Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Берлин бара помирување на Балканот

palinchak/BigStock.com

Берлин бара помирување на Балканот

Берлин и канцеларот Ангела Меркел, одново изразија надеж дека преговорите за влез на Република Северна Македонија (и Албанија) во ЕУ, ќе може да почнат пред истекот на претседавањето на Германија со Унијата, а тоа значи, до крајот на оваа година.

„Се надевам дека можеме конференцијата за пристапување да ја одржиме во овој период, за време на германското претседателство“ – има речено Меркел во својата видео-линк порака, зборувајќи на крајот од состанокот во Софија, на лидерите на земјите, вклучени во т.н. „Берлински процес“ – познат како форум за соработка меѓу Унијата и Западен Балкан.

Надминување на историските тензии

Поради пандемијата со коронавирусот, таа не присуствуваше на конференцијата во бугарскиот главен град, како што тоа беше најавено на почетокот од оваа година, туку ја користеше новата технологија за комуникација.

Но и во ваква форма германскиот канцелар, уште еднаш, ги потсети сите учесници (вклучувајќи ја и земјата-домаќин, Бугарија, без разлика што таа е членка на ЕУ), дека главната цел на „Берлинскиот процес“ е постигнувањето ПОМИРУВАЊЕ во регионот.

Тоа, според германскиот канцелар, може да се направи со надминување на историските тензии, како и со надминување на, од минатото, оставеното наследство во историја.

„Вие МОРАТЕ да речете едно „да“ во регионот (кога станува за овие работи и состојби) – за да се надминат разликите. Тоа е исклучително важно “ – многу директно има речено Меркел на конференцијата на која како заеднички домаќини беа Бугарија и Македонија.

Во сенка на кризата

Копретседавањето со овој процес на Скопје и Софија, кога тоа беше така определено, требаше да ја означат новата клима во регионот, да го покажат пријателството и бугарско – македонската блискост, на една нова, европска Бугарија и на актуелната влада на Република Северна Македонија, која како ниту една до сега не е толку силно проевропски, прозападно и прореформски определена.

„Берлинскиот процес“ меѓутоа, во Софија се одржа во сенката на короната, на бугарската политичка криза и во кризата што ја создаде Софија во изминатите месеци во односите со соседна Македонија.

Прво, испраќајќи меморандум до земјите на ЕУ (и меѓународната јавност) дека Македонците не се Македонци дека од памти век биле „Бугари“ а за тоа и да не се свесни.

Потоа, софиската влада ја заостри уште повеќе позицијата, така што се закани дека ќе го блокира стартот на преговарачкиот процес, оној што Германија го планира за крајот на ОВАА ГОДИНА, доколку Скопје не попуштило пред бугарското јуначење.

Две лица на Софија

Во Европа/ЕУ Бугарија е сосема осамена околу оваа работа. Никој не се осврна на меморандумот.

Никој не го подржа, затоа што е сосема спротивен на сето она што го правеше истата оваа бугарска влада за регионот, кога шест месеци претседаваше со Унијата.

Вклучувајќи ја и поддршката за Македонија да добие „зелено светло“ од Европскиот совет за почеток на преговарачкиот процес, откако не стави „историско вето“ за влез во Алијансата.

И, наеднаш, околу прашањето чиј е Гоце Делчев, се покренаа и прашања со кои Софија го негира идентитетот на еден европски народ, а тоа се работи за кои мислевме дека завршија со падот на комунистичкиот режим во Софија.

Станува збор за режим кој својата тоталитарна власт ја одржуваше со руска (советска) помош и со хранењето на масите со бугарскиот национализам – за тоа дека државата се протега од Црно Море до Охрид (За северна Грција, работите се ставаа и се ставаат под тепих).

Во една ваква атмосфера, во рамките на „Берлински процес“, македонската и бугарската страна се обидуваа да ги приближат некако разликите и до 17 ноември да најдат решение за „историските недоразбирања“ – за да не се случи Бугарија да ни ја затвори вратата, но и да им удри шлаканица на целата ЕУ, посебно на Берлин и на Меркел.

Принципиелноста на Германија

Тоа така и ќе изгледа, токму затоа што германскиот канцелар најсилно и најпринципиелно ја турка определбата на Брисел за вклучување на Западен Балкан, во тие рамки и на Македонија, да бидат дел од Унијата.

Таа претходно се „бореше“ со францускиот претседател околу процесот на проширувањето, уверувајќи го и него и сите другите дека за ЕУ е важно – и од геостратешки причини, овој регион кој е дел од европскиот континент, да биде дел и од Европската Унија.

Сега изгледа, како да не може да се справи со софиската воинственост и со наметнувањето на историјата како фактор и услов за влез во ЕУ!?

Европските медиуми потсетуваат дека во Софија се сретнале премиерите на двете соседни земји – Бојко Борисов и Зоран Заев.

Имале разговор во „четири очи“, како што тоа во Давос го имаа Заев и тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас, по која тргна преговарачкиот процес, а тоа обезбеди постигнување на историската спогодба од Преспа.

Има-нема напредок?

Немаше ни тогаш никакви детали за шестчасовните разговори во швајцарскиот зимски центар, а нема ни сега од средбата во Софија.

Едноставно, се вели дека ниту бугарскиот, а ниту македонскиот премиер, јавно, немаат дадено никаков коментар за разговорите, но некои аналитичари овој молк го толкуваат како „неуспех да се постигне напредок“.

Според тоа, останува да се исполнат очекувањата (и барањата) на Берлин и на Меркел, во еден крајно кус временски рок, да се среди историјата која ги поврзувала и ги делела Бугарите и Македонците.

Ако Атина бараше „техничко“ одделување на областа Македонија, со додавање на географска одредница „северна“ за Република Македонија, од истоимената грчка област, на северот од Грција, барањата на Софија, меѓутоа, се сосема поинакви.

Таму бараат од Скопје да прифати дека македонскиот јазик, оригинално, е дијалект на бугарскиот. Сега се бара и тоа, Македонија да се изјасни дека нема територијални претензии.

Станува збор за т.н. пирински крај, во југозападна Бугарија, што кај нас знае да се опише како „пиринска“ Македонија, онака како што некои се уште зборуваат за „егејска“ Македонија.

Измирување и ултиматум

Официјално Скопје, уште веднаш со своето осамостојување во 1991 година, има објавено дека кон ниту еден сосед, нема територијални претензии.

Го знаат тоа во Софија, секако. Го знае и Берлин и ЕУ, но доколку тоа треба да се прифати во оваа фаза – македонската страна би требало да прифати.

Во името на стратешката амбиција за влез во ЕУ, како и во името на добрососедството и пријателството, сега кога двете земји се сојузници во НАТО, а утре треба да бидат партнери во Унијата.

Затоа, во пораката, до софискиот „Берлински процес“, освен за измирувањето, кај Меркел може да се прочита и една друга порака.

А, таа, иако во завиткана форма, е доволно директна за да ја разберат оние на кои им е испратена – дека измирување на може да се постигне со ултиматуми.

На тој начин не може да се надминат ниту нерасчистените разлики во гледањето за минатото, во денешно време. Конечно, не може да се користи ултиматум – од земја членка на ЕУ.

Во исто време, кога од земјите од Западен Балкан, се бара да ги „закопаат воените секири“ за да влезат во Унијата.

(Б.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе