Центри за прифаќање мигранти од Италија во Албанија
Владата на Италија ќе изгради во Албанија центри за прифаќање на илегални мигранти кои на италијанската територија пристигнуваат преку Медитеранот. Тоа е суштината на посебниот , билатерален договор, меѓу двете соседни земји со кој владата во Рим планира да го намали бројот на ваквите мигранти.
Според италијанската премиерка Џорџа Мелони изградбата на овие прифатни центри на албанска територија треба да биде завршена до пролет следната година, со првичен капацитет од околу три илјади лица. Но во Рим се верува дека набргу нивните капацитети ќе бидат подготвени да можат да обработуваат барања за 36 илјади мигранти годишно.
Повеќе од 140 илјади мигранти се пристигнати во Италија оваа година, илегално, во импровизирани чамци и во мали бротчиња од африканскиот континент преку Медитеранот. Тоа е големо зголемување во споредба со вкупно 88 илјади , во споредба со минатата 2022 година.
„Заедничко управување со кризата“
Владата на Мелони се обиде да се справи со напливот од илегални мигранти, на тој начин што силно ја заостри казнената политика и ги зголеми казните за шверц на луѓе , а потоа и го зголеми и бројот на прифатни центри за овие мигранти низ Италија, пред тие да бидат вратени назад во земјите од каде се дојдени.
Освен тоа, владата во Рим подолго време настојуваше да најде и да уреди вакви прифатни центри , надвор од територијата на ЕУ, првично преговарајќи со некои од земјите на Северна Африка, но според италијанските медиуми, никој не сакал да прифати еден ваков аранжман со Рим.
Во изјава по потпишувањето на договорот со албанскиот премиер Еди Рама, премиерката Мелони има речено дека „станува збор за европски договор кој покажува дека сепак е можно да се работи заеднички при управувањето и справувањето со миграциските прашања“.
Таа има речено дека ваквите мигранти ќе останат во центрите ( во Албанија) онолку време колку што е потребно за брза обработка на барањата за азил, или ако треба за нивна репатријација. Од кабинетот на Мелони ги отфрлаат тврдењата дека Италија ќе и дава пари на Албанија за овое прифатни центри.
Под италијанска јурисдикција
Исто така, пактот за мигранти со владата во Тирана се однесува само за илегалните бегалци кои ќе бидат спасени само од италијанската морнарица , или од тамошната крајбрежна стража.
Италија ќе изгради прифатен центар за идентификација на мигрантите во едно од албанските помали пристаништа, како и центар за репатријација во внатрешноста на земјата. И двата центра на албанска територија ќе бидат под италијанска јурисдикција.
Премиерот Еди Рама во Рим има изјавено дека „Албанија и тој чувствуваат должност да и се помогне на Италија, поради специјалните односи меѓу двете земји.
Така, меѓутоа, не мисли и албанската, десничарска опозиција. Нејзиниот лидер Сали Бериша го критикуваше овој мигрантски пакт, обвинувајќи го Рама дека “потпишува се и сешто“.
Во текот на оваа година, најголем број прекуморските, илегални мигранти биле од Тунис, како и од Гвинеја и од Брегот на Слоновата коска.
(С.Г.)