Мнозинството Британци разочарани со Брегзит
Мнозинството Британци се разочарани од излегувањето на Велика Британија од ЕУ и сметаат дека Брегзит претставува – неуспех.
Истражувањето што го направи агенцијата КомРес покажува дека 52 отсто од анкетираните изјавиле дека заминувањето од Унијата, ништо добро и нема донесено на Британија. Само 36 отсто Британци сега смета дека Брегзит претставува успех за Обединетото Кралство.
Една третина од приврзаниците и традиционалните гласачи на владејачката Конзервативна партија на премиерот Борис Џонсон, каде е главнината на евроскептицизмот и од каде тргна антиевропското расположение, изјавиле дека станува збор за неуспех на Британија. А, така мислат и 26 отсто од гласачите на референдумот за Брегзит кои во јуни 2016 година еуфорично гласаа за напуштање на Европската Унија.
Поделени околу враќањето во ЕУ
Британија во ЕУ беше од 1973 година, но по силната антиевропска и изразито англиска националистичката кампања, во која имаше лажни и неточни податоци со кои се манипулираа гласачите, пред се во Англија, на референдумот 52 отсто од луѓето се определија за Брегзит, а 48 отсто за тоа земјата да остане во Европа.
Од тогаш, британската јавност во поголем број смета дека се погрешило, а јавноста постојано е поделена околу тоа дали е потребно во земјата да се спроведе нов референдум, околу членството во ЕУ, каде Британија од почетокот на зачленувањето имаше некаков, свој, посебен статус.
Она што е ново во оваа анкета, тоа е сознанието дека сега и конзервативците на Џонсон – кој од проевропеец, стана еден од најострите брегзитери – не се задоволни од животот надвор од Унијата.
Еден од петмина конзервативни гласачи смета дека политиката за повторно приклучување на Британија во ЕУ – би ги зголемила шансите на Конзервативната партија за победа на следните избори.
Продолжува антиевропската еуфорија
Вака размислуваат голем број млади проториевци до 35 годишна возраст. Дури 44 отсто од нив се и за преиспитување на политиката за Брегзит.
На друга страна, 71 отсто од лабуристичките гласачи и 70 отсто од оние на либералдемократите, сметаат дека напуштањето на ЕУ беше грешка и дека е неуспешно. Анкетата покажува и дека Британките се покритични кон Брегзит – над 55 отсто, додека тој процент кај мажите изнесува 49 отсто.
Анкетата била направена во септември, непосредно пред одржувањето на традиционалната есенска партиска конференција на партијата на премиерот Џонсон.
На конференцијата и понатаму беше манифестирано антиевропејството и беше величан успехот на Брегзит.
Министерот во владата задолжен за спроведувањето на Брегзит, Дејвид Фрост, изразит евроскептик кој постојано и се заканува на ЕУ и на Европската комисија во Брисел, еуфорично има речено дека „долгиот и грд сон, наречен членство во ЕУ е завршен“, порачувајќи одново дека е “почната британската ренесанса“.
Незадоволство и кај ториевците
Спроведената анкета, меѓутоа, покажува едно поинакво расположение, што во проториевсите медиуми тешко се пробива, иако односите на Британија и ЕУ се прилично нарушени, а меѓу двете страни продолжуваат несогласувањата за примената на склучениот трговски договор.
Особено околу посебниот механизам за Северна Ирска, за што Лондон одново бара да се преговара и покрај тоа што има договор, додека Брисел инсистира дека веќе е доста од преговарање.
Сепак, ниту една партија, барем во овој момент, не ја подржува идејата за враќање на Британија во ЕУ. Левичарските лабуристи дури се и против тоа земјата да му пристапи на единствениот европски пазар.
Резултатот од анкетата може уште повеќе да е анти – Брегзит по избувнувањето на нафтената криза, долгите редови за бензин и полупразните самопослуги – затоа што нема возачи да го транспортираат бензинот по бензинските пумпи низ Британија.
Возачите се покажа дека повеќето биле од земјите на ЕУ, што сега заминаа, или британските власти им го одзедоа дозволите за престој, по Брегзит.
(Д.Л.)