Германија ја предводи ЕУ
Од почетокот на овој јули, според воспоставениот ротирачки систем за претседавање, со ЕУ претседаваат Германија – најголемата и економски најмоќна земја членка и нејзиниот канцелар Ангела Меркел, веќе низа години, најугледниот и најреспектабилен европски политичар.
Во изминатите шест месеци, од почетокот на годината со Унијата претседаваше Хрватска, по само 6,5 години членство. По Германија, во идната 2021 година, на оваа позиција ќе се најдат Португалија, па Словенија, две исто така мали и политички неискусни земји за да можат да снажно да се зафатат со насобраните теми и прашања од европската политика.
Затоа, впечатокот во Брисел, а и во најголемиот број од европските престолнини е дека германското претседавање доаѓа во вистинскиот момент, кога е потребно главниот збор во Унијата да го има една силна и ефикасна држава.
Недовршена агенда
Секако, некои европски аналитичари ваквиот впечаток за „неопходноста“ од Германија во овој момент е последица на кризата што ја предизвика „невидливиот непријател“ – кинескиот вирус и глобалната пандемија со коронавирусот која речиси ја кутна на колена ЕУ, нејзината економија и нејзиниот развој.
Тоа предизвика големи штети во целиот стопански и производствен сектор, а посебно во туризмот, сообраќајот, во трговијата и во широкиот спектар на т.н. услужни дејности, истрошувајќи ги при тоа сите резерви во здравството и во социјалата – затоа што стотици илјади луѓе останаа без работа, или се издржуваат на минимална плата.
Европски дипломати сметаат дека Хрватска, како неискусна, не успеала да ги реализира определбите со нејзината агенда за претседавање, иако за Загреб има една силна олеснителна околност.
Претседаваше со ЕУ во најтешките месеци во борбата со пандемијата, која се уште не е совладана на целиот европски континент.
Меѓутоа, и во таквите околности државата се соочуваше со некои крајно несериозни политички случувања, кога ултрадесничарското и проусташко крило на хрватската владејачка партија (ХДЗ) се обиде да го собори хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, во време кога тој претседаваше со Унијата.
Претседавачка тројка
Во Брисел (и во Берлин) велат дека Германја, сега, најверојатно, ќе мора да земе и да доврши некои задачи од хрватската агенда, што остана незавршена, но во сегашната пост – пандемична ситуација со која се соочува ЕУ, станува очигледно дека низа претходно планирани работи и теми (во секој случај важни за Унијата) ќе мора да бидат поместени за понатаму.
Се потсетува дека уште во 2019 година, на германска иницијатива, е договорено европската „претседавачка тројка“ – Берлин, Лисабон, Љубљана – да се надоврзуваат со агендите една, на друга.
Што ќе рече – она што ќе го започне Германија, да го продолжат во следната година, двете други земји – претседавачи, обезбедувајќи континуитет во политиката и плановите на ЕУ.
Како и да е, ниту Германија не е семоќна, особено што Берлин веќе ги има изменето првично определените планови.
Требаше фокусот на политичката активност до крајот на оваа година да се стави на т.н. зелена економија, на јакнење на дигитализацијата, на миграционата политика која останува отворено прашање, но и работа врз редефинирањето на односите со Британија, по Брегзит, како и на односите со Кина, која забрзано се вовлекува во Европа, посебно во Западен Балкан, но и во десетина земји членки на ЕУ, пред се, од Истокот на континентот.
Корона ги менува плановите
Фокусот сега, меѓутоа, главно ќе се сврти на способноста на ЕУ да излезе од кризата што ја предизвика и ја наметна пандемијата.
Според германски дипломати, иако станува збор за ситуација која ги тангира сите па во санирањето на новонастанатата состојба сите ќе мора да се вклучат, во Берлин, сепак, се смета дека товарот ќе падне врз Германија и нејзиното претседавање.
Што ќе рече, според тоа какви ќе бидат резултатите и состојбите на крајот од оваа година, во борбата со последиците од пандемијата, ќе се мери и германскиот успех (или неуспех).
Се очекува во ова т.н. корона претседавање со ЕУ, да останат некои од претходно определените точки на германската агенда. А, тоа се климатските промени и политиката за намалување на даноците.
Колку што е познато, Ангела Меркел на 8 јули, во Европскиот Парламент ќе ја претстави најновата агенда на германското претседавање во следните шест месеци.
Треба да се очекува дека во неа ќе се најдат – менаџирањето со кризата и спогодбата за буџетот на Унијата, потоа, рибарските квоти и над се, односите со Британија на која забрзано и истекува времето на пост Брегзит транзицијата, што завршува на крајот од оваа година.
