државјани за припадност кон некоја странска војска. Во текот на неколку векови наназад, сиромашните Швајцарци, масовно се пријавувале, како платенци во разни европски армии и од тоа обезбедувале егзистенција за себе и пари за своите блиски. Како војници- платеници ги имало во војската на Наполеон, но и и во шпанската и холандската армија, а војувале и за Британците.
Сега швајцарските државјани може да служат само во Швајцарската гарда на папата во Ватикан, без да бидат обвинети и осудени дека го прекршиле законот.