Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Провокација кон ЕУ и соседите

Провокација кон ЕУ и соседите

Партијата која победи на изборите во Северна Македонија, нудејќи им  на гласчите национализам, реваншизам и антиалбанство, а тие тоа го прифатија, наместо мултикултурализмот,  европеизација на државата, како и уредени односи со соседите, на самиот старт , уште пред да се создаде нова влада- одново покажаа какви се вмровците.

Покажаа дека ништо во тоа друштво не се сменило за време опозициските години. Односно, дека таму ништо и не може да се смени и да се разликува од претходните  11 години власт – на деспотија и  режим, во кои Македонија се откажа од европскиот пат, за да создаде криминална власт ,  каде корупцијата се води од премиерската  канцеларија, претворајќи ја државата во приватна компанија на вмровската партиска врхушка.

Враќање во 2006-та

Не може да се смени, затоа што и сега оваа партија се води од избеганиот деспот и осуденик за корупција, давајќи му инструкции на својот изасланик во Скопје- додека, како што самите од ова дружество најавуваат- не го вратат од бегалство и го устоличат за доживотен лидер. Тој е само вториот од создавањето на партијата, пред 30 години.

Тоа, меѓутоа, го прифатија гласачите и гласаа за враќање на земјата во 2006 година, кога вмровците ја приграбија власта, додека Македонија беше пред вратата на ЕУ ( во пакет со Хрватска) и наместо напред, ја вратија земјата назад- во минатото.

Сега го направија истото, па наместо кон Европа и кон напредокот , како членка на ЕУ, одново ја враќаат земјата , сега и како членка на  НАТО и дојдена на самата врата од Унијата, по успешно завршениот скрининг од пред формалниот почеток на преговорите.

Грешка на гласачите

Така гласаа и за тоа се определија  гласачите на Северна Македонија и – погрешија.

Затоа што на самиот почеток од мандатот на (погрешно) избраниот кандидат за претседател на државата, (определувајќи се за  пензионирана професорка по право), таа  партијата ( со одобрување на бегалецот од Будимпешпта) се  определија да продаваат гордост, која не ни треба и провоцирање меѓунационална нетрпеливост.

А, избраничката , уште на почетокот покажа дека заскитала на таа функција.

Не толку  затоа што е во поодминати години, туку затоа што самата дозволила да биде користена како „кукла на конец“ , која партијата ќе ја користи за своите политикански потреби- за дома и за лојалните вмровски подржувачи, во кои  доминираат  т.н.  „егејски гласачи“, како и за према надвор.

Каков што беше оној на нејзината функција кој во пролета на 2017 година асистираше во обидот со вмровски  пуч да се спречи смена на власта.

Газење на Уставот

Доказ за сето ова е чинот на инаугурација на новиот шеф на државата,што госпоѓата професор и нејзината партија го искористија за провокација на Европа и на ЕУ, како и за провоцирање на соседите.

Давајќи заклетва пред Уставот на Република Северна Македонија дека ќе го почитува (!?) и дека  врз основа на неговите принципи ќе ја предводи државата, таа одби да го изговори (новото) уставно име  – и наместо тоа, во својата заклетва го употреби старото име.

За што, инаку,  три децении се водеше спор, што се разреши со историскиот Преспански договор, со кој  се отвори вратата на земјата за Европа и патот за (конечното) македонско европеизирање.

Госпоѓата професор, претходно,   се фалеше дека  таа нема да го употребува новото име,  како и дека ќе ја направела Македонија  „одново горда“ (без уставното име), иако до тогаш, официјално, државата беше  само ФИРОМ.

Ниту скандал, а ниту гаф

Притоа, таа ( и нејзините) ги уверуваа јавноста и гласачите дека тоа,  за час ќе го средат  , добро знаејќи дека тоа така не може да оди, доколку стане шеф на државата.

Од друга страна, правејќи се неуки   дека  газењето на Уставот од  страна на новоизбраната претседателка, при првиот  нејзин јавен настап- давајќи заклетва- не е дипломатски скандал, затоа што амбасадорката на Грција ја напуштила цермонијата на инаугурацијата, во знак на протест, или дека станувало збор за гаф, што треба да се заборави.

Во случајов, станува збор за сериозна провокација- намерно направена- па таа затоа и така беше примена.

Затоа што, сепак,   тешко  е да се поверува дека еден професор по право не ги знае основите на  правниот систем за тоа дека- непочитувањето на Уставот на земјата, од страна на шефот на државата, претставува тежок престап. Нешто кое во други земји, каде се почитуваат и демократијата и правото- се оди и на одговорност.

Лажен патриотизам

Во македонските прилики , меѓутоа, тоа се смета за „патриотизам“ и за чин на „национално освестување“ , додека непочитувањето на  меѓународни договори се означува како „комитско херојство“.

Во цивилизираниот свет, пак,  така не се гледа на работите, па веднаш од Брисел се огласи претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен предупредувајќи го Скопје да се држи до она што е договорено и што веќе неколку години се спроведува.

Грција реагираше со можноста работите целосно да застанат кога станува збор за македонскиот пат кон ЕУ, а да се блокираат и низа договори и протоколи кои се веќе покренати меѓу двете соседни земји.

На тоа се надоврза и соседна Бугарија, посебно нејзиниот (кон Македонија) воинствен претседател- националист и русофил-  дека многу брзо ќе се види дали Скопје сака да влезе во ЕУ.

Дилетантски толкувања

Како и да е, од тој момент , провокацијата, почна слободно да се толкува од власта која доаѓа. Прво, беше дека е направен ненамерен гаф, а потоа медиумите и надвор од земјата пренесоа дека – „кабинетот на претседателката појаснил оти во иднина, таа ќе го употребува уставното име на државата“.

Излезе дека некому ова не му се допадна, зашто изгледаше дека  вмровските  гласачи, остануваат измамни на самиот старт, па се пушти приказна дека соопштението-  не било правилно протолкувано.

Мораше брзо да се најде нова лажга за домашната јавност, па  професори и „правни експерти“ на партијата на избеганиоѕ лидер-осуденик, почнаа да даваат свои „научни“ толкувања.  За тоа дека госпоѓата-професор, всушност, зборувала „ лично и во свие име и дека не бил погазен Уставот“, или дека таа, „приватно, може да ја означува земјата како што сака“ , што е апсурдно, затоа што таа сега ја има највисоката позиција во државата.

Претседателка само за своите

Круна на целата оваа правна лакрдија- за да (отпосле)  се прикрие направената провокација- е огласувањето и на  еден поранешен амбасадор и екс министер за надворешни работи (Срѓан Керим). Целиот случај, тој   го окфалификува како- обраќање на новозбраната шефица на државата – „само кон своите гласачи“. Односно само кон оние кои гласале за неа и за  нејзината заложба да не  се почитува уставното име.

Премногу будалесто од еден министер и дипломат. Затоа што тоа, практично, значи дека  госпоѓата е претседател само на своите гласачи. Што   ќе рече, само на вмровците, а другите треба да не ја почитуваат, да ја игнорираат или (едноставно) да си изберат свој претседател.

Во секој случај,  загрижува што ова се политикански вмровски игри со кои се навестува  тактиката на новата власт, а таа  е истата како и на избеганиот лидер-  да се согласи со Западот за правење  итен договор за името ( идентичен како Преспанскиот), а потоа да ги измами Американците и Европејците.

(Спектатор)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе