Трите судења на Никола Саркози
Францускиот второстепен суд му ја потврди казната на поранешниот претседател Никола Саркози , на која беше осуден во првостепената постапка- една година затвор , од што шест месеци условно- за случајот со прекумерното трошење пари во предизборната кампања во 2012 година.
Судот, во ноември претходната година, одново им судеше на Саркози и на уште деветмина други лица, за оваа афера, откако сите вложија жалба на првостепената пресуда, според која сите беа прогласени за виновни и осудени.
Во текот на жалбената постапка, обвинителството бараше затворска казна од една година- условно. Судијата, сепак, ја потврди претходно донесената казна.
Илегално финансирана кампања
Поранешниот министер за внатрешни работи и во еден мандат (2007/2012) шеф на државата, одлуката на судот ја има примено мирно , без никаква реакција. Тоа е различно од првото судење , во септември 2021 година , кога гневно ги отфрлаше обвинувањата, тврдејќи дека станува збор за „лаги, измислувања и за хајка врз него“ .
Неговиот адвокат, меѓутоа, изјави дека случајот не е затворен и дека неговиот клиент ќе се жали до Касациониот суд на Франција, највисоката судска инстанца за вакви случаи и понатаму тврдејќи дека не е виновен.
На првото судење, Саркози беше осуден затоа што речиси двојно ги има надминато трошоците за неговата кампања за добивањето на уште еден претседателски мандат, од пред 11,5 години кој не успеа да го добие.
Наместо да ја почитува законската граница од 22,5 милиони евра, за неговата претседателска кампања биле потрошени 43 милиони. Според францускиот закон , во вакви случаи, кампањата се прогласува како- илегално финансирана.
Лажни фактури за трошоци
Судот и во двете судења има утврдено дека Саркози, за разлика од другите обвинети, сепак, не бил вклучен во правењето лажни фактури, за да се прикријат екстра трошоците за неговата кампања. Но, се смета дека морал да знае и да контролира што работи екипата која ја водела кампањата , од која поранешнниот претседател барал да биде обемна и со – еден состанок, или собир дневно.
Осуден е и затоа што претходно бил предупреден дека се соочува со ризикот да ги прекорачи предвидените трошоци.
Малку е веројатно дека Саркози ќе оди во затвор, бидејќи и при првото судење беше одлучено казната да ја издржува во домашен притвор, со електронска белегзија на ногата.
Ова судење се надоврзува на претходната пресуда , од мај 2023 година, кога беше осуден на три годни затвор, од кои две се условна казна, за корупција и трговија со (политичко) влијание. Казната ја издржува во домашен притвор.
Корупција со политичко влијание
Според судијата на ова судење, Саркози во 2014 година, го има искористено својот статус на поранешен претседател , настојувајќи преку еден обласен, висок судија да дојде до информации и до податоците од судска постапка во која самиот бил вклучен. За возврат ветил дека – како екс шеф на државата- на тој судија ќе му обезбеди да добие висока функција – во владата на Монако да биде министер за правда.
Во овој процес, беа осудени и сега веќе поранешниот судија- подмитлив и со големи амбиции- Жилбер Азибер, како поранешниот адвокат Тиери Ерзог кој бил посредник во оваа корумптивна работа.
Тоа значи дека веќе во два судски процеси, поранешниот претседател на Франција е прогласен за винивен и осуден, без разлика што и двете затворкси казни се заменети со домашен притвор и со носење белегзија- за да се следи неговото движење. Но, Саркози се соочува и со уште едно обвинување и со ново, трето судење, во 2025 година – за „примање странски пари за својата претседателска кампања уште во 2007 година- (од поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи)- што со француските закони е забрането.
Грешни француски политичари
Саркози (67) и за пресудата- за корупција и трговија со политичко влијание- се има жалено до Касациониот суд, чекајќи ја неговата одлука. На медиумите им има изјавено дека, во секој случај, нема никаква корупција, ниту злоупотреба на поранешната функција, па дека затоа, сега со сите сили настојува да се „ ослободи од овие валканици кои му го имаат целосно уништено угледот“.
Како и да е , ова и судењето на прекорачените пари за изборна кампања, се смета како преседан во француското правосудство, иако Никола Саркози не е првиот претседател на Франција кој по повлекувањето од Елисејската палата, бил изведен на судење и осуден.
Пред него то му се случи на Жак Ширак кому му се судеше за проневера, во процес кој се развлече со децении, но во времето додека бил градоначалник на Париз. Беше, конечно,
осуден на три години затвор ( условно) пред крајот на својот живот, пам и покрај се што му се припишуваше- беше погребан како поранешен претседател и државник.
Случаите со Ширак и Фијон
Обвинети и судени биле и други француски политичари, најчесто министри и високи функционери ( како Франсоа Леотар) – но и екс премиери. Едуар Баладур, е еден од нив, како и поранешниот премиер и претседателски кандидат на француската републиканска партија Франсоа Фијон.
Овој политичар, после неуспехот да биде номиниран за претседтелски кандидат, извесно време работеше за руската нафтена компанија Газпром, но беше уапсен во Франција и осуден за измама. Затоа што и овозможил на сопругата да прима плата- како парламентарна советничка- иако таа никогаш тоа не го работела и (велат) нема влезено во зградата на Парламентот.
Саркози, пак, целосно се повлече од политиката кога неговата десно-центристичка, републиканска партија не го номинираше за претседателски кандидат за изборите во 2017 година, кога победи Емануел Макрон. Во вториот изборен круг тој застана зад сега актуелниот шеф на државата.
(П.Ф.)