Олимписки Самит во Пекинг
Лидерите на НР Кина и на Русија се сретнаа и разговараа во Пекинг на средба непосредно пред отворањето на годинешниве Зимски олимписки игри, во атмосфера на силно пријателство и меѓусебно разбирање, при што двете страни се спремни – како што е речено – да работат за „создавање нова ера во меѓународните односи“.
Кинескиот претседател Си Џинпинг во таа прилика му рекол на претседателот на Русија Владимир Путин дека е подготвен да работат заедно за промоцијата на „континуираната трансформација на меѓусебните односи меѓу двете земји – во новите историски услови“.
Самитот се одржа во специјалниот хотел во кинескиот главен град, предвиден за државни гости, во време кога Кинезите ја прославуваат својата Нова година, па оваа средба, означена и како новогодишна, уште повеќе доби на истакнувањето на срдечноста.
Според кинескитемедиуми, сето тоа би требало да внесе уште повеќе „виталност“ во кинеско – руските односи. Уште повеќе што Путин е првиот странец со кого Џинпинг се среќава – во живо – по повеќе од две години изолација, наводно, само поради пандемијата со коронавирусот.
Политички интереси
Зад ваквата слика што се гради за овој олимписки Самит, меѓутоа, има многу актуелната политика во која се инволвирани двете страни.
Во прашање е, пред се, кинеската внатрешна политика – ситуацијата со човековите права, угнетувањето на Ујгурите и претстојниот важен пленум на КП на Кина на која се очекува Си да биде прогласен за доживотен претседател -, како Мао Цетунг пред него.
Путин, откако обезбеди да остане на власт до 2036 година, исто така, има внатрешни проблеми во Русија – со човековите права и слободи, со слободата на медиумите, со корупцијата, со стандардот на луѓето и со падот на неговата популарност. Велат – неговиот личен рејтинг е најнизок досега – околу 3о отсто.
На двете страни, затоа, им требаат некакви резултати – успешната средба на врвот во Пекинг, на пример и меѓународни успеси за да се покаже нивната големина и влијанието на глобално ниво – како „храна“ за домашната јавност и за сопственото его. Но, им требат и виновници за „проблематичните“ состојби со кои се соочуваат.
Непријатели и пријатели
„Виновниците“ (како и обично за овие две земји) се надворешните непријатели и „погрешната политика“ што тие ја водат, наводно, „вознемирувајќи“ го светот, наместо што не дозволуваат продолжување на геноцидот на Ујгурите, или притисоците врз Тајван, врз соседите во реонот на Јужно кинеско море и врз Океанија, а пред се врз Австралија.
„Надворешните непријатели“ му се виновни и на Кремљ, затоа што не прифаќаат Русија да се однесува како „хазјанин“ на просторот на пропаднатиот СССР, прогласувајќи го како своја „историска територија“ во која сега треба да се најде и Украина. Ако не целата, а тоа барем половината од оваа држава.
Ваквите виновници се Западот и НАТО, што сега се појавува во кинескиот дипломатски речник, но тоа е пред се САД – според старата московска шема што овој пат му е потребна на Путин, дека Американците се виновни за се – циниците велат – дури и за сибирскиот студ – ако тоа биде потребно.
Во официјалното соопштение на кинеските домаќин, правено како во времето на некогашните комунистички лидерски средби, има истакнување на сопствените меѓународни успеси (на двете земји), пред се во градењето и реформирањето на системот за глобално управување и спроведувањето на „вистинскиот мултилатерализам” до зачувувањето на „вистинската демократија“ и заштитата на „меѓународната праведност и правдата“!?
Украина и Тајван
Сето тоа убаво звучи, но ситуацијата на теренот е сосема поинаква – кога станува збор и за едната и за другата земја.
Прво, нивното сегашно забрзано зближување е според некогашната советска, брежњевска доктрина – „Непријателот на мојот непријател е мој пријател“. Што би значело – нашиот заеднички „непријател“ Америка – не тера на засилено пријателство. Второто е дека од таквата „дружба“ се настојува двете страни да го добијат она што им е најпотребно.
На Русија – тоа е кинеската поддршка за сегашната криза на украинско – руската граница и пресметката на Кремљ со Западот околу тоа, додека на Кина – силната руска поддршка околу Тајван и (нешто што јавно не се споменува), влијанието на Москва врз муслиманските поранешни советски републики, за да не се мешаат во чистењето на кинеската западна територија од Ујгурите.
И во заедничкото соопштение сето тоа е внесено како заклучок. Двете страни бараат НАТО да престане да се шири кон Истокот (на просторот на поранешниот СССР), што е кинеска отстапка кон Путин и Русија. Во исто време, Москва го подржува Пекинг околу Тајван, истакнувајќи дека Русија се спротивставува на независност (на оваа островска држава) во било која форма.
Реалност или пропаганда
Американците, како и Британија, Австралија и Јапонија од порано објавија дека дипломатски ќе ги бојкотираат зимските олимписки игри, поради односот на Кина кон ујгурското малцинство и повредата на човековите права.
Затоа, вакви странски гости во Пекинг има помалку од обично, освен од земјите кои имаат обврски кон Пекинг, па не смеат да бидат отсутни на една ваква приредба на која кинеската власт сака да се прикаже во целиот свој сјај. Тоа, сепак, не значи дека на Игрите и на среќавањето на „братот Си“ и на Путин не се гледа со внимание.
САД, на пример, сметаат дека Кина сега треба да се покаже и да ја убеди Русија да продолжи со дипломатијата и со деескалацијата на кризата околу Украина. Не да форсира инвазија и воен конфликт.
Ако Пекинг се направи слеп, при евентуална руска инвазија врз украинската територија, тогаш би можело да се каже дека Кина ги ризикува глобалниот мир и дека учествува во нарушувањето на стабилноста на Европа. Тогаш и за Пекинг би можело да се рече дека уверувањето – содржано и во соопштението од Самитот – дека со Москва се залагаат за мир и дека работат за мултилатералност во глобалната политика – е само гола пропаганда.
Екстра руски гас за Кина
Прашање е што е (навистина) разговарано. Сигурно е дека и Украина и НАТО, како и Тајван биле меѓу главните теми. Економијата, меѓутоа, сигурно била на дневен ред.
Русија е водечки производител на фосилни горива во светот, па засилувањето на партнерство со соседна Кина е предизвикано и од големите економски потреби. Посебно сега кога на Москва и се закануваат санкции, доколку продолжи со своите „воени игри“. Кина, пак, е најголемиот увозник на енергија во светот.
Од порано се зборуваше дека доколку се најде под тешките санкции – со блокирање на гасот – Русија ќе се сврти кон Кина, продавајќи го така создадениот „вишок“ од гас на другата страна. Проблемот е што Пекинг инсистира да плаќа само во своите јуани. Не се знае дали Путин го убдел Си, во една вонредна ситуација, да се измени начинот на плаќање.
Како и да е, проценка е дека Русија ќе мора да прифати дека зближувањето со Кина нема да и помогне да ги санира последиците од санкциите. Уште повеќе што и кинеските компании, доколку се обидат да ги заобиколуваат санкциите на Русија, ќе се соочат со последици во своето работење.
(П.М.)