Поврзете се со нас

Skopje Global

Бизнис Глобал

Необјавена трговска блокада на Пекинг за Вилнус

Необјавена трговска блокада на Пекинг за Вилнус

Официјален Пекинг продолжува да војува и да ја казнува Литванија, воведувајќи необјавена трговска блокада против оваа балтичка земја, членка на ЕУ, само затоа што владата во Вилнус се согласи Тајван да отвори својата канцеларија за врски (претставништво) во главниот литвански град.

Австралиските медиуми  на случајот му посветуваат забележително внимание, затоа што последниве две години, Кина на сличен начин – со ембарго и со трговски блокади „војува“ и со владата во Канбера. Сега тврдат дека литванскиот случај е без преседан и дека станува збор за „драконска одмазда“ врз една малечка земја.

Блокадата е откриена откако литванските извозници забележале „чудно однесување“ на нивните кинески партнери кога требало да се продолжи со редовните бизнис зделки меѓу двете земји. Иако за тоа  постојат договори, кинескиот царински систем, речиси „преку ноќ“ ја има избришано Литванија. Како да оваа земја никогаш не постоела – одбивајќи било каков контакт, на било кое ниво.

Пример без преседан

Таквото однесување на кинеската страна, има предизвикано целосен трговски прекин, каков обично има само во случај на војна.

Имало такви ситуации со Северна Кореја, или во случајот со односите меѓу САД и Иран и санкциите кон оваа земја, но кон Литванија, големата Народна Република Кина за прв пат, против било кого, има воведено вакви казнени мерки.

Кога станува збор за случајот на Австралија, што се зема за пример, иако кризата во односите е многу поголема, а проблемите имаат и геостратешки причини и тежина – околу кинеските амбиции да доминираат во реонот на Пацификот – пекиншкиот режим, сепак,  не воведе ваква целосна блокада и не забрани увоз на се што доаѓа од Австралија, како што тоа и го прави на Литванија.

Експерти велат дека повратниот удар (од ваквата политика) повеќе ќе ги погоди Кинезите, отколку Литванците- се мисли на престижот  на Пекинг во меѓународната заедница, кој на Кина и е многу важен, затоа што никој не може да го брани потегот на Пекинг. Особено што Литванија не е првата држава со која НР Кина се пресметува.

Литванија „избришана“ од светот

На таа листа се и една Јапонија, па Филипините и Норвешка, Канада и Јужна Кореја, Монголија, како и Тајван. Со ниту една од овие држави Кинезите го немаат постигнато посакуваниот ефект, од воведените трговски блокади и од еднострано раскинатите договори. Но, Кина продолжува и понатаму со ваквото однесување, не откажувајќи се од своето насилништво во меѓународните трговски односи.

Норвешка, на пример, е казнета со забраната за увоз на норвешки лосос, Филипините со наглиот прекин на увоз на банани, а Тајван на грејпфрут. Меѓутоа, парадоксално е што Кина остана и натаму да членува во Светската трговска организација (СТО) која постои за да се уредат трговските односи меѓу земјите-членки и за да нема вакви ситуации.

Во Сиднеј , медиумите вели дека дури и Австралија, која меѓу другото војува со Пекинг и околу барањето да се утврди потеклото на коронавирусот, на што Кинезите остро се противат, има поминато полесно од малата балтичка земја и без целосна трговска блокада. Односно без целосно бришење од списокот на земји од каде Кина нешто увезува!

Вилнус сега бара поддршка и помош од Европската комисија, и од ЕУ,  околу овие НЕОБЈАВЕНИ ТРГОВСКИ САНКЦИИ. Посебно кога се разбра за – циничното „објаснување“ од Пекинг – дека таму повеќе “ја нема Литванија во кинескиот електронски систем за царински декларации“!?

„Инфантилно однесување“

Ваквото кинеско однесување се смета дека тргнува од засилената ароганција и  исто таквото однесување на Пекинг на меѓународната сцена и во други случаи. А, тоа е дека „Кина е голема, па затоа е и моќна и може да прави што сака“.

Меѓутоа, со своите 1,5 милијарди луѓе, со позицијата на втора економија во светот и најголем светски извозник, ваквата политика и едно вакво однесување кон малата балтичка држава, се смета дека претставува инфантилно однесување.

Во секој случај, проценката е дека Литванија ќе го преживее кинеското казнување, особено што оваа поранешна советска република, со години на ред, по распадот на СССР, беше на разни начини казнувана од Русија, откако власта во Вилнус се определи да и сврти грб на Москва и да се определи кон Западот.

Литванија, засега, е единствената земја – членка на ЕУ која дозволи Тајван да има свое претставништво (не е тоа амбасада) во главниот литвански град.

Тоа НР Кина не го дозволува и го казнува. Првиот чекор беше да го повлече својот амбасадор од Вилнус и да го спушти нивото на својата мисија на рангот на вршител на должноста, како највисоко рангиран дипломат, како и да го протера литванскиот амбасадор од Пекинг.

Казни и награди

Во ова меѓувреме, Кина нема издадено никакво официјално соопштение за драконските казни што ги има применето.

Освен познатата закана дека – „државата (Литванија) ќе плати висока цена за погрешното непочитување на кинескиот територијален интегритет“ – секако – мислејќи на воспоставените врски со Тајван.

Станува збор за островска територија која има своја посебна државност и дејствува наполно самостојно уште од 1949 година, кога комунистите победија во кинеската граѓанска војна и ја создадоа НР Кина. Поразените сили, пак , се префрлија на островот Тајван и создадоа своја држава, што сега е меѓу најсилните економии во Азија.

Само петнаесетина држави во светот имаат дипломатски врски со островот.

Тајван како независна држава не ја признаваат ниту САД, а ниту било која од најголемиот број држави во светот, вклучувајќи ја и целата ЕУ и самата Литванија, иако дел од нив имаат некакви врски со властите во Тајпеј. Една од државите која досега имаше дипломатски односи со островот, а не со Пекинг, беше Никарагва, која под притисок одлучи да ги прекине.

Не случајно, тоа се случи токму сега, кога големата Кина и објави „војна“ на малата Литванија. Како награда за ваквиот чекор, власта во Пекинг ја почести Никарагва со испорака на кинески вакцини против коронавирусот, што инаку досега одбиваше да им ги даде.

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Бизнис Глобал

Горе