Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Историска размена на затвореници

Историска размена на затвореници

Некогаш тоа беше контролниот пункт „Чарли“ во поделениот Берлин. Подоцна, во годините на Студената војна и на поделена Европа, размената на затвореници-дисиденти, или двојни шпиони, меѓу Истокот и Западот, се извршуваше во Виена, или во Хелсинки.

Во денешно време, после руската инвазија на Украина, ваквите размени- кога воопшто ги има – се извршуваат во Турција, единствената дестинација каде руските авиони може да слетаат, покрај Обединетите Арапски Емирати.

Во четвртокот,  еден таков лет, со затвореници кои Русија ги држеше во своите затвори и казнени логори- сите со главно  измислени обвинувања – беше извршен од Москва до Анкара.

Двегодишна тајна операција

А, кога овие луѓе беа преземени од  турската тајна служба и сместени на безбедни локации,  меѓународната јавност, разбра дека е извршена -историска размена на затвореници- (сега) меѓу Русија и Западот. Најголемата во последните 35 години, во времето после крајот на Студената војна.

САД ( и Западот) потврдија дека Русите ослободија 16 затвореници, во замена за пуштањето од затвор на осумина руски шпиони и оперативци на тајните служби  кои беа затворени во САД, Норвешка, Германија, Полска и Словенија.

Тогаш се разбра дека целата оваа операција  била во тек безмалку две години и дека се одвивала во најголема тајност.

Во времето додека односите меѓу двете страни  се длабоко замрзнати, кога се води војна на европско тло и кога од Москва се испраќаат закани со нуклеарен судир. Но,  и дека за двете страни оваа операција имала големи цели.

„Најдобро се работи во тишина“

Сето ова дојде после неколку неделното пишување и навестување на западните медиуми дека претстои размена на затвореници , односно  дека затворените  Американци „набргу би можеле да бидат ослободени- разменети за затворени Руси“.

Двете страни, меѓутоа , ги отфрлаа ваквите навестувања. Сега, пак,  кога затворениците  (конечно) се на слобода и меѓу своите најблиски, полека излегуваат на виделина некои работи кои навестуваа дека „нешто сепак се движи“.

Прво, коментарот на некои руски функционери дека-„ најдобрите работи се завршуваат во тишина“- а претходно, од една ( како случајно) вметната реченица во интервјуто на Владимир Путин со трамповиот новинар Такер Карлсон, поранешата ѕвезда на американската Фокс телевзија.

Рускиот претседател, во интервјуто во февруари годинава, во еден момент има речено дека тој- „не ја отфрла можноста Еван Гершкович  (еден од затворените Американци) да се врати во својата татковина“.

Првиот знак од Лукашенко

Во време кога војната во Украина влегувше во својата  втора годишнина и кога меѓу Москва и Западот се разменуваа закани, ваквата изјава на Путин како да остана незабележана , или едноставо, третирана како- пропагандна порака.

Но, за тајните служби и за сите оние вклучени во т.н. заложничка дипломатија, тоа беше порака, која значеше дека Москва е спремна да преговара. Така беше протолкувана од другата страна путиновата изјава, па по неа така и се има постапено – за да се заврши со она што се случи пред некој ден.

Целата таа операција, инаку , почна со „неочекуваната“ одлука на белорускиот претседател Александар Лукашенко- да го помилува на смрт осудениот германски затвореник- наводно за тероризам.

Лукашенко и онака ништо не прави без согласност на Москва, па овој потег на последниот европски диктатор, беше знак дека пишувањата на западните медиуми не се без основа  и дека во размената на затворениците- овој пат не се вклучени само Американците.

Гершкович, Вилен и две деца

Станува збор за вкупно 24 лица. Меѓу нив има и две деца- ќерката и синот на руската шпионска двојка Аритон и Ана Дајцеви кои беа откриени и затворени во Словенија, прикажувајќи се како Аргентинци,  користејќи притоа лажен идентитет.

За јавноста во САД, главното е дека се ослободени- новинарот на „Вол Стрит Џорнал“ Еван Гершкович , осуден на 16 години затвор, божем  за шпионажа , кога службено бил во посета на Екатеринбург. Тој беше првиот американски новинар кому му беше судено во Русија, во последните 30  години.

Потоа,  екс маринецот на САД  Пол Вилен (54) и тој осуден како шпион. Уапсен е во Москва во 2018 година и осуден на 16 години затвор- во време кога службено престојувал, како безбедносен консултант.

И, новинарката,  радио-репортер Алсу Курмишева, новинар на „Слободна Европа“, медиум финансиран од американската администрација. Таа има двојно државјанство (руско/американско) и живее во Прага, каде работи . Осудена е истиот ден кога и Гершкович.

Србија и помага на Русија

Курмишева, меѓутоа , е  осудена на 6,5 години, не за шпионирање, туку  за „лажни информации за руската војска“.

Нејзиниот сопруг, има тогаш изјавено дека таа, всушност,  е затворена и осудена  за нејзиината книга- „Кажете и стоп на војната“, напишана на татарски јазик.

Меѓу ослободените се и двајцата остри критичари на режимот во Русија и борци за човеков права- Иља Јашин и Владимир Кара-Мурза, руско/британски демократски активст, кој е осуден во Москва на 25 години затвор.

Кара-Мурза е уапсен во Русија  по враќањето од Европа и по престојот во Белград, каде подоцна се разбра дека постојано  бил следен и прислушкуван од српската тајна служба, по налог на Русите.

Материјалот од шпионирањето на Кара-Мурза, српска БИА им го има дадено на руската тајна служба, а врз основа и на тие сознанија, човекот доби висока затворска казна. Шефот на БИА, сега министер во владата на Србија, за тоа доби- орден од Путин.

Красиков-главната ѕверка

На другата страна, се смета дека „главната ѕверка“ во размената – за која изгледа е тргната целата оваа политичко-затвореничка трансакција- е рускиот  шпион и ликвидатор Вадим Красиков.

Во Германија беше осуден на доживотен затвор, за убиството на руски дисидент и висок чеченски функционер во бегалство, во еден парк во Берлин.

Само неколку денови откако беше осуден на најтешката  казна, во затворската колонија во рускиот Арктик  почина мистериозно, Алексеј Навални. Сега се тврди дека тој со Гершкович и Вилен требало да бидат разменети за Красиков.

Инаку, последен пат, размена е извршена во 2022 година, кога американската кошаркарка Бритни Гринер, која играше за московски „Спартак“, беше разменета за Русинот Виктор Бут, познат трговец со илегално оружје .

Случајот на Сергеј Скрипал

Во 2010 година, на аеродромот во Виена, беше извршена размена на затвореници- со директно префрлање од еден авион, во друг.

Тогаш десетмина Руси, уапсени во САД, беа разменети за четворица двојни-шпиони, уапсени и осудени во Русија.

Еден од нив беше Сергеј Скрипал, екс оперативец на ГРУ, кој тајно доставувал информации за британското МИ-6.

Во 2018 година, егзекутори на ГРУ , преправени како руски туристи се обидоа во Солзбери (Англија) да го ликвидираат Скрипал со радиоактивниот агенс „Новичок“, но на успеаја во тоа.

(О.У.)

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе