Лажната “вистина” на Лавров
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров во текот на својата посета на Република Српска, во БиХ, има изјавено дека била „лажна тезата оти Балканот треба да избира меѓу Западот и Русија„ и ги обвини западните држави дека тие „наметнале (ваков) вештачки избор„ . Оваа своја теза, ја образложил со тврдењето дека Русија не се мешала во внатрешните работи на балканските држави , па како пример за таквата руска политика ги посочил Македонија и скорешниот референдум.
Според Лавров, Москва „со ништо не влијаела на исходот“ од референдумот, но дека Западот силно бил „вклучен во кампањата“ илустрирајќи го тоа со големиот број високи и угледни политичари и дипломати од ЕУ и САД . Министерот уште и забележал дека Русија нема ништо речено за референдумското прашање (!?) но дека пораките на сите западни гости дојдени во Скопје, биле да се гласа „за“ на референдумот од 30 септември.
Вака срочената изјава на рускиот министер по многу нешто потсетува на времето на „студената војна“ и на сивите години на поделена Европа. Наместо јавна подршка за еден договор, со кој на мирен начин и со дипломатски преговори, се разреши еден спор меѓу две соседни балкански држави, стар 27 години, кој не само што беше кочничар на добрососедството, туку и постојана закана за регионална дестабилизација, официјална Москва и натаму одбива (единствена во Европа ), да прифати дека на Балканот , сепак, може и да се прават компромиси, да се преговара и да се постигне спогодба. Јавно, и натаму останува нејасно зашто Русија го бојкотира договорот од Преспа, третирајќи го како спогодбата на двајца балкански политички лидери да претставува „проблем“. Освен, ако во случајов , не мисли само на руските интереси во регионот, а не на неговата стабилност. Тоа, пак, покажува дека тезата за која зборувал Лавров во Бања Лука и за која полемизирал со Западот, не е воопшто лажна.
Од друга страна, тврдењето на рускиот шеф на дипломатијата за тоа дека Москва не се меша во работите на балканските држави, едноставно, не е точна. Посебно кога станува збор за македонските состојби во изминатите дваесетина месеци, откако Црна Гора, на која Русија сметаше како на своја база на Балканот и на Јадранот, се определи за НАТО и за ЕУ и покрај обидот на проруските сили во оваа земја, да изведат пуч и да ја соборат владата во Подгорица.
Македонија никогаш досега не била во руската интересна сфера, ниту како дел од екс Југославија.
Таа не е гранична држава на Русија, ниту на некоја бивша советска република и уште од пред 25 години, пред земјите-сосетки на Русија, јавно ја има соопштено својата евро-атланска стратегија, со консензус на сите партии и со огромна подршка во јавноста. Ако се погледне назад, ниту во историјата Македонија била интересна за руските цареви, освен како парче територија која Москва ќе им ја доделува еднаш на еден, а другпат на друг наш сосед , како при создавањето на т.н. „Санстефанска Бугарија“ за да ги задоволува руските империјални амбиции за излез на „топло море“ .
Дали и овојпат, руската политика така гледа на независна Македонија, со која таа има дипломатски односи и со која Скопје, сакало и сака да гради добри и искрено пријателски врски, е работа што и по најновата елаборација на рускиот прв дипломат, останува нејасно. Но, од пред повеќе од година и пол, официјална Москва се определи да застане најотворено зад домашните националисти, бранејќи го нивниот поранешен лидер и премиер од незадоволната македонска демократска и либерална јавност, гневна што 11 години земјата беше претворена во орудие на тогашната власт, со задушена демократија, газење на човековите права, непотизам и криминал, со погазена независност на судството и на медиумите, прислушување на опозицијата и на сите „сомнителни лица“ кои му се спротивставуваа на режимот што од Македонија направи приватна компанија, целосно изолирана и скарана со соседите, без амбиции за влез во НАТО и ЕУ.
Можеби токму тоа, што претходната власт не сакаше интегрирање во Европа и веќе работеше на тоа земјата да се претвори во некаква „балканска Белорусија“ е тоа што Москва сакаше да го брани, па од таму прво се спротивстави на еден закон во земјава (уште како проект) кој не би требало ништо посебно да и значи на една Русија. Но овдешниот закон за јазиците, беше искористен за да се набедува новата власт што се наѕираше, како таа да се мешаше во руските внатрешни работи, а не обратно. Москва ги искара сите што го бранеа законот , иако тој само ја озаконува практичната состојба со јазиците во државата, а не најде за потреба да го осуди обидот за пуч против оние кои направија нова влада, оставајќи ги националистите надвор од власта.
Од почетокот Москва бара и изнаоѓа начини да се дисквалификува новата влада и нејзините напори, да ги среди односите со соседите, а пред се со Бугарија и со Грција, преку што се отвора патот за европски интерграциски процеси, но и да создава пречки. Користејќи ги опозициските националисти, набрзина поддржа создавање „руска“ партија во Македонија, по урнек на партијата „Обединета Русија“ па на антивладините протести во Скопје, неочекувано се појавија руски државни знамиња. Таа партија, иако маргинална, и натаму се користи на теренот за да дејствува против договорот со Грција, прикажувајќи го како , наводно, штетен за државата и за идентитетот на Македонците, иако тој токму тоа го обезбедува, за прв пат со една влада во Атина. Таквата игра на форсирање национализам во македонската јавност, обиди за меѓунационална нетрпеливост, според тезата – оние што не се со нас, се предавници – не претставува изненадување, затоа што официјална Москва од почетокот на преговорите работи против постигнување договор со Грција, а сега против неговата ратификација и имплементација. Таквата деструктивна политика, на директно мешање во работите на земјите на Балканот се докажа со откривањето на скандалот во Грција, откако атинската влада обелодени дека Русија и руски дипломати работеле тајно , со пари од рускиот крупен бизнис во оваа земја, за да се поткупуваат противниците на договорот, од та страна на границата и да му се прават проблеми на премиерот Алексис Ципрас.
Токму овој случај, тајно да се поткопува грчката внатрешна стабилност, земја која традиционално има блиски , пријателски односи со Москва, иако е во НАТО од 1952 година, а во ЕУ (од осумдесетите години на 20 век), го покажува вистинското лице на руската политика на Балканот. Тоа го покажува и неодамнешната изјава на рускиот абасадор во Белград кој во едно интервју во Москва, порача дека Србија треба да си го земе назад Косово, како што Русија тоа го направи со Крим. Притоа, тој порача дека никој во српската политика нема да и воведе санкции на Русија, како што тоа го направија ЕУ и САД, зашто било јасно дека оној што ќе го направи тоа „веднаш ќе ја загуби власта“.
Ваквите примери за директно мешање во внатрешните работи на други земји, не може да се изедначат со тоа што министерот Сергеј Лавров го нарекува „мешање на Западот во балканските земји“. Особено не во случајот на Македонија, во момент кога нејзините идни сојузници (во НАТО) и партнери (во ЕУ) и даваат силна подршка за влез во организациите за кои одамна самата се има определено и за што никогаш досега Москва не правела проблеми.
(Т.И.)