Јапонија- 380 луѓе спасени за само 90 секунди
Сликите од големата огнена топка, создадена околу авионот што се движи по пистата на аеродромот во Токио, го заобиколија светот шокиран од глетката и од тоа дека Новата година започнува со тешка авионска несреќа.
Но наместо броење на жртвите, светската јавноста остана вчудоневидена од податокот што ја следеше сликата од запалениот авион- дека во оваа несреќа ниту еден од неговите 380 патници и членови на екипажот не е загинат- велат дека нема ниту посериозно повредени.
Неверојатно звучи податокот дека за само 90 секунди, сите кои биле во леталото , безбедно излегле низ неговите излезни врати.
Судар на два авиона
Сето тоа само благодарејќи на ладнокрвноста и умешноста на целиот екипаж, како и на дисциплината на патниците. Иако меѓу нив имало и такви кои со камерите на своите мобилни телефони снимале што се случува- додека кабината се полнела со чад.
Според аеродромските власти и токиската полиција во сударот на два авиони- едниот „Ербас А-350“ на јапонската компанија ЈАЛ, а другиот „Даш“, на јапонската крајбрежна стража- има шестмина загинати, сите во помалото летало , за кое се верува дека ја предизвикало несреќата.
Станува збор за судар на двата авиона- патничкиот„ Ербас“ кој слетувал во Токио и специјалното летало кое полетувало – за да носи помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес што малку пред тоа ја погоди Јапонија.
Ладнокрвна и обучена посада
Покрената е истрага за тоа како воопшто можело да дојде до ваква несреќа во која големиот патнички авион се запалил и горел до запирањето на моторите, а малку по излегувањето на сите патници , целиот се нашол во пламен, за да набргу биде проголтан од огнената стихија.
Она што, сепак, привлекува најголемо внимание е како се успеало- една катастрофа да се претвори во триумф на оваа авионска компанија. Притоа, авионски експерти од Америка и од Европа, анализирајќи го случајот се согласуваат дека сето тоа (овој пат) не е последица на безбедното летало, туку е резултат само на максималната безбедносна дисциплина на посадата на ЈАЛ.
Особено што за да биде целата оваа несреќа уште понеобична, јапонските медиуми открија дека капетанот на „Ер-басот“ не забележал дека авионот што го управува гори – се додека за тоа не го известиле стјуардесите.
Коренот е во јапонскиот менталитет
Експерите објаснуваат дека јапонската компанија со години на ред има вложено многу труд и секако многу пари за создаавање безбедносни мерки при тешки и при вонредни ситуации ( како оваа), но и во темелната обука на посадите.
Се верува дека токму брзата реакција на посадата има спасено многу животи, откако за само неколку секунди, гумените тобогани биле спуштени и по нив изкегувале патниците од авионот што горел.
Безбедносните мерки во последните години се унапредени, како авионите стануваа поголеми и носеа со себе повеќе патници. Но, експертите сметаат дека за успехот ЈАЛ да се нареди меѓу најбезбедните авионски компании, свое влијание има и јапонскиот менталитет- а тоа значи, прописите, во случајов безбедносни- да се научат и доследно да се применуваат.