Бугарија-Амбасадорот против премиерот
Во екот на својата предизборна кампања- за шестите по ред вонредни избори, во изминатите помалку од три години, Бугарија се најде во една (неочекувана) политичка кризна ситуација , повразна за нешто што нема директна врска со домашната политичка сцена.
Ситуација која сепак, ја покажува вкупната политичка состојба во оваа земја и распоредот на силите, во острата пресметка меѓу проевропските и русофилските сили .
Барање промена на позицијата
На таа линија во Софија се толкува и инцидентот што настана во текот на гласањеѕто за резолуцијата за одбележувањето на геноцидот во Сребренива, во БиХ, кога Бугарија која (одново) има техничка влада, се обиде во последен момент да ја смени својата позиција – наместо да гласа „за“ прифаќањето на овој документ , кој инаку никого и ништо не осудува, да биде „воздржана“.
Во таа смисла, на само еден час пред гласањето во ОН во Њујорк, техничкиот премиер Димитар Главчев и има испратено итна телеграма на бугарската амбасадорка Лчезара Стоева, да биде „воздржана“ при гласањето во Генералното собрание.
Таа, меѓутоа, придржувајќи се на претходните инструкции и на од порано постигнатиот договор, за позицијата на Бугарија, сепак, гласала „за„ резолуцијата. Практично- не почитувајќи го барањето на премиерот кој има ограничени и привремени овластување- да управува со владиниот кабинет, до изборите и до изборот на нов Парламент.
Притисок од Белград и Москва
Владата во Софија мораше да ги потврди наодите на новинарската истражувачка група БИРД за инцидентот со амбасадорката, за што веќе пишува и софиските и европските медиуми, настојувајќи притоа, да го минимизира случајот. Во владиното соопштение се тврди дека „депешата“ на теничкиот премиер , кој е привремено и шеф на дипломатијата, сепак, не содржела и „конечни инструкции“ за амбасадорот во ОН.
БИРД , меѓутоа, повикувајќи се на дипломатската пошта изнесува документи од кои се гледа дека Главчев барал промена на бугарскиот став по притисокот од страна на српскиот претседател кој беше во Њујорк и кој за тоа се јавил кај лидерот на бугарскиот десно-центристички ГЕРБ Бојко Борисов, сестринска партија на српската владеачка партија СНС, на Александар Вучиќ.
Овој портал објаснува дека техничкиот премиер Главчев е поранешен член и пратеник на партијата на Борисов, кој пак 11 години беше и премиер, па дека од него и примил инструкции – во последен момент- да ја измени позицијата на Бугарија, за да им се угоди на Србија, но и на Русија.
Човек на Бојко Борисов
За Борисов се знае дека без разлика на проевропската ориентација на неговата партија , настојуваше са седи на „две столчиња“ – политика која е на работ да биде вазалска кон Москва- па во негово време Софија настојуваше да има добри односи и со руската стана и со соседна Србија , која важи за главниот руски сојузник на Западен Балкан.
Така и се случи двете соседни земји тесно да соработуваат во изградбата на гасоводот „Турски поток“ со руски гас кој ја заобиколува територијата на Украина.
Објавените документи откриваат дека бугарскиот технички премиер, промената на позицијата што ја барал од амбасадорката , ја опрвдувал со аргументот дека „ситуацијата во светот, а и на Западен Балкан е мошне напрегната“. Притоа, користејќи ги истите аргументи кои ги изнесуваа и Белград и Москва, силно лобирајќи против резолуцијата за Сребреница.
Осуда од проевропските сили
Амбасадорката, пак, во своето објаснување до Главчев има речено дека таа постапила според претходите инструкции добиени од Софија, од 12 април.
Според неа, нема никакви нови околности за да се менува позицијата на Бугарија, па дека затоа, менување на ставот и тоа во последен момент, во меѓународаната јавност би се сфатил дека е резултат на притисокот – пред се на Русија, која тоа го правеше кон сите во ОН-како и оној на Србија.
Либералниот, силно проевропски и прозападен блок, предводен од партијата Продолжуваме со промените (ПП) на екс премиерот Кирил Петков и коалицискиот партнер Демократска Бугарија, остро му замераат на техничкиот премиер.
Тие оценуваат дека е „недопустлив обидот да се измени позицијата на Софија , приклонувајќи се на тој начин кон руската политика.
Против седење на „две столчиња“
Овие две партии ги обвинуваат ГЕРБ и партијата ДПС ( на бугарските Турци) дека се само на зборови проевропски, а дека во практиката тие и двете се наклонети за да му служат на режимот на Владимир Путин, како што тоа се правело во изминатите 15 години.
Софискиот весник „Дневник“ на еден ден пред гласањето има откриено дека Србија силно притискала врз Бугарија да гласа против резолуцијата за Сребреница, која во Белград се приажува како „анти српска“, иако станува збор само за одбележување на еден ден (11 јули) како ден на сеќавање на злосторството и на геноцидот извршен во јули 1995 година.
Весникот открива и тоа дека српскиот претседател останал разочаран од постапката на официјална Софија, верувајќи дека и Бугарија ќе ја смени позицијата- како што тоа го направија Грција и Словечка.
(Б. С.)