За ширење на коронавирусот- до 12 години затвор
Владата на Чешка одлучи да го внесе коронавирусот во кривичниот закон на државата. Тоа е направено на истиот начин како што претходно се внесени и чумата, пегавиот тифус и колерта. А, тоа значи дека намерното ширење на овие вируси и болести , од кои како последица ќе починат барем две лица- претставува кривично дело за кое се предвидува затворска казна до 12 години.
Ваквото дополнување на кривичниот закон доаѓа откако вирусот што потекна од Кина, од градот Вухан, се рашири низ целиот свет, при што посебно на удар се најдоа Европа и ЕУ. Во Чешка досега се регистрирани 120 случаи на заразени лица, но во карантин и на посматрање има други 4800 лица од кои не се знае колкумина ќе бидат позитивни на вирусот.
Карантинот е задолжителен за сите кои ќе се вратат од патување , од некоја од набележаните 15 држави , сите означени како опасни кризни зони- почнувајќи со Кина и со Италија. Сега на овој список, се додадени и Франција и Германија.
Владата во Прага наложи од 16 март (од понеделник) целосно да се затвори Чешката Република, забранувајќи секакви патувања во странство, но и влегување на странци и гости од било која странска земја. Ваквата забрана нема да важи само за возилата -камионите од товарниот сообраќај.
Во Чешка на сила е кризна состојба, а во паничната атмосфера која се создава, земјата е на работ да прогласи и вонредна состојба.
Целосното затворање на државата, членка на ЕУ, во Средна Европа, беше критикувано и од претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен која смета дека ваквата мерка е претерана. Експерти на Светската здравствена организација (СЗО) исто така оценуваат дека ваквиот тип на целосни блокади на една земја, не се докажало дека се ефикасни.
Во Чешка од порано постои закон според кој за ширење болести се предвидени затворски казни од шест месеци до три години. Доколку , пак, се извршени во рамките на некаква криминална банда, тогаш затворската казна изнесува осум години.