Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

САД и ЕУ со остро предупредување за Косово

САД и ЕУ со остро предупредување за Косово

САД и ЕУ остро ја предупредија косовската влада околу најновата криза создадена со избрзаните решенија на премиерот Албин Курти, барајќи  од неа да попушти во спорот со локалните Срби, на северот од земјата, заканувајќи и се на Приштина дека ќе се соочи со сериозни последици.

Ова е прв пат Западот вака да реагира на однесувањето на косовските власти кое ги има збунето косовските политичари кои се имаат поделено околу инсистирањето да им се даде автономија на косовските општини со мнозинско српско население, доколку навистина сакаат да се приклучат на евро-атланските интеграции.

Ескалација на насилствата

Ваквото предупредување доаѓа откако американските и европските дипломатски претставници престојуваа и во Приштина и во Белград, во обид да ги смират тензиите кои прераснаа во насилство. Во насилните протести на делови од српското население,  минатата недела  имаше триесетина повредени  кај силите на НАТО, стационирани во земјата кои интервенираа за да спречат ескалација на непријателствата меѓу српските демонстранти и косовската специјална полиција.

Насилството избувна откако властите во Косово се одлучија во  српските општини на северот од Митровица, да се сместат новите градоначалници – сите од албанска националност-иако ЕУ и САД претходно сугерираа да не се прави тоа.

Овие градоначалници се избрани на набрзина изведените дополнителни локални избори, на кои српските политички претставници одлучија изборите да се бојкотираат, по налог на официјален Белград.

Така и се случи на изборите да излезат само 3,5 отсто од запишаните гласачи, што и беше цел на српската страна и на локалните Срби. На тој начин тие ќе можат да не ги прифаќаат ниту изборите, а ниту власта добиена на такво гласање.

Закана на Ескобар

Американскиот специјален пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар изјави дека Косово ќе мора да им даде поголема автономија на општините на косовскиот север каде локалните Срби се мнозинско население.

„Преземањето, или непреземањето акција може да има последици кои може да влијаат врз односите меѓу Косово и САД “- има речено Ескобар, не сакајќи притоа да навлегува во детали за тоа каква би можела да биде американската реакција.

Ниту тој, а ниту Мирослав Лајчак кој е специјален пратеник на ЕУ, немаат дадено дополнителни објаснувања за тоа дали владата на Албин Курти би можела да се соочи со поголеми последици , доколку не се сложи со барањето на Западот.

Премиерот Курти, пак,  побрза да објасни дека односите на Приштина со САД и ЕУ „остануваат прекрасни“ но и призна дека владата има „предизвици со пратениците од ЕУ и САД“. Тој притоа порача дека „овие работи ( околу автономијата) не се решаваат со притисоци и со истакнување на можните последици, па дури и со закнување со санкции“.

Барање за нови локални избори

Познато е дека Западот бара од Курти да ги повлече веќе поставените градоначалниви и да ја тргне од северот специјалната полиција која помагаа при воведувањет на градоначалниците на нивните функции.

Од Приштина се бара и да се закажат нови избори , на кои би учествувале и локалните Срби, но и да се испочитува спогодбата од 2013 година , за формирање Заедница на српски општини (ЗСО).

Косовските власти, меѓутоа, делува како да продолжуваат да се пазарат со ЕУ и со САД ( нешто што од поодамна го прави и официјален Белград). Претседателката на Косово Вјоса Османи изјави  дека би можело да се организираат нови локални избори во српските заедници, доколку 20 отсто од населението потпише петиција со која бара повторно гласање.

Неидентификуван висок косовски функционер, пак, има изјавено дека земјите кои помогнаа Косово да стекне независност, по целосното повлекување на Србија од тогашната покраина, во летото 1999 година, сега  сериозно го имаат предупредено Курти.

Почитување на договорот од 2013 година

Пораката на Западот е дека  Косово ќе се соочи со „низа казнени мерки“ ако продлжи да се опира на барањата , што инаку се дел од спогдбите што веќе ги имаат прифатено и Косово и самиот Албин Курти.

Првата таква мерка  веќе се има случено, со одлуката на Вашингтон  да го откаже учеството на Косово во воените вежби предводени од САД. Во Брисел, засега, не реагираат со мерки, но претставник на ЕУ има изјавено дека се чека извештајот на Лајчак , по кој шефот на европската дипломатија  Јосеп Борел ќе се определи за следните чекори на Унијата, по консулациите со чланките на ЕУ.

Во секој случај се вели дека се ќе зависи од ситуацијата на теренот и од тоа дали двете страни ( тоа значи и Белград) преземаат искрени чекори за деескалација на предизвиканата криза.

Засега е само познато дека покрај досегашните 4000 НАТО војници на Косово, контнгентот е засилен  со нови 700 војници од турската армија кои се веќе на теренот,  со дополнителна воена и друга опрема.

Европски аналитичари проценуваат дека ЕУ и САД би можеле ( како крајна мерка ) да се определет Косово да биде исклучено од некои меѓународни организации.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе