Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Зоран Милановиќ: „Слава Украини“ е нацистички поздрав

Зоран Милановиќ: „Слава Украини“ е нацистички поздрав

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ го изедначи патриотскиот украински поздрав – „Слава Украини“ со хитлеровскиот „Зиг Хаил“ од времето на нацистичка Германија и предизвика бранување во европската јавност, како и осуда во европските медиуми кои забележуваат дека ова е една од неговите бројни контроверзни изјави што ги има дадено во изминатите две години,

Зборувајќи на една прослава во Загреб, Милановиќ се  огласил  со една ваква, најблаго речено, неумесна изјава која за  Украинците  е навредлива, тврдејќи дека со овој украински поздрав, кој се има вретено во тамошната јавност по првата руска агресија од 2014 година, a посебно по инвазијата од пред 15 месеци – „се убивани Полјаци и Евреи“  во текот на раните години на 20 век.

Тврдејќи притоа дека станува збор за „ поздрав на најрадикалните шовинисти од западна Украина кои биле и колаборационисти-квислинзи на нацистите ( во Вторатата светска војна)“  и кои- како што има речено хрватскиот претседател- „убивале секого кој ќе им се најде на патот“.

Поздрав што го користи Зеленски

Телевизијата „Јуроњуз“ која инаку остро реагира на ваквата изјава на претседателот на една европска држава (членка на ЕУ и на НАТО), објаснува дека станува збор за поздрав на украинските вооружени сили, дека тоа  е и рекламен слоган што се среќава на билборди низ Украина, дека го има дури и на банкарски картички,  како и дека со него претседателот  Зеленски ги завршува своите обраќања до јавноста.

Милановиќ, всушност, настојувал да го декриминализира поздравот – „За дом спремни“- од времето на   квислиншката НДХ ( Независна држава Хрватска) во времето на Втората светска војна, која за неколкуте години постоење била лојален сојузник на нацистите на Адолф Хитлер.

Хрватскиот претседател, едноставно, ги има  изедначено украинскиот „Слава Украини“ со контроверзниот хрватски поздрав, инсистирајќи во обраќањето во Загреб, дека „ меѓу овие два поздрава нема никаква разлика„.

Изедначување со „За дом спремни“

За европскиот медиум , меѓутоа, тоа е неодржливо, па се потсетува дека воениот режим на НДХ од историчарите е означен како еден од најкрвавите меѓу нацистичките сојузници во војната, познат и по неговите етнички чистења и ликвидации на нехрватското население- а пред се , на Евреите, Србите и на Ромите.

Ваквите коментари на Милановиќ, според европските медиуми, значат само пресликување на ставот на Русија ( кон Украина и власта во Киев) , кое како обвинување од Кремљ беше еден од првите изговори на Владимир Путин за инвазијата врз украинската територија. За тоа дека ,наводната,   руска „специјална воена мисија“ е покрената и се води за елиминација на „нацистичкиот режим“ во Украина кои бил закана за Русија.

Конечно, она што сега го зборува Милановиќ, прикажувајќи го како сигурен податок од историјата, први го споменаа во Москва – Путин и оние кои ја смислија инвазијата против Украина , за да ја казнат земјата поради нејзината „шарена револуција“ и свртувањето кон Западот.

Во служба на Кремљ?

Токму руската страна тврди дека власта на Зеленски е „идентична со организацијата на украинските националисти“ (ОУН) , од која , едно нејзино најрадикално крило, во Втората светска војна соработувало со Хитлер, како и тоа дека ОУН биле вклучени во холокаустот на украинска територија.

Тоа, сепак, нема врска со „Слава Украини“ , извик што го има испорачано најпознатиот украински поет Тарас Шевченко во 19 век, а по него бројни украински револуционери и политички активисти – многу години пред Втората светска војна.

Ваквата историја , претседателот Зоран Милановиќ не ја има споменато во својот настап во Загреб. Но, затоа,  тврди дека како и украинскиот поздрав  и хрватскиот – „За дом спремни“ бил од дамнешни времиња.

Недопустлива споредба

Познавачи на состојбите во денешна Хрватска, сепак, потсетуваат дека поздравот ( што сега е забранет и се казнува за неговата употреба) има и мачно и мрачно минато- не саамо за времето на НДХ, туку и во годините при распадот на екс Југославија.

Во тоа време беше користена од крајната националистичка десница, како и од нејзините паравоени сили – како војнички поздрав во воените судирања во деведесетите години од 20 век.

„За дом спремни“ на тој начин стана поздрав кој го користат само Хрватите , за да се манифестира етничката доминација врз другите кои живеат на територијата на Хрватска чиј претседател е Зоран Милановиќ.

За него се знае како за поранешен лидер на левичарските социјал-демократи, кој постојано беше во судир со домашната националистичка десница. Од 2011 до 2015 година беше премиер во еден мандат, а во 2019 се кандидираше и ја победи на претседателските избори Колинда Грабар-Китаровиќ , кандидат на десниот блок во тамошната политика.

Од тогаш, како шеф на државата, за Милановиќ се вели дека се погласно и почесто се префрла на десната страна од политичката сцена, делувајќи како десничар.

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе