Оскаровката Колман жали што не е машко
Актерката- оскаровка Оливија Колман, изјави дека „жали што не е машко- затоа што како жена заработува многу помалку од нејзините машки колеги“.
Во интервју за Си-Ен-Ен , таа има речено дека ќе добивала повеќе за нејзините филмски и телевизиски улоги доколку би била маж. „ Сосема е јасно дека ако бев Оливер, а не Оливија Колман, ќе добивав повеќе пари“- рекла оваа актерка.
Актерките се попопуларни
Прашањето за нееднаквото наградување на актерките и на актерите – за нивните улоги и во еден ист филм- во Холивуд е покренато уште пред десетина години. Сепак и после бројни преговори и ветувања од страна на филмските компании, работите не се изменети.
Најновата ранг-листа на десете најдобро платени актери, покажува дека на листата има само две жени.
Тоа се случува, иако истражувањето што е направано открива дека актерките во филмовите многу често се причината за успехот на едно остварување кај публиката- а и носат поголеми приходи остварени на кино-касите.
Машките актери, меѓутоа, имаат повисоки хонорари и според Колман тоа се должи на убедувањето дека актерите – ги носат филмовите и носат повеќе пари- што таа смета дека не е точно.
Примерот со „Круната“
Оливија Колман е на А-листата на Холивуд од 2019 година, кога доби Оскар за најдобра женска улога, толкувајќи го ликот на британската кралица Ана, во филмот „Фаворит“. Освен за оваа улога, таа уште на два пати беше номинирана за Оскар.
Како најдобар пример за нееднаквоста во висината на нивните хонорари, Си-Ен-Ен го посочува случајот со серијата „Круната“ во продукција на Нетфликс, во која сега настапува Колман, во улогата на ( починатата) кралица Елизабета Втора.
Претходничката на Колман во оваа улога, актерката Клер Фор, како кралицата Елизабета, имала помал хонорар ( била помалку платена) од актерот Мат Смит кој го толкувал ликот на принцот Филип, нејзиниот сопруг, чија улога во серијата е неспоредливо помала.