D-Day 75 години потоа
Во историјата на Втората светска војна, првото префрлање на сојузниците на западното европско копно, е познато по кодиранато име- операција „Оверлорд“. Денот 6 јуни 1944 година, меѓутоа, општо е познат како D-day, кога сојузничката војска се истовари на брегот од Нормандија, во северозападна Франција.
Истоварувањето во Нормандија е извршено со 156 илјади војници (73 илјади Американци, 83 илјади Британци и Канаѓани, како и војници и воени едници од уште петнаесетина други земји).
Операцијата е изведена на пет плажи – Сворд, Џуно, Голд, Омаха и Јута. Учествувале седум илјади бродови и пловила за брзо истоварување на песокливите плажи.
Употребени се дури 10 илјади разни возила и голем број авиони и едрилици. Во првиот удар тој 6 јуни, претрпени се и тешки загуби – четири илјади војници се убиени или ранети. На плажата Омаха, останало запишано дека една од единиците кои први стапнале на француското копно, загубила 90 отсто од својот војнички состав.
Кај непријателските војници, бројот на загинатите бил двојно поголем, а настрадале и повеќе илјади француски цивили.
Германка на D-Day
Иако изненадени од инвазијата на сојузниците и од локацијата и обемот на целата операција, нацистите на нормандискиот брег имале изградено силни војнички одбранбени упоришта, обезбедени и бранети со тешко и бројно вооружување, но 11 месеци по Денот-Д, после бројните тешки битки на западниот фронт, нацистичка Германија капитулира и заврши Втората светска војна.
На 75-та годишнина од истоварувањето во Нормандија, се собраа ветераните од војната, кои ја преживеале „кланицата“ на 6 јуни и кои се уште се живи, како и роднините на оние кои загинале, или поради поодминати години, во меѓувреме починале, за да им оддадат почит на илјадници војници во таа операција и за да им ја изразат благодарноста за храброста и саможртвата, за ослободувањето на Франција и за конечното уништување на нацизмот во Европа.
Меѓу нив беа и францускиот претседател Емануел Макрон, американскиот претседател Доналд Трамп, британскиот премиер Тереза Меј, британскиот престолонаследник Чарлс, канадскиот Џастин Трудо, како и лидерите и претставници на сите други земји, чии војници, падобранци, пилоти, или морнари, биле дел од “Оверлорд“.
Ден пред тоа, такво собирање, се одржа и во Портсмут, од другата страна на Англискиот канал, како што Британците го нарекуваат Ламанш. На оваа комеморација во пристаништето од каде тргна дел од големата сојузничка армада за да го скрши отпорот на хитлеровска Германија, беше и британската кралица Елизабета, но и германскиот канцелар Ангела Меркел.
На оваа 75 годишнина, како и на сите претходни, иако се велича херојството и одлучноста на сојузниците да се уништи германскиот нацизам, неколку години наназад присуствува и политичкиот лидер од земјата која ја предизвика војната и чиј режим трајно ќе биде обвинуван за злосторствата на тлото на Европа, а која беше поразена на крајот од безмалку шестгодишната војна.
Според тоа, што би барала една Германка, па нека е тоа и Меркел, на една ваква комеморација.
Помирување и простување
Таму беше во името на помирувањето, во име на денешниот мир, во името на респектот што некогашните победници во војната го имаат кон оваа, денешна, нова, демократска и мирољубива Германија. Тоа секако не значи дека сегашните генерации и политичарите на САД, Франција, Британија, Канада и на сите другите кои учествувале во војната, заборавиле што се случувало. Не значи дека не знаат кој на која страна бил и кој кому бил окупатор, а кој бил окупиран и изложен на сите трагедии што ги носат војните.
Кога би го заборавиле сето тоа, тогаш не би се собирале на вакви денови, за да ги посетат илјадниците гробови на војниците и за да им оддадат почит на луѓето кои ги имаат жртвувано животите, за една поинаква Европа. Обединета, во мир, без војни. А, во таа и таква Европа, има и мора да има место за една Германија, па затоа нејзиниот сегашен канцелар е заедно со лидерите на некогашните победнички, сојузнички сили. Најмалку за да биде понижен и прекорен.
Макрон секако добро знае дека токму нацистичка Германија ја има окупирано половина Франција, а во другиот дел има создадено квисинлиншка држава, за да им служи на нацистичките интереси, но Французите во денешна Обединета Европа, не гледаат на Германија како на некогашниот окупатор, ниту ја ословуваат во учебниците за децата како окупаторска сила. Поранешните лидери на двете земји- Франсоа Митеран и Хелмут Кол, фатени за рака, заеднички им оддаваа почит на брутално убиените војнци, цивили, меѓу кои и Французи во еден од нацистичките конц-логори.
Раѓање на ЕЕЗ
Процесот на помирувањето на народите од двете држави од Европа, кои најмногу биле во меѓусебни војни- започна по завршувањето на Втората светска војна.
Првиот канцелар на нова, демократска Германија, Конрад Аденауер сфати дека неговата земја може да биде дел од нова Европа, само доколку еднаш за секогаш не дојде до трајно помирувања на двете соседни држави. Кога Аденауер и францускиот претседател, генералот од војната Шарл де Гол, застанаа, еден покрај друг, во обновената катедрала во Ремс, која токму Германците ја имаат уништено, може да се рече дека беше родена нова Европа.
Само седум години по крајот на војната, во 1952 година, беа создадени првите две наднационални, европски асоцијации – евројаглен и еврочелик. Во 1957 година, на темелите на овие две асоцијации кои требаше да спречат нова трка за тоа кој да ја има контролата врз суровините преку кои (на времето) се движеше и трката во вооружувањето, беше формирана и Европската економска заедница (ЕЕЗ), основата на денешната ЕУ.
Создадена во Рим, земјата каде се роди фашизмот, во оваа прва европска и наднационална заедница, се најдоа победниците од последната војна – Франција и државите од Бенелукс и на друга страна- поразените Италија и Германија. Во ЕЕЗ, меѓутоа, таква поделба немаше, за сметка на заедничкиот интерес да се изградува една поинаква Европа, врз заедничките интереси на тие први шест европски држави.
Стигнаа до 15 на број, а како ЕУ заедницата на независни држави врзани врз единството на европските стандарди, стигнаа до 28. Некогаш лутите непријатели (Франција и Германија) и со Британците, конкуренти во економијата, политиката, финансиите и вооружувањето, сега станаа не само пријатели, туку ги отворија меѓусебните граници за кои некогаш војуваа, а Париз и Берлин израсна во “моторот” на ЕУ и на европското интегрирање.
Западните балканци пред вратата
Од таа заедница, надвор останаа само уште земјите од Западен Балкан.
Во регионот, понекогаш со право, се критикува повремената лежерност на ЕУ кон овој дел од заедничкиот континент, која како да заборава на последните шест земји, што не ретко се поплакуваат во стилот – “нас не не сакаат“ или “постојано од нас бараат нешто ново и повеќе од она што претходно ни го побарале“.
Можеби така изгледа, но никој овде, во регионот, не се има гласно преиспитано- дали се што требало, било навистина, направено. За почеток – дали настанало помирување онака како што тоа се има случено на Западот. Дали се елиминирани сите состојби кои попречуваат вистинско добрососедство во овој регион, за да може да се создаде клима за отворање и елиминирање на границите, како оние низ Европа.
Во тој дел на континентот, се почнати двете последни светски војни, на чии годишнини се собираат денешните политички елити, за да се потсетат на мрачното и воено минато и на благодетите од мирниот живот. Во западнобалканскиот регион, сепак, немало војни од такви размери, но овде нема помирување, нема простување, иако тоа не би значело дека се заборавило нешто од мачното минато, од распадот на некогашната заедничка држава СФРЈ.
Овие балканци се уште мафтаат со национализмот и омразата, овде се уште се борат усташите и четниците, овде дисквалифакциите на цели народи е “херојско дело“ за кое пишуваат медиумите, овде партизаните- единствената воена сила која војуваше со нацистичка Германија и фашистичка Италија, сега се третираат како “злосторници“.
Компромис не е предавство
Затоа и спомените за нив ги нема. Младите и не ги знаат или се однесуваат кон нив како ништо да не им значат. Тие храбри луѓе, не се нашите ветерани, како оние преживеаните, собрани на францускиот брег, во Нормандија, за да сите им оддаваат почит. Овде им се уништуваат и гробовите и спомениците.
Затоа и не треба да чуди што, обично, од регионов не нема на таквите комеморации. Ние овде сите, се уште не можеме да научиме дека простувањето не е слабост, туку доблест. И дека не значи заборавање на детали од историјата и на тоа кој на која страна бил во некоја од војните. Како што не се прифаќа дека правењето компромис не е срамота и не значи предавство.
Овде во Македонија, посебно меѓу етничките Македонци, се уште на вредност е митоманијата, верувањето во лажната историја и продавањето и величењето на лажниот патриотизам. Сето тоа, ставено во националистичка политика која подига граници, а не ги урива. Политика која наместо пријатели, создава непријатели, која со соседите не може да се гради добрососедство. Кога тоа најпосле ќе се постигне, националистите подигнуваат бунтови.
Верба во митоманијата
Па, кога Скопје и Софија постигнаа договор според кој делови од минатото и разни историски настани ќе се слават заеднички, затоа што работите во минатото се испомешани, домашните националисти тоа ќе го означат како предавство, а не како европеизација на односите.
Кога двајца храбри политички лидери, едниот во Грција, а другиот во Македонија, ќе се определат да стават крај на еден повеќе децениски спор, поттикнат од митоманијата, од погрешното читање на историјата, од лажната претстава за тоа што е територија, а што држава и државност, па преку договорот од Преспа ќе настојуваат да градат добрососедство и пријателство, националистите и на двете страни хистерично ќе реагираат како да се случило велепредавство.
За да сликата за регионот биде комплетна, во тој хор на антиевропски сили ќе се вклучат (неканети и без потреба) и некои соседи. Тие, пак, исплашени дека поради случувањето во соседството, конечно, ќе мора да прифатат дека реалноста на Балканот е изменета и дека е сосема поинаква од онаа во Средниот век.
Можеби затоа, за сите нас и во регионот е неопходен некаков „Ден-Д“ за да се промени свеста на политичарите кои се кријат зад национализмот, за да може да владеат, по правило авторитарно.
Таквата операција, сепак, ќе остане без ефект доколку со неа не бидат опфатени и сите кои верно им слугуваат на политичарите (и на национализмот), а нив ги има собрани во науката, во медиумите и во делови од јавноста.
Сите тие ги подржуваат локалните националисти дека простувањето, значи заборавање, а тоа, на Балканот, не може туку-така да помине. Повеќе од четврт век по распадот на Југославија, на тој простор, националистите се уште се во ровови- поставени едни, наспроти други.
(С.С.Г)