Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Вагнер“ станува војска на Кремљ

„Вагнер“ станува војска на Кремљ

Кремљ и Владимир Путин не се откажуваат од услугите на  платеничката група „Вагнер“, на сега убиениот основач и лидер Евгениј Пригожин , па за таа цел  рускиот претседател веќе разговарал со поранешниот командант на вагнеровци, Андреј Трошев, познат во руската јавност по прекарот “Белокосиот“.

Според официјалното соопштение , издадено за оваа средба, Путин од Трошев барал да определи  – на кој начин  оваа паравоена единица- може да се врати  на фронтот во Украина, за да војува против украинските сили.

Промоција на новиот водач

Платениците се повлекоа од Истокот на Украина, каде војуваа уште од првата агресија на Москва, во април 2014 година, непосредно пред почетокот на бунтот на „Вагнер“ и на Пригожин против воениот врв , што брзо се претвори и во бунт против Кремљ, откако вагнеровците тргнаа на марш кон Москва.

Официјално, Путин со „Белокосиот“ разговарале за тоа кои и какви задачи „Вагнер“ може сега да извршува, кога неговите крилја се прилично потсечени, при што (се вели) дека рускиот претседател изразувал респект за искуството што Трошев го има во работата со платеници и посебно со групата „Вагнер“.

Но, московски и европски аналитичари веруваат дека станува збор за промоција на „новиот Вагнер“ под команда на Трошев и под директна контрола на Кремљ и на претседателот,  што се навестуваше уште по бунтот на Пригожен во крајот на јуни . Пред  тој да биде брутално ликвидиран со соборувањето на неговиот приватен авион.

„Седој“ лојален на Путин

Андреј Трошев, кој во соопштението од средбата се означува како вработен во Министерството за одбрана, уште во тоа време се навестуваше како наследник на Пригожин одбран за тоа од Путин.

Освен тоа, соопштувањето на една ваква средба, која нормално би било да биде затворена за јавноста, само покжува дека Путин и понатаму има  потреба од „Вагнер“ и од платеничка војска и дека овојпат сака сите тоа да го знаат.

Токму таквата војска ,  во времето на Пригожин, ги има изведувано „валканите операции“ на Русија- во реонот на Донбас, тогаш прикриенио војувајќи против Укранците, прикажувајќи го тоа како „бунт“ на незадоволните Руси во тој дел од Украина. Но, и во Сирија, за одбрана на режинот на Башара ал Асад, како и во потсахарска Африка.

Од друга страна, промоцијата на Трошев- за кого велат дека му е крајно лојален на Путин- треба да покаже дека претседателот  повеќе нема да дозволи ново понижување, како она што му го приреди Пригожин.

Искусен воен ветеран

Се проценува дека без разлика на довербата што претседателот ја има кон новопоставениот,  „Вагнер“ , сепак, станува дел од руското министерство за одбрана, а дека крајниот збор и командата со групата- ( практично) ќе ја има Путин.

„Белокосиот“ или „Седој“ на руски, како што во јуни пишуваше Скопје/Глобал-  е искусен војник и припадник на руските безбедносни сили.

Роден е во 1953 година во Ленинград ( сега Санкт Петербург) како и Путин. Тој е пензиониран полковник и еден од оснивачите ( со Пригожин) на платеничката група „Вагнер“ создадена за потребите на операцијата во Луганск и Донецк. Подоцна бил поставен за шеф на операцијата на Москва во Сирија.

Во Сирија, според западни безбедносни извори, бил директно вклучен во операциите на „Вагнер“ во реонот Деир ес Сора, давајќи клучен придонес во спасувањето на сирискиот  режим, извршувајќи притоа репресалии врз сириските цивили кои му се спротивставувале на Асад.

Отворен простор за дејствување

Како негов сорабоник од тоа време се споменува  уште еден од основачите на „Вагнер“- Дмитри Уткин- ветеран од „валканите руски операции“  и еден од командантите на руската воена разузнавачка агенција ГРУ, која изведува ликвидации на противниците на рускиот режим.

И Уткин , меѓутоа, како заменик на Пригожин, беше ликвидиран во соборениот авион.

За Трошев, затоа, се зборува дека сега има отворен простор да го прилагоди „Вагнер“ на барањата и на потребите на Кремљ и на рускиот претседател, особено што „Белокосиот„  е близок и со двајцата водечки команданти на оваа паравена единица.

Трошев  бил вклучен во двете војни на Русија во Чеченија, во времето додека оваа муслиманска република се обидуваше да се избори за независност, но и од промашената војна на поранешен СССР во Авганистан, по која оваа некогаш мирна средноазиска земја, беше претворена во трајно нестабилна и во постојана воена зона.

Андреј Трошев, заедно со Уткин и со Путин, се наоѓа  на сега веќе познатата фотографија од еден прием во Кремљ, во 2016 година, кога Москва, практично, призна дека „Вагнер“ е нејзино чедо.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе