Борисов: Бугарија не е „Тројански коњ“ во НАТО
„Бугарија не е никаков „Тројански коњ“ на Русија во НАТО “ – рекол во Софија бугарскиот премиер Бојко Борисов, отфрлајќи ги на тој начин обвинувањата од некои од домашните политичари.
Изјавата на Борисов е дадена во текот на посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во бугарскиот главен град и непосредно пред посетата на рускиот премиер, Дмитри Медведев, на Софија. Според објаснувањето на Алијансата, престојот на Столтенберг токму во ова време, нема никаква врска со скорешното доаѓање на премиерот на Русија. Посетата на Столтенберг, се вели, дека била подолго време подготвувана и од поодамно закажана. Медведев, пак, доаѓа на одбележувањето на годишнината од бугарското ослободување од отоманското ропство, во март 1877 година, во текот на руско-турската војна.
На заедничката прес конференција, Борисов рекол дека неговата земја е една од „најдисциплинираните земји-членки“ на Алијансата, силно приврзана кон НАТО, а таквото објаснување на бугарскиот премиер го подржал Столтенберг. Во таа прилика, генералниот секретар на НАТО порачал дека Бугарија „има важна стратешка улога во регионот на Црно Море“.
Двете страни притоа се согласиле против можноста да се обнови трката во вооружување, како што тоа беше случај во минатото. Столтенберг рекол дека НАТО не посакува ниту нова Студена војна, ниту пак трка во вооружувањето и во таа прилика ја повикал Русија на потребата од разбирање. Борисов, пак, изразил загриженост за можноста Алијансата, од една страна и Русија, од другата, да започнат натпревар околу тоа кој повеќе и подобро ќе биде вооружен. Според бугарскиот премиер, неговата земја токму затоа продолжува да го одржува дијалогот со Москва, истакнувајќи ја потребата од цврста позиција кога се преговара со Русија.
Според она што го имаат пренесено европските медиуми, Борисов и Столтенберг разговарале за Србија и за Косово, за Авганистан и Ирак, но и за другите конфликтни точки во кои се вклучени припадници на бугарската армија. Генералниот секретар на НАТО ја поздравил бугарската подршка за приклучувањето на Република Северна Македонија кон Северноатланската алијанса, како и определеноста на Бугарија, иако е една од најсиромашните членки, да го достигне нивото од 2 отсто од БНП (бруто националниот производ) за потребите на одбраната и вооружувањето, што е и долниот праг за членувањето во оваа воено-политичка организација.
Бугарија стана членка на „Партнерство за мир“ во 1994 година, три години подоцна владата во Софија и официјално поднесе барање за прием во алијансата, а во 2002 година, на Самитот на НАТО во Прага, Бугарија, како една од седумте поранешни комунистички држави- членки на некогашниот Варшавски пакт – беше поканета да стане членка. Во Алијансата влезе 2004 година, откако две години траеше процесот на нејзиното влегување. Оваа година, кога НАТО одбележува 70 години од создавањето , Бугарија ќе одбележи 15 години од своето членство во Алијансата. Во ЕУ , Бугарија членува од јануари 2007 година.
Во периодот по завршувањето на Вторатата светска војна и времето на комунизмот и на поделена Европа , па се до распадот на некогашниот СССР , Бугарија беше членка на Варшавскиот пакт- воено политичка организација на источноевропските комунистички држави, предводени од Советскиот Сојуз . Во тоа време, таа важеше за еден од најлојалните сојузници на Москва. Во минатото, од обновата на бугарската државност во седумдесетите години на 19 век, бугарските политичари секогаш се имаат определувано меѓу тогашниот Запад , во тоа време предводен од Германија и Истокот, односно тогашна царска Русија.
Бојко Борисов е по трет пат бугарски премиер. Прв пат , беше од средината на 2009 до февруари 2013, па потоа одново од 2014 до јануари 2017, а сега го одработува третиот мандат, што го започна на почетокот од мај 2017 година.
(Д.С.)