Мигрантите умираат и во пустината
Либиските власти соопштија дека во пустината имаат откриено мртви тела на над 35 илегални мигранти од подсахарска Африка, кои се обидувале да стигнат до медитеранскиот брег и преку територииите на Либија и Тунис да се префрлат во Европа.
Колку што се знае, ова е едно од ретките откритија дека африканските мигранти умираат и во пустинските делови од континентот, а не само во импровизираните пловила и чамци кои настојуваат илегално да го преминат Средоземно море.
Либиско-туниски караници
Излегува дека ситуацијата со „илегалците“ се усложнува затоа што владите на двете арапски земји- Либија и Тунис- не можат, или не сакаат да се спогодат за заедничко дејствување во врска со бранот вакви мигранти кои минуваат преку нивните територии.
Додека тој бран не запира, либиските и туниските власти продолжуваат меѓусебно да се обвинуваат- како за протокот на мигранти преку нивните земји, така и за односот на властите кон мигрантите.
Во Триполи тврдат дека либиските лекари ги спасуваат тешко изнемоштените бегалци кои ги откриваат во пустината, додека Тунис се обвинува за отстранување на африканските бегалци од тунискиот крајбрежен појас. Се тврди дека ги пренесуваат на други локации, или еднставно, ги враќаат во пустината и таму ги оставаат.
Властите на оваа земја неодамна признаа дека група мигранти „биле потиснати и оставени“ во граничните реони на Тунис- кон Либија и кон Алжир.
Оставени во пустината без вода и храна
Ваквите состојби се откриваат откако источниот брег на Тунис се искачи пред Либија како појдовна точка од каде африкански мигранти и бегалци се префрлаат во Европа. Тоа ,пак, уште повеќе ја има зголемено напнатоста и нетрпеливоста на локалното (туниско) население кон бегалците.
Либија која ги нема се уште до крај средено своите односи со соседната држава , обвинува дека туниските безбедносни сили, на сила ги префрлаат мигрантите и таму ги оставаат без вода и храна. Остатоци од човечки тела за откриениот најнов случај се најдени сосема близу до либиско-туниската граница.
Една истрага која била преземена има утврдено дека само во јули годинава биле протерани од Тунис над 750 африкански мигранти. Тие уште се жалат дека арапските власти им го бришат идентитетот и ги пуштаат да пловат по Медитеранот без контрола, каде многу често страдаат во поморски несреќи.
Либија останува „мигрантска порта“
Во секој случај, ризикот што овие луѓе го преземаат , измамени од бандите кои шверцуваат луѓе и заработуваат многу пари, е голем, затоа што или ќе загинат по патот низ пустината, или ќе настрадаат на море.
Но, бранот со мигранти кон Европа , на оние кои сакаат да избегаат од своите земји кои. пак, не прават ништо тој бран да се блокира, не се намалува. Засега не помагаат настојувањата на ЕУ да се договара со арапските земји и да помага (материјално) во борбата против илегалната миграција.
Од друга страна, и покрај зголемувањето на мигрантското префрлање од тунискиот брег кон Европа, прво кон Италија, Либија и понатаму е главната транзитна точка и „отворена порта“ за бегство на Африканците кон европските земји.
Затоа што оваа држава богата со нафта и со гас, никако не успева да се стабилизира и да воспостави каква-таква политичка стабилност , останувајќи во хаосот на практично поделена држава.
Нестабилна и поделена земја
По бунтот во 2011 година и соборувањето на режимот на Моамер Гадафи , една деценија во земјата траат внатрешните судирања.
Меѓу Западот од Либија, а светот ја признава како легитимна токму владата во Триполи и бунтовничкиот Исток, во Бенгази, каде се наоѓаат главните резерви со нафта. Од таму доаѓа отпорот и настојувањето на бунтовничкиот генерал Хафтар да ја преземе контролата врз целата земја.
Згора на се во оваа либиска политичка мешаница се замешани и Египет, Турција и Русија , чии паравоени сили Вагнер се смесетени на крајниот либиски Исток, имајќи ја согласноста на бунтовничкит генерал да дејствуваат и во земјата и во соседството- сега во пучот во Судан.
Во една ваква ситуација, тешко може да се очекува некаква единствена либиска акција со и околу мигрантите , колку и во Триполи да уверуваат дека настојуваат да воспостават ред и дека се спремни да се спогодуваат.