Проблеми со Британците
Меркел веќе ја предупреди ЕУ дека таа мора да биде подготвена и за најлошото сценарио – тоа значи за непостигнување договор за трговските врски со Лондон, што би значело постоење на царинска контрола и царинење на увозот.
Преговорите меѓу Брисел и Лондон се вели дека ќе бидат забрзани во следните пет недели и дека Британците (наводно) сакаат да се постигне договор со Унијата и пред крајот на летото, за да не се чека на крајот од годината.
Така или не, Лондон останува и натаму на својата тврда позиција – во договорот за слободна трговија, да не биде обврзан за почитување на европските правила и стандарди. Меркел, во меѓувреме, резигнирано објасни дека засега има минимален напредок во преговорите, предупредувајќи ја одново Британија на стандардите на кои инсистира Унијата.
Колку и да е важен договорот за идните европско – британски врски, за Брисел во моментот најголемиот предизвик е ревитализацијата на економијата во ЕУ.
Уште пред формално да го преземе претседавањето, Меркел имаше средба во Берлин со францускиот претседател Емануел Макрон, по која обајцата лидери се согласиле дека е најважно сега да се обезбедат мерки за опоравување на европската економија.
Ревитализација на економијата на ЕУ
Во мај, Меркел и Макрон предложија создавање еднократен фонд за опоравување од 500 милијарди евра, преку здружување на европскиот долг.
Тој предлог на Берлин и Париз, Европската комисија го прошири, предлагајќи им на земјите членки создавање фонд од 750 милијарди евра. Од овие пари, 500 милијарди би биле во форма на грантови, додека другите 250 милијарди евра би се доделувале како кредити.
Четири земји членки – Австрија, Данска, Холандија и Шведска – меѓутоа, се противат на ваквиот план. Прво, дека станува збор за премногу пари, а потоа и затоа што во најголем дел се грантови.
Сето тоа би требало да се расчисти до Самитот на ЕУ во Брисел, на 17 и 18 јули, а засега нема знаци дека „скржавата четворка“ е подготвена да се откаже од своето вето на предлогот на Европската комисија.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен настојува решение да се изнајде пред Самитот, па за таа цел најави одржување своевиден „мини самит“ за надминување на ваквата пат позиција.
На оваа средба, закажана за 8 јули, Дер Лајен ги има повикано претседателот на Европскиот Парламент Давид Сасоли, преседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и германскиот канцелар Меркел, од земјата претседавач на Унијата.
„Мини самит“ пред Самитот
Тие би требало да најдат начин како да се дојде до договор за пакетот за опоравување на економијата, по хаваријата што ја предизвика коронавирусот, односно да се обезбеди потребното единство пред Самитот.
Станува збор за предложениот специјален фонд од 750 милијарди евра, но и за договор околу долгорочниот европски буџет од цели 1100 милијарди евра.
„Наша заедничка одговорност е без одлагање да го затвориме тој пакет за опоравување по пандемијата. Тоае неопходни за да и покажеме на сите Европејци дека ЕУ е подготвена да работи за сите нив и за нивното добро“ – има изјавено Урсула фон дер Лајен, најавувајќи го „мини самитот“.
Германски и европски дипломати сметаат дека затоа е добро што Германија и Меркел го почнуваат претседавањето со Унијата и тоа токму сега. Според нив, германскиот канцелар има кредибилитет на лидер во кризни ситуации.
Во Брисел потсетуваат на 2008 година, кога таа и Германија последен пат претседаваа со ЕУ, кога пропадна првичниот план за постоење Устав на Унијата. Франција и неколку други земји инсистираа на донесување на еден ваков документ, Британија, меѓутоа, остро се противеше сметајќи дека тоа е прв знак за „федерализација“ на ЕУ.
Искуството од Лисабон
Тогаш Меркел, настојувајќи да ја спаси работата, подготви терен за менување на неуспешниот уставен проект, со она што денеска е познато како Лисабонска спогодба.
Меѓутоа, тогаш единството на ЕУ, наспроти инаетењето на Британците (само од внатрешни политички причини), изгледа, дека беше многу посилно. Го немаше она што тогаш новопримените членки од Источна Европа го прават сега.
Некои од нив, со своето однесување директно се спротивставуваат на одредбите на Спогодбата од Лисабон, бранејќи го национализмот и популизмот, заговарајќи десничарење и непочитувајќи ги основните европски правила за правото и за правната држава, за слободата на судството и на медиумите – како што тоа го прават Унгарија, на пример, или Полска со својот тврд, конзервативизам.
Германија, затоа, изгледа дека овој пат ќе има многу потешка работа во споредба со онаа од пред 12 години.
(С.С.Г.)